Украина и САД треба да одржат втор ден разговори во Берлин за планот насочен кон ставање крај на војната со Русија, а главниот фокус на преговорите е на безбедносните гаранции за Киев.
Се очекува десетина европски лидери да присуствуваат на денешниот самит, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот тим вчера разговараа повеќе од пет часа во германската Федерална канцеларија со американските претставници предводени од специјалниот претставник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Прочитај повеќе
ЕУ влегува во клучна недела за да му покаже на Трамп дека не е „слаба“
Европа е на крстосница: или ќе покаже дека е вистинска геополитичка сила, или ќе ја потврди сликата за сопствена слабост.
14.12.2025
Европа стравува од „тројански коњ“ во американскиот план за Донбас
Европските претставници сметаат дека решението за демилитаризирана зона би можело да отвори пат за нова инвазија и длабоки безбедносни ризици...
14.12.2025
Русија поднесе тужба против „Еуроклир“
Руската централна банка соопшти дека почнува правна постапка во Москва против депозитарот „Еуроклир“ (Euroclear) поради замрзнатите државни средства и се закани на Европската унија со глобална одмаздничка кампања за да ги врати стотиците милијарди евра доколку блокот направи каква било употреба на фондовите.
12.12.2025
Зеленски најавува можен референдум за територијата, додека САД бараат договор
Под притисок на мировните иницијативи на САД, Зеленски навестува дека Украинците би можеле да се изјаснат на референдум за Донбас, додека Русија бара територијални отстапки.
12.12.2025
Се разговараше за територијата на Украина бидејќи САД го поддржуваат руското барање Киев да се повлече од областите во својот источен регион Донецк што силите на Москва не успеаја да ги освојат од 2014 година, изјави лице запознаено со ова прашање.
Зеленски постојано го отфрла барањето и заедно со европските сојузници инсистира на прекин на огнот по сегашната линија на контакт, рече лицето, кое побара да не биде именувано бидејќи зборува за чувствителни прашања.
Украинскиот претседател посочи дека Киев би можел да се повлече од својата долгорочна цел за приклучување кон НАТО доколку постигне билатерални безбедносни договори со САД, европските и други држави, потенцијално вклучувајќи ги Канада и Јапонија. Тие договори би функционирале слично на обврската на НАТО за заемна одбрана според членот 5, а со цел да се спречи „уште едно доаѓање на руска агресија“, изјави Зеленски за новинарите во неделата.
„Русија мора да знае дека ќе застанеме на страната на Украина“, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул за радиото „Дојчландфунк“ (Deutschlandfunk). „Треба да работиме кон решение што е одржливо за иднината“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц (десно) го гледа специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф (втор лево) како го поздравува украинскиот претседател Володимир Зеленски на разговори во Канцеларијата во Берлин, Германија.
Oваа фотографија e објавена од Канцеларијата за односи со јавноста на германската влада (BPA) на 14 декември 2025 година.
Фотограф: Гидо Бергман/Bundesregierung/Getty Images
Американската делегација во соопштението наведе дека е постигнат голем напредок со длабински дискусии за мировниот план од 20 точки, економските агенди и други прашања.
Украина со години се обидува да се приклучи кон НАТО како начин да ја заштити својата независност, иако САД и некои европски држави не беа подготвени да го поддржат нејзиното членство во услови кога би се соочиле со руско непријателство. Рускиот претседател Владимир Путин постојано бараше Украина да се откаже од својата цел за членство во НАТО како дел од кој било мировен договор. Администрацијата на Трамп веќе ја отфрли поддршката за влез на Украина во одбранбениот сојуз.
Русија не е присутна на преговорите во Берлин, а Путин не покажа знаци дека ќе се повлече од своите максималистички барања во Украина, вклучувајќи ја и територијата.
Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, јасно стави до знаење дека Русија веројатно нема да ги прифати промените што ги предложија Европа и Украина во предлозите предводени од САД, кои во голема мера беа поволни за Москва. За планот, Виткоф и Кушнер на 2 декември одржаа петчасовни разговори со Путин во Москва.
„Доколку се направат релевантни измени, ќе имаме многу силни приговори бидејќи многу јасно го истакнавме нашиот став и САД се чинеше дека го разбраа“, рече Ушаков во претходно снимено обраќање за државната телевизија, а кое се емитуваше вчера. „Ќе има одредби што се целосно неприфатливи за нас, вклучувајќи ги и територијалните прашања.“
Министрите за надворешни работи на Европската Унија исто така планираат да разговараат за Украина на нивниот состанок во Брисел денеска. Шефицата за надворешни работи на блокот Каја Калас им призна на новинарите дека напорите за постигнување договор за заем за репарација на Украина, поддржан од замрзнатите руски државни средства, стануваат сè потешки.
Банката на Русија поднесе тужба во Москва барајќи 18,2 билиони рубли (229 милијарди долари) од „Евроклир“ (Euroclear), објави денеска државната новинска агенција „Тас“ (Tass).
Калас рече дека ако членството на Украина во НАТО не доаѓа предвид, „тогаш треба да видиме кои се безбедносните гаранции што се опипливи“.
„Тие не можат да бидат документи или ветувања, тие мора да бидат вистински војници, вистински капацитети за Украина да може да се одбрани“, рече Калас. „Мора да разбереме дека Донбас не е крајната цел на Путин“.