Европските лидери ќе му се придружат на украинскиот претседател Володимир Зеленски на неговиот важен состанок со америкснкиот претседател Доналд Трамп, што ќе се одржи утре во Вашингтон, како знак на поддршка бидејќи украинскиот лидер се соочува со зголемен притисок од САД да се согласи на брз мировен договор со Русија, што вклучува отстапување на делови од територијата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, финскиот претседател Александар Стуб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон го потврдија своето учество. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, ќе се придружи на разговорите, според „Скај“ (Sky).
Овој потег доаѓа во време кога европските нации го насочуваат својот фокус кон обезбедување цврсти безбедносни гаранции за Украина, што ќе се дискутира за време на видео повик на таканаречената коалиција на земјите подготвени за соработка, што ќе се одржи попладнево.
Прочитај повеќе

Џејмс Ставридис: 10 начини да го принудите Путин да се врати на преговарачката маса
Нудиме 10 опции што Белата куќа, делувајќи во договор со европските сојузници, би требало сериозно да ги разгледа, а се подредени според степенот на проблеми за Москва:
17.08.2025

Зеленски најави дека в понеделник ќе отпатува за Вашингтон на средба со Трамп
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека во понеделник ќе отпатува во Вашингтон за да се сретне со Трамп за да разговараат за крај на руската инвазија.
16.08.2025

„Исклучително продуктивна“ средба меѓу Трамп и Путин, но сè уште нема договор
Американскиот претседател Трамп го нарече својот состанок на Алјаска со рускиот колега Путин продуктивен, но посочи дека патот за завршување на војната сè уште не е финализиран.
16.08.2025

Трамп и Путин во Алјаска - како се обликуваше нивната необична врска?
Претседателите на САД и Русија се среќаваат за првпат по седум години, а односот што го изградиле со текот на годините е невообичаено интимен.
15.08.2025

Средбата меѓу Путин и Трамп во Алјаска како ладен туш за ЕУ и Украина
Кога Доналд Трамп потврди дека ќе се сретне со Владимир Путин во Алјаска в петок, на 15 август, за да преговара за крај на војната во Украина, тоа беше голем шок за многу набљудувачи, како и за некои европски лидери.
13.08.2025
По разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во петокот во Алјаска, Трамп изјави дека ќе го повика Зеленски да склучи брз договор и звучеше позитивно настроен кон барањата на Путин Украина да се откаже од голема површина територија на истокот од земјата. Европските претставници се скептични дека може брзо да се постигне мировен договор, а се сомневаат и дали Путин воопшто го сака тоа.
Фон дер Лајен во објава на социјалната мрежа X изјави дека денеска попладне ќе го угости Зеленски во Брисел пред да му се придружи нему, на Трамп и на другите европски лидери на состанокот во Белата куќа.
Разговорите во понеделник ќе вклучуваат, меѓу другото, безбедносни гаранции, територијални прашања и континуирана поддршка за Украина во нејзината одбрана од руската агресија, според германското соопштение.
Ова ќе биде првата посета на Зеленски во Белата куќа од февруари, кога неговата средба во Овалната соба со Трамп се претвори во јавна расправија и доведе до кратко прекинување на воената помош на САД за Украина.
Додека двајцата лидери комплетно да ги поправат своите односи оттогаш, на украинскиот претседател му е потребна целата поддршка што може да ја собере додека американскиот претседател притиска за брз мировен договор, а Путин се држи до своите максималистички барања.
Трамп им кажа на европските лидери во телефонски разговор во саботата, по разговорите со Путин во Алјаска, дека е подготвен да придонесе за безбедносните гаранции со Европа, сè додека тоа не го вклучува НАТО, објави претходно „Блумберг“. Американскиот претседател сугерираше дека Путин би бил во ред со таков договор, рекоа луѓе запознаени со ова прашање. Кремљ не коментираше.
Трамп, исто така, посочи дека би можел да се обиде да организира трилатерален состанок со рускиот и украинскиот лидер уште во рок од една недела, рекоа луѓето.
Зеленски постојано повторуваше дека е подготвен да се сретне со Путин. Кремљ сè уште не дал слична изјава, а многу европски претставници се сомневаат дека Путин сака да ја заврши руската инвазија врз Украина, која трае веќе три и пол години.
Bloomberg
Темата за трилатерална средба не беше покрената за време на состаноците во Алјаска, објави рускиот државен телевизиски канал „Вести“ во саботата, цитирајќи го рускиот претседателски помошник Јуриј Ушаков.
Специфичностите за придонесот на САД во какви било безбедносни гаранции за Украина се нејасни. Се дискутираше за можноста за давање гаранции на Киев од некои сојузници - слични на тие од клаузулата за колективна одбрана на Член 5 на НАТО - која ги обврзува членовите да се бранат едни со други доколку бидат нападнати, велат изворите.
Изворите зборуваа под услов на анонимност и предупредија дека механизам сличен на НАТО би бил тешко да се воспостави. Алтернатива би била зајакнување (преку обврските на САД) на претходните планови координирани од Велика Британија и Франција, што вклучуваше сили за уверување, мониторинг и воздушна заштита, велат изворите.
Пред средбата со Путин, американскиот претседател им кажа на сојузниците дека постигнувањето прекин на огнот ќе биде негово клучно барање. Тој, исто така, се закани дека ќе ги напушти преговорите и ќе воведе нови строги казнени мерки за Москва и земјите што купуваат нејзина нафта доколку тоа не биде исполнето. Сепак, Трамп во петокот сигнализираше дека не брза да воведе нови санкции за трговските партнери на Русија.
По телефонските разговори со Зеленски и европските лидери рано во саботата, Трамп во објава на мрежата Трут сошал изјави дека „сите одлучиле“ дека најдобриот начин да се стави крај на војната е да се постигне мировен договор, а не само договор за прекин на огнот. Во повеќето изјави дадени од европските лидери во саботата не беше спомнат прекин на огнот.
„Блумберг“ веќе објави дека Трамп им рече на Зеленски и на европските лидери дека Путин сака Украина да ја отстапи контролата врз целиот регион Донбас на истокот од земјата, обновувајќи ги претходните барања.
Зеленски постојано ја отфрла можноста да се откаже од целите покраини Донецк и Луганск, кои го сочинуваат Донбас. Силите на Москва само делумно го контролираат регионот и не успеаја воено да го преземат по повеќе од една деценија борби што претходеа на целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година.
Русија, исто така, би престанала со своите претензии да ги врати деловите од регионите Запорожје и Херсон што сега не ги контролира, со што ефикасно ќе ги замрзне бојните линии таму. Кремљ, исто така, би можел потенцијално да повлече трупи од други региони како што се Суми и Харков на североистокот на Украина, области во близина на руската граница каде што силите на Кремљ контролираат само мали делови од земјата.
Според проценката на Министерството за одбрана на Велика Британија, на Русија ќе ѝ требаат повеќе од четири години целосно да ги окупира четирите украински региони за кои претендира со воените напади од 2022 година. Цената на тоа би била речиси два милиона дополнителни руски жртви врз основа на моменталните напредувања на бојното поле, соопшти министерството преку мрежата X.
Иако тврди дека сите територијални одлуки треба да ги донесе Зеленски, Трамп постојано сигнализираше дека мировниот договор ќе вклучува „размена“ на територии и го повика украинскиот претседател да склучи договор.
Отфрлањето од страна на Русија на обновените повици за привремен прекин на огнот „ја комплицира ситуацијата“, рече Зеленски во објава на социјалните мрежи доцна во саботата. „Доколку немаат волја да извршат едноставна наредба за запирање на нападите, можеби ќе биде потребен многу труд за да се принуди Русија да покаже волја да обезбеди многу поголемо нешто - мирен соживот со своите соседи со децении.“
— Текстот е напишан со помош од Кати Похјанпало, Стефан Кал и Сами Адгирни.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...