Во денешно време мобилните уреди и апликации станаа неизбежен дел од нашето секојдневие, а сѐ почесто ги користиме и за да ги забавуваме и едуцираме децата. За многумина овие уреди изгледаат како неопходна алатка за да го задржат вниманието на малите деца, особено во време кога дигиталните содржини се сè подостапни и привлечни. Сепак, она за што релативно малку се зборува отворено е колку оваа рана изложеност на екрани може да има сериозни последици на психолошкиот, когнитивниот и физичкиот развој на бебињата и малите деца.
Според експертите, особено ранливи на овие влијанија се токму бебињата и малите деца. Дора Попова Узуновски, психолог и гешталт-терапевтка, објаснува дека првиот контакт со мобилни уреди на оваа возраст може да има далекосежни последици. „Честото и неконтролирано гледање во мобилни уреди кај бебињата и малите деца може да влијае на многу аспекти од нивниот развој, особено во раните години, кога мозокот се формира со исклучителна брзина“, вели таа.
Дора Попова Узуновски, психолог
Приватна архива
Експертите се согласуваат дека раната изложеност на екрани ја менува динамиката на нормалниот развој на јазичните и комуникациските вештини. Попова Узуновски нагласува: „Најконзистентно истражувачко наоѓање е дека екраните го заменуваат живиот јазик, па поради тоа се појавуваат одложен говор и послаб развој на јазичните вештини“. Ова е само почеток на сериозните предизвици што ги носи претераната изложеност на мобилни уреди и апликации.
Социјализацијата на децата и дигиталната зависност
Користењето на апликации како Тикток (TikTok) или слични кратки видеа, кои честопати имаат брз и хаотичен ритам, го нарушува природниот процес на социјализација кај малите деца. Според Попова Узуновски, за малите деца најкритичните моменти за развој на социјалните и комуникациските вештини започнуваат во првите месеци од животот, преку директен контакт со родителите, игра и емоционална размена. „Кога премногу време поминува пред екран, детето ги губи токму тие клучни интеракции што го градат неговиот социјален мозок“, предупредува таа.
Децата што се изложени на преголемо количество дигитална содржина често имаат проблеми со развојот на социјалните вештини, како што се разбирањето на невербалната комуникација и социјализацијата со други деца. Намалена е емоционалната поврзаност и самата игра со другите деца се сведува на пасивно гледање видеа, што ја намалува социјалната флексибилност, а децата имаат тешкотии да преговараат, да чекаат ред или да се смеат и да се караат, поведенија што во суштина произлегуваат од колективна игра.
Ризици од рана изложеност
Попова Узуновски исто така предупредува на ризиците од развој на рана зависност од дигитални уреди. Иако кај деца под три години не може да се зборува за „клиничка зависност“, експертите велат дека лесно може да се создадат зависнички обрасци. Мозокот на малите деца е особено чувствителен на стимуланси што предизвикуваат моментално задоволство, како што се брзи и шарени видеосодржини. „Колку порано детето се навикне да се смирува или забавува преку екран, толку поголем е ризикот подоцна да развие потреба за постојана стимулација, нетолеранција на досада и намалена внатрешна мотивација“, објаснува нашата соговорничка.
Depositphotos
Родителите често ги препознаваат знаците на оваа зависност кога децата имаат интензивни избувнувања штом ќе го исклучат екранот, кога покажуваат опсесија со мобилниот телефон или кога покажуваат помал интерес за игра со играчки.
„Знаците на зависност се видливи во моментите кога детето не може да се смири без екран и кога губи интерес за активности што порано му биле интересни“, додава таа.
Физички последици од предолго време пред екран
И додека многу се зборува за психолошките и когнитивните последици, Попова Узуновски исто така укажува и на сериозните физички ефекти од прекумерната изложеност на екрани. Бебињата и малите деца, кои се уште во фаза на развој на моторичките вештини и сензорна интеграција, се изложени на ризик од забавен развој на моторичките способности. „Екраните ги заменуваат активната игра и истражувањето на физичкиот свет, што е неопходно за развој на координацијата и мускулната сила“, напоменува таа.
Покрај тоа, прекумерното седење пред екран може да доведе до лошо држење, мускулна слабост и проблеми со тежината. Овие проблеми не се само краткорочни туку може да имаат долгорочни ефекти врз физичкото здравје на децата.
Како да се постигне баланс меѓу екранот и играта?
Како тогаш да постигнеме баланс меѓу екранот и активностите на отворено? Според Попова Узуновски, важно е да се создаде здрав дневен ритам, каде што детето има време за движење, игра и човечка интеракција. За деца под три години, експертите препорачуваат правилна дистрибуција на активности: прво игра, па екран, а никогаш обратно. Исто така, екраните не треба да се користат како средство за смирување или за време на хранење. Родителите треба да бидат свесни дека тие се модел за своите деца. „Децата внимателно набљудуваат и учат од нас. Ако од рано гледаат возрасен што е постојано на телефон, тоа станува норма“, предупредува психологот.
Според експертите, родителите треба да се осигурат дека нивните деца секој ден имаат време за игра на отворено – минимум еден-два часа, како и активен физички контакт и комуникација. Клучно е да се создаде рамнотежа што вклучува време пред екранот, но без да се загрози физичкиот и психолошкиот развој на детето.
Во време кога технологијата брзо напредува и станува дел од секојдневниот живот, важно е да се потсетиме на значењето на личните интеракции, играта и физичката активност во раниот развој на децата.
Користењето мобилни уреди и апликации може да има и позитивни аспекти ако се користи умерено и со цел, но прекумерната изложеност на екрани може да предизвика сериозни последици на психолошки, когнитивен и физички план.
Родителите имаат клучна улога во тоа да формираат рамнотежа и да создадат здрава средина за развој на нивните деца, и тоа во време кога технологијата и дигиталните уреди не се само алатки туку и предизвик за новите генерации.