Три руски ловци „миг 31“ (MiG-31) во петокот влегоа во естонскиот воздушен простор, што властите во Талин го нарекоа „невидена повреда на суверенитетот“, предизвикувајќи итни консултации во рамки на НАТО и зголемена загриженост за агресивното однесување на Москва.
Според официјални лица, руските авиони го нарушиле естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив без дозвола и таму останале околу 12 минути. Инцидентот е четврти од ваков тип оваа година во Естонија, и трет во НАТО-држава во последниве неколку недели, по претходни нарушувања во Полска и Романија.
По инцидентот, НАТО итно активираше италијански „ф-35“ (F-35) авиони, како и шведски и фински ловци, за да ги пресретнат руските летала. Портпаролот на Алијансата, полковник Мартин О’Донел, го нарече потегот на Русија „непрофесионално однесување“.
„Ова не е начинот на кој се однесува професионална воздухопловна сила,“ посочи О’Донел во официјално соопштение.
Естонија веднаш ја повика Русија на одговорност, повикувајќи се на Член 4 од Договорот на НАТО, кој предвидува консултации помеѓу членките при загрозена безбедност.
Премиерот Кристен Михаел изјави дека „повредата е целосно неприфатлива“, а министерот за надворешни работи Маргус Цахкна ја оцени како „неоснована и дрска провокација“.
„Зголемената агресија на Русија мора да биде соочена со брз и решителен политички и економски одговор,“ изјави Цахкна.
Претходната премиерка и сегашна шефица за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас, исто така остро реагираше, нарекувајќи го инцидентот „крајно опасна провокација“.
Москва негира вина
Руското Министерство за одбрана издаде соопштение во кое се вели дека авионите „миг 31“ летале по утврдена маршрута од Карелија до Калининград, следејќи ги меѓународните правила за воздушен сообраќај и без да навлезат во естонскиот воздушен простор.
Според Москва, авионите летале повеќе од 3 километри оддалечени од естонското островче Ваиндлу и не ја повредиле границата.
Инцидентот се случува во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп покажува тенденција за помирување со рускиот претседател Владимир Путин. Трамп го напушти пристапот од времето на Бајден, кој вклучуваше директна воена и финансиска поддршка за Украина, и наместо тоа им продава оружје на европските сојузници, кои потоа го проследуваат кон Киев.
Трамп, запрашан за настанот, кратко изјави: „Не ми се допаѓа. Кога ќе се случи вакво нешто, може да има голем проблем. Ќе ве известам подоцна.“
НАТО веќе ја засили одбраната на источниот фронт по неодамнешното соборување на руски дронови над Полска — првпат Алијансата директно интервенира во воздушен простор од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година. Полска, исто така, побара консултации со НАТО по инцидентот од 10 септември.
Нарушувањето на естонскиот воздушен простор од страна на Русија претставува сериозна ескалација на тензиите во Балтикот и отвора нови прашања за безбедноста на НАТО-членките. Со новата геополитичка динамика и потенцијалното „омекнување“ на Вашингтон кон Москва, источниот фронт на Алијансата се наоѓа во ситуација на зголемена нестабилност и ризик.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...