Претседателот на САД, Доналд Трамп, размислува за укинување на „илјадници“ федерални работни места пред средбата со директорот за буџет Расел Воут, во обид Белата куќа да изврши дополнителен притисок врз демократите за да ѝ се стави крај на блокадата на владата, која влезе во својот втор ден.
„Најверојатно ќе станува збор за илјадници отпуштања“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, нагласувајќи дека „целиот тим во Белата куќа“ работи на идентификација на агенциите каде што би можеле да се направат кратења. „Ќе се фокусираме на оние институции што не се усогласени со вредностите на администрацијата и за кои сметаме дека се непотребно трошење пари на даночните обврзници“, додаде таа.
Изјавата на Левит следува откако Трамп во четвртокот на социјалните мрежи најави дека ќе се сретне со Воут за да разгледа кои федерални агенции би можеле да бидат предмет на кратења и дали тие мерки ќе бидат привремени или трајни. Притоа, тој некои од агенциите ги нарече „политичка измама“ на демократите.
Прочитај повеќе

Парковите во САД ќе бидат достапни за јавноста и за време на владиното затворање
Администрацијата на Трамп планира парковите да останат отворени за време на затворањето, и покрај сериозната штета што ја претрпеа во 2018 година.
01.10.2025

Дали социјализмот го освојува финансиското срце на Америка
Младиот и прогресивен левичар Зохран Мамдани стана сериозен кандидат за иден градоначалник на Њујорк.
06.07.2025

Двете партии во САД преку Конгресот се обединуваат против царините на Трамп
Последиците од новите агресивни царини на претседателот Доналд Трамп го поттикнаа Конгресот да преземе акција.
04.04.2025

Како ќе влијае прекинот на работата на американската влада врз пазарите?
Иако политичките блокади во САД ретко имаат долгорочно влијание, повторени или долготрајни кризи ја намалуваат довербата на инвеститорите.
02.10.2025
Републиканците се обидуваат да ја искористат заканата од трајни кратења во федералната бирократија за да ги натераат демократите да гласаат за повторно отворање на владата. Но, според дел од буџетските експерти, трошењето средства за трајни отпуштања во услови на блокада е спротивно на законот.
Расел Воут/Фотограф: Џим Ло Скалцо/EPA/Блумберг
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, во четвртокот се сретна со Трамп во Белата куќа. Тој претходно ја бранеше заканата на Трамп, велејќи дека претседателот има овластување да отпушта вработени и да врши кратења во време на блокада на владата. Вината за прекинот на финансирањето ја насочи кон демократите.
„Доколку продолжат да ја држат владата затворена, тоа ќе станува сè поболно“, изјави Џонсон пред новинарите. Тој додаде дека Белата куќа ќе се води според приоритетите на администрацијата и ќе обезбеди тие да останат финансирани.
Воут веќе почнал да го стопира финансирањето за транспортни проекти во Њујорк и за програми за чиста енергија во сојузните држави што на изборите во 2024 година гласаа за демократката Камала Харис.
Сè уште не е јасно колкав ќе биде обемот на намалувањето на федералната администрација, но сенаторката Шели Мур Капито, републиканка од Западна Вирџинија, предвиде значителни кратења.
„Дали мислам дека Рас Воут сака драстично да ја намали владата? Апсолутно. Тој е сосема јасен во тоа“, изјави Капито за Си-ен-би-си (CNBC) во четвртокот.
Потезите на Белата куќа – да го повлече финансирањето и да отпушта федерални службеници – имаат цел да извршат притисок врз демократите да гласаат за повторно отворање на владата. Овие тактики се многу поостри од вообичаените при блокада, кога најчесто некои од вработените се испраќаат на принуден одмор и подоцна добиваат заостаната плата откако ќе биде изгласано финансирањето.
Конгресната канцеларија за буџет проценува дека околу 750.000 вработени ќе бидат испратени на принуден одмор, што претставува економска загуба од 400 милиони долари дневно во непримени плати.
Политичко надмудрување
Министерот за финансии Скот Бесент ги обвини демократите дека преговараат неискрено околу финансирањето на владата.
„Демократите сакаат да преговараат како терористи“, изјави Бесент, додавајќи дека републиканците бараат „чисто“ продолжување на владиното финансирање. Демократите, пак, настојуваат во законот да се вклучат и субвенции за здравствена заштита.
Сенаторката Елизабет Ворен, демократка од Масачусетс, изјави дека демократите „молат“ за преговори, но досега не се одржале „буквално никакви разговори“ бидејќи републиканците не се вклучиле.
Анкета на „Вашингтон пост“ покажа дека повеќето гласачи ги обвинуваат Трамп и Републиканската партија за блокадата на владата отколку што сметаат дека се виновни демократите – со разлика од 17 проценти. Независните гласачи во голема мера застануваат на страната на демократите, а самите демократи се и посложни: само 67 отсто од републиканците ги обвинуваат демократите за блокадата, додека 87 отсто од демократите ја обвинуваат Републиканската партија.
Републиканците обично ја носат вината за блокадите
Кој, според вас, е главно одговорен за делумното затворање на федералната влада?
Bloomberg
Ниту Претставничкиот дом ниту Сенатот немаа закажано гласање во текот на вчерашниот ден, поради празникот Јом Кипур. Сенатот треба да се врати на работа денеска, но републиканскиот лидер во Сенатот, Џон Тјун, изјави дека е „малку веројатно“ да има гласања за време на викендот. Претставничкиот дом, пак, ќе почне со работа дури во вторник.
Конгресменот Бајрон Доналдс, републиканец од Флорида, рече дека очекува застојот да продолжи најмалку до почетокот на следната недела.
„Мислам дека веројатно ќе се пролонгира и во следната недела, можеби и подолго. Сè зависи од лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер“, изјави вчера Доналдс во интервју за „Фокс бизнис“ (Fox Business).
Демократите се залагаат за продолжување на субвенциите од Законот за пристапна здравствена заштита (Affordable Care Act), кои истекуваат на крајот од годината. Републиканците, пак, велат дека прво треба да се обезбеди финансирање на владата, а дури потоа да се водат преговори за ова прашање.
„Ниту една од овие блокади, без разлика дали биле иницирани од републиканци или демократи, никогаш не ја постигнала својата цел“, изјави конгресменот Том Кол, републиканец од Оклахома и претседател на Комитетот за распределба на средства во Претставничкиот дом.
„Тоа е навистина глупав потег.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...