НАТО постави „Источна стража“ откако минатата недела руските дронови навлегоа во полскиот воздушен простор. Паралелно, годинава по четири години се одржуваат и воените маневри „Запад“ на Русија и Белорусија. Тензиите растат, особено откако еден руски дрон викендов внесе вознемиреност и во Романија, уште една земја членка на НАТО.
Руските акции, според романската министерка за надворешни работи Оана Тоју, се тест за црвените линии на Алијансата. Таа додаде дека тоа ги поттикнува Романија и другите земји во Источна Европа значително да ги зголемат трошоците за одбрана. „Кога станува збор за Русија, треба да гледате што прави“, изјави Тоју во интервју. „Ова е нешто што ние многу добро го знаеме – Романија, Полска и уште некои земји – а мислам дека сè повеќе го разбира и остатокот од светот.“
Неодамна во интервју за „Блумберг Адрија“ Радмила Шекеринска, заменичка на генералниот секретар на НАТО и поранешната министерка за одбрана на Македонија, го повтори истото тоа – земјите-членки на Алијансата мора повеќе да вложуваат во одбраната. Тоа, според неа, ќе биде и поттик за одбранбената индустрија и, на крајот, за економиите на земјите.
Прочитај повеќе

Руските воени вежби ја зголемуваат вознемиреноста на НАТО по упадот со дронови во Полска
Русија и Белорусија се подготвуваат за воената вежба „Запад“, паралелно, НАТО одржува вежби во Европа
12.09.2025

Радмила Шекеринска за „Блумберг Адрија“: Поголемите одбранбени расходи се неопходни
На граѓаните на земјите членки на НАТО мора да им обезбедиме иста безбедност како и досега, но за тоа треба да вложуваме повеќе во одбрана, уверена е заменичката генерален секретар на НАТО, Македонката Радмила Шекеринска.
07.09.2025

На Европа очајно ѝ е потребна воената помош од САД
На Европа би ѝ биле потребни 1 трилион долари за да ги замени конвенционалните воени капацитети што САД ги имаат распоредено во регионот
06.09.2025
Најбараните нови кредитни зделки во Европа се поврзани со одбраната
Од тивки доставувачи до главни играчи, Европа привлекува рекорден капитал за модернизација на одбраната.
08.08.2025

Самит на НАТО: Бродот се ниша, ама барем капетанот е задоволен
Европските лидери се задоволни-Трамп потврди дека ќе ги брани европските сојузници
27.06.2025
„Погледнете како напредува руското воено производство, особено преку соработката со некои нивни сојузници. Тие го зголемуваат производството, навистина се обидуваат да ги надминат сите свои противници во производство, што не е во интерес на мирот и нашата безбедност. Затоа, за да ја обезбедиме нашата безбедност, мораме да вложуваме и да ги надминеме своите противници во производство. Рецептот за тоа е вложување во нашата безбедност“, изјави Шекеринска.
Колку вложува Македонија во безбедноста?
Македонија е последната земја што пристапи во НАТО пред инвазијата на Русија врз Украина. Земјава стана 30-та членка на Алијансата на почетокот на пандемијата, во март 2020 година. По почетокот на војната во Украина, во НАТО пристапија и Финска, непосреден сосед на Руската Федерација, и блиската Шведска.
Од пристапувањето на земјава во Алијансата значително расте и буџетот на Министерството за одбрана. Од скромните 8,5 милијарди денари во 2020-та, годинава изнесува над 20,4 милијарди.
„Континуираното вложување во процесот на модернизација и опремување го спроведуваме со една цел – раст и развој на одбранбените капацитети на армијата и зголемувањето на нејзината борбена готовност, што е клучно во гарантирањето на безбедноста на македонските граѓани и сигурноста на македонската територија“, одговорија од Министерството за одбрана за „Блумберг Адрија“.
Речиси третина од одбранбениот буџет годинава или над 106 милиони евра се наменети за процесот на модернизација и опремување на армијата.
„Годинава за таа намена одвојуваме 18 милиони евра повеќе во споредба со претходната 2024 година и тоа покажува дека сме посветени на овој процес“, велат оттаму.
Сепак, претходната министерка за одбрана Славјанка Петровска смета дека не е доволно да се зголеми буџетот, туку и да има трошење за модернизација и опремување, а во однос на тоа се забележува стагнација.
„Поточно, извештаите за реализација на буџетот покажуваат дека минатата година не се направени нови стратешки инвестиции, туку во најголем дел се сервисирање, односно исплатување на претходно склучени договори. И тоа не е добро. НАТО-целите се јасно поставени и секоја од нив има рок до кога треба да биде исполнета, тоа е така за да може да се има предвидливост и Алијансата да знае дека државата навреме ќе ги има капацитетите што се важни и за нашата национална безбедност, но и како придонес за безбедноста на Алијансата“, вели Петровска за „Блумберг Адрија“.
Славјанка Петровска, поранешна министерка за одбрана/Социјални мрежи
За Министерството, целите на НАТО се остварливи и ќе бидат исполнети.
„Кога станува збор за НАТО-целите на способности, мора да се има предвид дека тие се долгорочни и ние сме убедени дека, преку заеднички донесената одлука на самитот на НАТО за зголемено инвестирање во одбраната на ниво од 3,5 отсто од БДП за одбранбениот буџет и 1,5 отсто од БДП за проекти и активности поврзани со одбраната (или вкупно 5 отсто од БДП) до 2035 година, овие цели на способности низ годините ќе ги исполниме. Во таа насока, одбранбениот буџет постепено во следниот десетгодишен период ќе расте до тоа ниво“, велат од Министерството.
Како се модернизира АРМ?
Земјите од регионот, особено Србија и Хрватска, значително ги зголемија своите инвестиции во воени капацитети во последните години, вклучувајќи го и купувањето дронови.
Во 2023 година, според Петровска, и во земјава почна изработка на проект за набавка на дронови и „беше подготвена сериозна анализа во насока на оправданоста на набавка и повеќенаменска употреба на дроновите и за воени и за невоени цели“.
„Според информациите, кои се јавно достапни, нема поместување во насока на реализација на тој проект. Истовремено, тогаш промовиравме и македонска приватна компанија што досега требаше да започне со производство на дронови, но, за жал, не гледам реализација ниту на тој проект“, вели таа.
Од Министерството за одбрана велат дека во моментов се набавува широк дијапазон на опрема.
„Се набавуваат нови оклопни транспортери JLTV (вкупно 96, од кои 67 веќе се дел од арсеналот на армијата), нови оклопни транспортери ‘страјкер’, кои ги очекуваме наскоро, нови артилериски системи ‘боран’, кои се исто така веќе пристигнати во државата, нови системи за противвоздушна одбрана ‘мистрал 3’, во тек е набавката на новите хеликоптери ‘леонардо’, како и набавка на беспилотни летала, опрема за специјалните сили, лесно пешадиско вооружување, опрема за сајбер-заштита, опрема за разузнавање, неборбени возила, опрема за АБХО и многу други“, набројуваат од МО.
Социјални мрежи/Министерство за одбрана
„Од информациите што ги имам, постои загриженост дека и испораката на хеликоптерите ќе доцни, заради намерно одлагање и политизација на тој проект од страна на раководството на министерството, и тоа ќе предизвика не само финансиска штета туку и неисполнување на една од целите, а и државата ќе остане без потребната хеликоптерска поддршка. Затоа е многу важно носењето правилни одлуки, ослободени од политикантство и неоправдани сомнежи“, вели Петровска.
Македонија некогаш имаше воена индустрија
Во воената индустрија беа етаблирани две компании од земјава – „Сувенир Самоков“ и „Еурокомпозит“ од Прилеп. И двете компании помладите ги памтат како фирми што со години се под стечај и за кои се бара инвеститор, а не како производители на оружје.
Од Министерството за одбрана велат дека се отворени за поддршка, но напомнуваат дека воената индустрија е скапа инвестиција.
„Министерството останува отворено и подготвено да даде секаков вид на експертска и институционална поддршка за развој на овој сектор. Мораме да имаме предвид дека тоа е индустрија што е високотехнолошка, за која треба експертиза и која бара сериозни вложувања. Но нас ништо не нè спречува да размислуваме за одредена понуда на поволности за да привлечеме таков вид на компании што би инвестирале во нашата земја и кои не само што би донеле економска бенефиција туку и би придонеле кон трансферот на технологии“, велат оттаму.
Како се брани Македонија?
Според Петровска, членството во НАТО е најголемата инвестиција во нашата одбрана и тоа е чекор што беше донесен во вистинско време и за вистинска цел.
„Склучивме два договора за воздушно патролирање, еден со Република Грција, еден со Република Италија, од три страни граничиме со НАТО-членки, на север граничиме со две пријателски земји, Србија и Косово, но сепак важно е да ги градиме сопствените капацитети за одбрана, кои треба да бидат приспособени на современите техники на закани на безбедноста и сигурноста. Во таа насока итно е потребно да се имплементира проектот за реформа на системот за цивилна заштита и проектот за резервни сили во армијата, двата проекта беа завршени во 2023 година и чекаа на имплементација“, вели поранешната министерка.
Глобалните безбедносни случувања не смеат да ги остават власта и раководството на министерството рамнодушни и да го одложуваат носењето клучни одлуки во одбраната, смета таа.
Од Министерството велат дека државата како земја членка на НАТО е дел од колективниот систем на одбрана на Алијансата во кој секој сојузник развива специфичен сет на одбранбени капацитети, кои заедно со другите креираат една целина во сите безбедносни сфери.
„Впрочем, тоа е и целта на НАТО-целите на способности – да бидеме ефикасни како Алијанса, да не се преклопуваме во развојот на капацитетите, туку да создадеме синергија во која секоја инвестиција во одбраната ќе биде комплементарна на целокупниот одбранбен систем на НАТО“, ни одговорија од МО.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...