Сатиш, студент од Индија на постдипломски студии во Сан Франциско, очекуваше во текот на есента да магистрира бизнис и да добие виза Х-1Б (H-1B), работната дозвола што одамна е столб за квалификуваните имигранти во САД.
Наместо тоа, сега е загрижен за својата иднина во Америка, обидувајќи се да го сфати планот на администрацијата на Доналд Трамп за зголемување на таксата за аплицирање за Х-1Б на 100.000 долари.
„Кога некој доаѓа овде, тоа е со желба да работи напорно и да изгради нешто подобро“, вели Сатиш, кој, како и повеќето соговорници, побара неговото целосно име да не се објавува, стравувајќи дека може да му наштети на визниот статус или идните планови. „По сè што се случува, никој не сака да зборува. Се плашат за своите статуси.“
Прочитај повеќе
ЕЕС ќе стартува во октомври, влез во шенген-зоната ќе чини 20 евра
ЕЕС ќе се воведува постепено во период од шест месеци, почнувајќи од 12 октомври годинава, заклучно со 10 април 2026 година.
26.08.2025
Италија ќе дозволи влез за 500.000 работници во следните три години
На Италија ѝ се потребни работници поради стареењето на населението. Владата изјави дека декретот има цел да ги координира влезовите со потребите на пазарот на трудот, што ќе вклучува мешавина од сезонски и несезонски работници, дадилки и лица што се грижат за стари лица, како и висококвалификувани работници.
01.07.2025
Велика Британија не треба да ги повтори грешките на САД со странските студенти
Како домаќин на многу од врвните универзитети во светот, Велика Британија е идеално позиционирана да собере дел од одливот на странски студенти од САД.
09.06.2025
Со „карта на можности“ до работа во Германија дури и без познавање на јазикот
Картата на можности нуди полесен влез на германскиот пазар на труд за граѓаните од држави кои не се дел од ЕУ
09.12.2024
Трамп ја оправда новата шестцифрена такса како дел од напорите за заштита на американските работни места и националната безбедност. Дополнително, тој претстави и програма за виза „Трамп голд кард“ (Trump Gold Card) – која за еден милион долари овозможува престој во САД.
Оваа најава ги потресе компаниите што долго време се потпираат на програмата за привлекување глобални таленти, особено во Калифорнија, каде што економијата во голема мера зависи од компјутерски програмери, аналитичари и инженери.
Индија и Кина добиваат најмногу визи Х-1Б
Топ 5 земји со најмногу одобрени баратели на Х-1Б во 2024 година
Bloomberg
Ненадејната промена – со тоа што новата политика стапи во сила во неделата – и првичната забуна околу тоа дали таксата ќе важи и за сегашните носители на визи Х-1Б дополнително го зголемија хаосот. Компаниите дури им препорачаа на своите вработени веднаш да се вратат во САД и да избегнуваат патувања во странство.
Еден ден по објавата на Трамп, Белата куќа појасни дека таксата ќе важи само за нови апликанти, почнувајќи од следниот циклус на лотарија. Но ова појаснување речиси не помогна да се намалат стравувањата кај носителите на визи.
Во исто време, многу големи компании сè уште се обидуваат да проценат што ќе значи тоа за нивните планови за вработување.
„Алфабет“ (Alphabet Inc.), „Гугл“ (Google), „Епл“ (Apple Inc.) и „Мета платформс“ (Meta Platforms Inc.) вработуваат илјадници носители на визи Х-1Б, а универзитетите и болниците – од Стенфорд до системот на Универзитетот на Калифорнија – исто така се потпираат на нив за привлекување предавачи и истражувачки кадар.
За меѓународните постдипломски студенти, визата е клучна за останување во САД по завршувањето на студиите. Од 85.000 издадени визи Х-1Б секоја година, 20.000 се издвоени за оние со напредни американски дипломи – магистерски или повисоки. Побарувачката секогаш далеку го надминува бројот на достапни визи – во лотаријата за фискалната 2025 година аплицираа повеќе од 470.000 лица.
Некои бизнис-асоцијации во минатото бараа реформи на системот за Х-1Б, тврдејќи дека прекумерно се користи од аутсорсинг (надворешни) компании, додека други се залагаа за проширување, вклучувајќи и укинување на квотите, за да можат да се пополнат критичните недостатоци од работна сила.
Најголеми корисници на визи Х-1Б
Технолошките компании се потпираат на програмата за да донесат квалификувани работници во САД
Bloomberg
По најавата на Трамп, ниту компаниите ниту адвокатите немаа време за подготовка.
„Беше темпирана да создаде хаос“, вели Карин Волман, адвокатка за имиграција од Њујорк. Таа ја опиша мерката како незаконска, бидејќи таксите треба да бидат врзани за трошоците за обработка и да подлежат на процес на јавна расправа.
Bloomberg
„Намерата е Х-1Б да стане недостапна за младите професионалци кои штотуку завршиле факултет или постдипломски студии и да се ограничи само за најискусните кадри во големите компании што располагаат со многу пари“, рече Волман. „Никој друг нема да може да си го дозволи тоа – стартапи, мали компании, непрофитни организации, универзитети, болници. Последиците само врз здравствениот систем ќе бидат катастрофални.“
На Меѓународниот аеродром во Сан Франциско, главната врата кон технолошката сцена на Заливот и врвните универзитети, неизвесноста и збунетоста беа очигледни и надвор од Силициумската Долина. Јавни службеници, медицински практиканти и студенти со привремени визи велат дека тешко разбираат како промената може да влијае врз нив.
Некои веќе донеле одлука. Сатиш рече дека знае барем дваесетина познаници што планираат да се вратат во Индија по најавата. Други се повлекле од социјалните мрежи, загрижени дека дури и нивните онлајн коментари може да им го искомплицираат статусот. Администрацијата на Трамп воведе и проверки на социјалните мрежи во некои аспекти од процесот за издавање визи.
Мнозина се свртеа кон Јутјуб (YouTube) и кон лица од социјалните мрежи како Јаш Митра и Саундарја Баласубрамани, кои имаат милиони следбеници меѓу имигрантите што се обидуваат да се снајдат во американските политички промени.
За Хари Б., кој работи за градот Ранчо Кордова, веднаш до главниот град на Калифорнија, Сакраменто, веста предизвика дополнителна загриженост за носителите на визи Х-1Б, бидејќи и самиот поминал низ тој процес. Првпат дошол во САД пред шест години со Х-1Б, плаќајќи околу 6.000 долари. Денес има плата како државен службеник, многу пониска од онаа што би ја имал како работник во технолошка компанија, рече тој.
„Ние немаме плати како технолошките работници“, изјави тој по слетувањето на аеродромот во Сан Франциско, каде што дознал за предлогот. „Јас започнав со 50.000 долари, а идејата дека ќе треба 100.000 само за апликацијата е навистина нереална.“
Хари рече дека веднаш му се јавиле пријатели што се загрижени дали неговиот претходен визен статус може да му создаде проблеми при заминување од САД и повторно враќање назад, што уште еднаш ја покажува неизвесноста што брзо се шири меѓу имигрантите.
Промените кај визата Х-1Б најверојатно ќе имаат и долгорочни последици. Н.С., турски дипломиран лекар, рече дека се доедуцирал во САД со виза J-1 за медицински специјализации, а сега има привремена виза Б-1. Тој планирал да замине од САД на неколку години, па потоа да аплицира за Х-1Б, но промената на таксата е само најнов потсетник колку правилата можат да бидат нестабилни, рече тој.