Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „во наредните денови“ планира да се сретне со својот американски колега Доналд Трамп, сигнализирајќи оптимизам за постигнување мировен договор за ставање крај на речиси четиригодишната војна со Русија.
„Многу работи може да се решат пред Нова година“, наведе денеска Зеленски во објава на мрежите Телеграм и X откако зборуваше со Рустем Умеров, главниот преговарач на Украина со САД и шеф на Националниот совет за одбрана и безбедност.
Прочитај повеќе
Продолжуваат преговорите на Украина и САД за мировниот план со фокус на безбедноста
Се очекува десетина европски лидери да присуствуваат на денешниот самит, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со претседателката на ЕK, Урсула фон дер Лајен.
15.12.2025
Зеленски најавува можен референдум за територијата, додека САД бараат договор
Под притисок на мировните иницијативи на САД, Зеленски навестува дека Украинците би можеле да се изјаснат на референдум за Донбас, додека Русија бара територијални отстапки.
12.12.2025
Зеленски вели дека засега нема договор за Источна Украина во разговорите со САД
Украинскиот претседател Зеленски рече дека преговарачите кои дискутираат за мировна иницијатива посредувана од САД остануваат поделени околу територијата.
08.12.2025
„Рустем Умеров извести за своите најнови контакти со американската страна. Не губиме ниту еден ден. Се договоривме за средба на највисоко ниво со претседателот Трамп во блиска иднина. Многу работи може да се решат пред Нова година. Да живее Украина!“, пишува во објавата на Зеленски.
„Киев пост“ (Kyiv Post) претходно објави дека се очекува Зеленски веќе в недела да отпатува за Флорида, каде што Трамп ги поминува божиќните празници. Весникот се повикува на анонимно лице запознаено со тоа прашање.
Зеленски и Трамп се обидуваат да се усогласат околу мировниот план од 20 точки што ќе му го презентираат на рускиот претседател Владимир Путин. Иако сојузниците се согласија за повеќето точки, неколку прашања остануваат нерешени, вклучувајќи го и противењето на Украина на територијалните отстапки во источниот регион Донецк.
Зеленски во четвртокот рече дека имал „многу добар разговор“ за мировниот план со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.