Раководството на Националната служба за паркови - НСП (National Park Service – NPS) добило инструкции да ги остави отворени повеќето национални паркови доколку дојде до владино затворање, објави „Блумберг бизнисвик“ (Bloomberg Businessweek) повикувајќи се на интерен допис во кој имал увид.
Во дописот се наведува дека „патиштата низ парковите, видиковците, пешачките патеки и меморијалите на отворено генерално ќе останат достапни за посетители“.
Иако најголем дел од приближно 16.000 вработени се очекува да биде испратен на принуден одмор, администрацијата на Доналд Трамп планира да користи приходи од влезниците за да задржи мал број персонал што ќе се грижи за редот и безбедноста, итните интервенции, гаснењето пожари и здравствената заштита.
Прочитај повеќе

Златото постигна нов рекорд по затворањето на владата на САД
Златото достигна ново историско рекордно ниво во моментот кога САД започнаа со затворање на владата, со што се закануваат редица нарушувања, вклучувајќи и одложувања во објавувањето на клучни економски податоци.
01.10.2025

САД во владино затворање – Трамп и демократите во ќор-сокак
САД влегоа во прво владино затворање по седум години, Трамп најавува масовни отпуштања, а партиите остануваат во ќор-сокак околу финансирањето на здравството.
01.10.2025

Венс предупредува: САД се на работ на блокада, демократите и Трамп без договор
САД се соочуваат со нова блокада на федералната влада, додека републиканците и демократите остануваат поделени околу финансирањето и здравствените субвенции.
30.09.2025
Овој допис доаѓа по денови на неизвесност околу тоа како би влијаело затворањето на функционирањето на парковите, кои веќе се соочуваат со големи предизвици поради масовните кратења на персоналот во администрацијата на Трамп. Според процените на Националната асоцијација за конзервација на паркови (National Parks Conservation Association), НПС изгубила околу 24 отсто од своите вработени од јануари досега.
Во август вработените во националните паркови Јосемити и Секвоја и Кингс Кањон гласаа за синдикално организирање, главно како одговор на обидите на администрацијата да го намали бројот на федерални работници. Сега, преостанатиот персонал има само неколку часа за да одлучи како ќе се одржи работата на парковите, вклучувајќи ги и најголемите и најпосетувани како Јосемити и Гранд Кањон.
Дописот ги задолжува парковите да „подготват дневни финансиски процени за сите вработени и услуги“ за преглед и одобрување од директорот на НПС. За ваква задача, според Џеси Чакрин, извршен директор на здружението Фонд за луѓето во парковите (Fund for People in Parks), се потребни недели подготовки и координација, а не само неколку часа.
Активисти и поранешни директори на паркови ја повикаа администрацијата на Трамп, во случај на ново затворање, да ги држи парковите целосно затворени. Тие потсетија дека за време на 35-дневното владино затворање во 2018 година, кога парковите останаа отворени за јавноста без доволен персонал за надзор, беа нанесени сериозни, а некаде и трајни штети.
„Праисториски петроглифи беа вандализирани, артефакти од бојни полиња беа украдени, дрвјата џошуа беа исечени, а нелегални возила возеа низ кревки археолошки локалитети“, изјави Тереза Пиерно, претседателка и извршна директорка на Националната асоцијација за конзервација на паркови.
„Штетата беше разорна и, во некои случаи, трајна.“
Од Националната служба за паркови засега нема коментар.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...