Доларот го забележа најдлабокиот еднодневен пад од минатогодишното воведување царини, откако Трамп изјави дека не смета дека валутата ослабнала прекумерно. Индексот на „Блумберг“ за доларот се намали дури за 1,2 отсто, а отпуштениот тон на американскиот претседател во врска со распродажбата на доларот поттикнува шпекулации дека американската валута е на почетокот на подолгорочно опаѓање.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Топ 10 компании од регионот на кои треба да се внимава во 2026
Изминатиов период покажа дека голем број од регионалните компании се тргуваат со значителен дисконт во однос на западноевропските и американските компании и покрај подобрените финансиски резултати. Отвора ли тоа простор за остварување повисоки приноси на пазарите на капитал во регионот Адрија?
Клучните двигатели за 2026 година се јасно дефинирани: масивни инвестиции во електроенергетските мрежи и центри за податоци, забрзана дигитализација на јавниот и финансискиот сектор, обновување на транспортната и логистичката инфраструктура, како и зголемена побарувачка за дефанзивни сектори со релативно високи дивиденди како што се банкарството и фармацијата. Компаниите кои се директно позиционирани во овие сегменти имаат предност не само во однос на растот на приходите, туку и во стабилноста на паричните текови и вреднувањето.
Аеродромите во Македонија и во регионот „одлетаа“ до рекорди
Големиот број нови дестинации и пристојните цени на авионските билети до европските градови, кои во некои случаи се многу пониски отколку за локалниот меѓуградски превоз, се веројатно главните причини за рекордниот пораст на бројот на патници и воопшто на авиосообраќајот на аеродромите во Македонија и регионот Адрија во текот на минатата година.
Речиси сите поголеми аеродроми лани имале зголемување на патничкиот сообраќај во однос на претходната година, а со најголем раст на бројот на патници се истакнуваат аеродромите во Сараево и во Охрид. Исклучок од регионалниот тренд е само аеродромот во Подгорица, кој е во црвено поради намалениот број летови на „Рајанер“.
Пазар што верува во криза пред кризата: скапо злато и евтини аргументи
Кога расте златото? Кога на едната страна од клацкалката ги имаме инфлацијата и падот на реалните каматни стапки, падот на берзите и стравот од рецесија, слабеењето на доларот, ликвидноста и шпекулациите (на пример, приливот на капитал во ЕТФ-овите), купувањето злато од страна на централните банки и, секако, геополитичките ризици. Со еден збор – тежок пакет неизвесност, волатилност, скепса и тензии.
Сепак, токму сега сме сведоци на еден вид парадокс: златото никогаш не сјаело посилно (со вредност од над 5.000 долари), а постојат силни аргументи дека „кризата“ што го турка нагоре не е „типична криза“. Напротив, можно е да станува збор само за еден мотор на растот.
„Амазон“ ќе отпушти 16.000 работници за да ја намали бирократијата
Гигантот „Амазон“ (Amazon.com Inc.) најави планови за отпуштање на околу 16.000 корпоративни вработени, зголемувајќи ги напорите за намалување на бирократијата поради растечката конкуренција во областа на вештачката интелигенција.
Компанијата ќе им понуди на вработените во САД деведесет дена за да најдат нова позиција, како и испратнина и друга поддршка за транзиција, наведе Бет Галети, потпретседател на одделот за луѓе и технологија во „Амазон“, во објава во средата.
Лука Дончиќ прави платформа за фановите - како ќе заработува пари од неа?
Словенечката ѕвезда на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ, во соработка со компанијата „Шопифај“ (Shopify Inc.), ќе започне платформа со која ќе ја искористи својата интелектуална сопственост за директна продажба на производи на обожавателите.
Платформата 77X, наречена по бројот на Дончиќ на дресот, ќе понуди уникатни искуства и брендирани и колекционерски предмети, како што се наведува во соопштението. Финансиските услови на партнерството не се откриени.