Она што не смееме да го заборавиме за оваа 2025 година е хоророт во Кочани. Пожарот однесе животи на 63 млади лица, а над 200 повредени ќе продолжат да живеат со лузни – и физички и душевни. Пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е последица на корупцијата и неодговорноста, кои не се од вчера туку, во конкретниот случај, датираат од 2012 година. Судскиот процес ќе ја обележи следната година.
Во пошироки рамки, оваа година ја обележија Трамп 2.0 и рекордните цени на металите. Златото, среброто, бакарот уриваа рекорд по рекорд.
Во првата година од вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп главниот збор го имаат неговите царински политики што ги редефинираат глобалните трговски односи во светот, кои важеа со децении.
Ветувањето на Трамп дека веднаш ќе ја заврши војната во Украина засега не е исполнето. Сепак, преговорите со завојуваните страни се интензивни и можеби и се наѕира оптимизам за крај на најмасовното крвопролевање во Европа по Втората светска војна. Во февруари 2026 година ќе се навршат четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Прочитајте повеќе:
Јутјуб за бебиња: Како апликациите го менуваат животот на малите деца
Кредитирање со помош на „робот“ – како македонските банки користат ВИ?
Оваа година златото педесет пати постигна рекордна вредност, a и среброто доби златен сјај. Се остварија и прогнозите дека бакарот, металот што е важен за зелената агенда и дигиталната трансформација, ќе стигне до рекордните 12.000 долари за тон.
До рекордни нивоа во 2025 година растат и акциите, а ви ги претставивме прогнозите за следната. Анализиравме и кои акции ги препорачуваат водечките банки за 2026 година и како вештачката интелигенција и ресетот на производството ветуваат добра година за европските индустрии.
Рекорди уриваат и светските и регионалните ЕТФ-ови, а Македонија и натаму го чека првиот ваков фонд. Анализиравме зошто регионот Адрија е привлечна инвестициска алтернатива.
Прочитајте повеќе:
Сѐ што треба да знаете за е-фактурата во Македонија
Да, дигитализацијата е скапа за малите македонски фирми
Во земјава становите достигнаа рекордни цени. Растот е највисок во последните 25 години, а Министерството за финансии ја продолжи важноста на привремената мерка за ДДВ од 5 отсто за прв промет со стан. Олеснувања за младите да дојдат до сопствен дом сѐ уште нема, а ние пресметавме дали инвестирањето во стан е профитабилно и дали тие што веќе се задолжиле треба да размислуваат за рефинансирање следната година.
Зедовте К-15? Рокот за исплата е до среда. Годинава на сметките легнуваат по 300 евра, па ние анализиравме каде може да се инвестираат тие пари. Се разбира, ако не ви требаат за нешто поитно, во услови кога цените вртоглаво растат, а финансискиот стрес тивко ја убива продуктивноста на работниците.