Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, се среќаваат во Алјаска за да разговараат за прекинување на војната во Украина, а предложената локација на Путин се смета за обид да се привлечат инстинктите на Трамп за недвижности. Трамп го пофали Путин, нарекувајќи го „гениј“, а двајцата лидери се чини дека уживаат во опуштен однос, при што Путин честопати му се обраќа на Трамп само со Доналд, додека Трамп разговарал со него најмалку шест пати откако се вратил во Белата куќа.
Ова не е првпат двајцата претседатели да се сретнат - тие претходно се сретнаа на самити во Хамбург, Хелсинки и Осака, каде што разговараа за руското мешање во изборите и за конфликтот во Украина. Невообичаено личниот однос меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин доби многу бизарни пресврти од последниот пат кога тие беа сами во соба без сведоци.
Нивната прва средба по седум години почнува со изненадувачкиот и симболично значаен избор на Алјаска како место за средбата на претседателите на САД и Русија. Иако се среќаваат за да разговараат за крај на војната во Украина, предлогот на Кремљ да се одржат разговорите во американската држава што некогаш ѝ припаѓаше на Русија е доказ за лукавата стратегија на Путин директно да се повика на интересите на Трамп за недвижности и да се обиде да склучи голема зделка, со исклучување на другите страни.
Прочитај повеќе

Алјаска како тврдина: Тајната служба во полна готовност за средбата Трамп–Путин
Енкориџ е под силни безбедносни мерки за историската средба Трамп–Путин, со стотици агенти, затворени улици и воената база како централно место на самитот.
15.08.2025

Комплименти од Путин, скромни очекувања од Трамп пред најважната средба во светот
Светот го очекува самитот Путин–Трамп, но економијата за Путин е поважна од мирот. Трамп без еуфорија, ја гледа Алјаска како место и за втора средба.
15.08.2025

Средбата меѓу Путин и Трамп во Алјаска како ладен туш за ЕУ и Украина
Кога Доналд Трамп потврди дека ќе се сретне со Владимир Путин во Алјаска в петок, на 15 август, за да преговара за крај на војната во Украина, тоа беше голем шок за многу набљудувачи, како и за некои европски лидери.
13.08.2025
Во текот на својот прв мандат, Трамп не го криеше своето восхитување од силниот лидер, а откако се врати во Белата куќа, разговараше со него најмалку шест пати. „Путин помина низ пекол со мене“, му рече Трамп на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на нивната позната конфронтација во Овалната соба.
Путин, пак, е познат по својата досетливост со која може брзо да премине од пријатен во заканувачки тон. Откако неговите „мали зелени луѓе“ го анектираа Крим во 2014 година, еден пензионер го праша дали ќе ја врати Алјаска, а тој тогаш одговори во својот типичен стил на задевање: „За што ви треба Алјаска? И таму е ладно. Ајде да не се возбудуваме за тоа“.
Трамп доби фудбалска топка од Путин во Хелсинки во 2018 година.
Светот драматично се промени од катастрофалниот самит во Хелсинки во 2018 година, каде што Трамп застана на страната на Путин наспроти сопствените функционери поради руското мешање во претседателските избори во 2016 година. Трамп изгледаше посигурно во својот втор мандат и сè повеќе фрустрирано од тактиките на Путин за одолжување. Путин е на власт повеќе од четврт век, но долготрајната војна во Украина му ја наруши аурата на непобедливост.
Судејќи според незаборавните моменти од нивните претходни состаноци, денешната средба ветува дека ќе биде политичка драма без оглед на исходот. Одвојуваме некои од најважните моменти:
Хамбург, Германија – Г20, јули 2017 година
Главното прашање на првата голема средба на Трамп и Путин беше улогата на Русија во мешањето во изборите во 2016 година, на кои анкетите ја фаворизираа Хилари Клинтон. Американските разузнавачки агенции имаа докази за руска кампања за дезинформации насочена за помагање на Трамп, кој беше иритиран од доведувањето во прашање на легитимноста на неговата победа. Москва тврдеше дека Трамп го прифатил негирањето на Путин за каква било руска вмешаност.
Руските упади во Украина, кои во тоа време беа ограничени на Крим и источниот дел од земјата, беа споредно прашање на билатералната средба што траеше повеќе од два часа. Работите тргнаа во необичен тек на вечерата за лидерите и нивните сопруги во концертната сала „Елбфилхармонија“ на брегот на реката Елба. На крајот на вечерата Трамп му пријде на Путин и неформално разговараше со него еден час. Без записи. Без помошници.
Единствениот запис од разговорот доаѓа од руски преведувач од Кремљ. Трамп подоцна ги критикуваше извештаите што ја окарактеризираа втората средба како тајна, иако таа беше јавно објавена дури откако ја спомнаа и опишаа другите присутни на вечерата.
Трамп и Путин во Виетнам
Vietnam News Agency/AFP/Getty Images
Да Нанг, Виетнам – АПЕК, ноември 2017 година
Главниот мотив на Путин за патување во Виетнам – наместо испраќање на понизок функционер – беше да се сретне со Трамп. Кремљ дури по пристигнувањето дозна дека Трамп одлучил да го откаже состанокот. Американскиот претседател подоцна се согласи да се сретне „од нога“. Путин се навреди со оваа акција.
За недостигот од подетална дискусија тој го обвини хаосот во распоредот и тогаш предупреди: „Ова имаше врска со распоредот на г. Трамп, мојот распоред и одредени протоколарни формалности што нашите тимови, за жал, не успеаја да ги координираат. Тие ќе бидат казнети за тоа“.
Во Москва некои го обвинија тимот на Трамп дека се обидува да ја минимизира политичката штета од контроверзната вечера во Хамбург. Други веруваа дека Трамп е под притисок да не биде премногу мек кон Путин, додека американските пратеници и разузнавачките агенции ја продолжуваат својата истрага за руското мешање во изборите во 2016 година.
Хелсинки, Финска – самит, јули 2018 година
По двочасовниот состанок со Путин, Трамп ги шокира дури и членовите на сопствената партија велејќи дека му верува на Путин повеќе отколку на американските разузнавачки агенции во нивната процена за руското мешање во изборите.
По враќањето дома, следуваше речиси едногласна осуда на неговиот настап и изјава. Републиканскиот сенатор Џон Мекејн рече дека „ниту еден претходен претседател никогаш не се понижил толку пред тиранинот“. Имаше двопартиски притисок за заострување на санкциите на САД кон Русија.
Од друга страна, Москва ги поздрави тонот и исходот од разговорите. Путин рече дека двајцата лидери „почнале пат кон позитивни промени“. За време на состанокот Путин тајно му предложил на Трамп да се одржи референдум во делови од источна Украина што се под контрола од проруски сепаратисти. Трамп подоцна јавно ја отфрли идејата, иако Путин сепак го спроведе планот по неговата инвазија врз Украина во 2022 година, кога Трамп повеќе не беше на власт.
Во Хелсинки, Трамп го покани Путин во Вашингтон есента истата година, но состанокот никогаш не се одржа.
Средба во Париз
Париз, Франција – одбележување на Денот на примирјето на Првата светска војна, ноември 2018 година
Постоеја многу шпекулации за тоа дали Трамп и Путин ќе имаат суштинска средба на маргините на меѓународната комеморација за крајот на Првата светска војна - 1918 година. Џон Болтон, тогашен советник за национална безбедност на Трамп, рече дека тие планирале да се сретнат. Кремљ јавно ја минимизираше можноста за средба, иако Путин се сретна со Болтон неколку недели претходно.
Викендот беше дождлив. Трамп и Путин патуваа во одделни автомобили, прескокнувајќи ја заедничката прошетка со другите светски лидери до Триумфалната капија. Кога Путин пристигна за групната фотографија, се ракуваше прво со францускиот претседател Емануел Макрон, потоа со германската канцеларка Ангела Меркел, па и со Трамп.
Одбивањето на Трамп да одржи посебен состанок со Путин во Русија се сметаше за навреда, но опростлива.
Буенос Аирес, Аргентина – Г20, ноември 2018 година
Без средби во Вашингтон и Париз, Путин беше сигурен дека ќе се сретне со Трамп во Буенос Аирес. Трамп го потврди тоа, но потоа ја откажа средбата во објава на социјалните мрежи од авион, наведувајќи го како причина руското запленување украински бродови и морнари кај Крим.
Руските претставници беа изненадени од потегот - неговото второ откажување средба со Путин за помалку од еден месец - а еден од нив го опиша како „многу лош“ потег. Советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков јавно тврдеше дека „не се навредиле“, иако Кремљ претходно ја промовираше средбата во Аргентина.
Осака, Јапонија – Г20, јуни 2019 година
Путин мораше да чека до следниот самит на Г20 во Јапонија за повторно да се сретне со Трамп, истиот ден кога американскиот претседател се сретна со уште четворица други светски лидери. Зборувајќи со новинарите пред состанокот, Путин истакна дека тие двајца не се виделе уште од Хелсинки. „Имаме навистина, навистина добри односи“, рече Трамп.
Средбата се одржа само два месеца откако американскиот специјален советник Роберт Милер го објави својот извештај од 448 страници за руското мешање во изборите. Тој обвини дваесетина Руси за нивните активности на социјалните медиуми и хакирање на Демократската партија. Милер рече дека според политиката на Министерството за правда не може да го обвини сегашниот претседател за кривично дело.
На прашањето во Осака дали би му рекол на Путин да не се меша во изборите во 2020 година, Трамп одговори: „Да, секако дека ќе му кажам“. Потоа, насмевнувајќи се, тој покажа со прст кон рускиот лидер и издаде хумористично предупредување: „Не мешајте се во изборите“. Путин се насмеа. Тие се пошегуваа дури и за „лажните вести“, а Путин, насмевнувајќи се, му рече на Трамп на англиски: „Да, и ние го имаме тоа“.
Путин го покани Трамп во Москва за одбележувањето на 75-годишнината од победата на сојузниците во Втората светска војна (во 2020 година). Таа средба никогаш не се случи. Тогаш светот се затвораше поради пандемијата на коронавирусот. Трамп ги загуби изборите, а Путин се повлече во длабока изолација, од која излезе со многу понепријателски став кон Западот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...