Ниту еден американски претседател досега не отишол толку далеку во пресметката со медиумите. Ниту еден не започнал светска трговска војна, ниту со однесувањето во поглед на царините и геополитиката поттикнал создавање на феноменот TAKO - „Трамп секогаш се повлекува“ (TACO - Trump Always Chickens Out). Доналд Трамп успеа од 20 јануари, кога и официјално вторпат стана претседател на САД, целосно да ја изврти светската трговија, да го зацврсти, па да го раскине пријателството со Илон Маск, да се закани со отпуштање на директорот на Федералните резерви, Џером Пауел, и гувернерката Лиза Кук, потоа да удри врз Универзитетот „Харвард“ – срцето на американското високо образование, да влезе во конфликт со Европа на повеќе фронта и, на крајот, систематски да почне да ја урива слободата на медиумите во земјата.
Додека Трамп креира политика во секторите што му носат финансиска корист, пазарите сигнализираат дека никогаш не било полошо. Главните берзански индекси во САД имаат послаби перформанси од кога било досега. Единствено златото блеска повеќе – очекуван знак на подлабока криза, во која инвеститорите бараат сигурно прибежиште. Дополнително, додека неговата администрација ја користи институционалната моќ за задушување на медиумската слобода преку притисоци врз телевизиските мрежи, истовремено создава простор за „слободно“ изразување на социјалните мрежи што тој ги контролира. Притоа, пред сè се мисли на „Трут соушал“ (Truth Social), мрежата што ја основа самиот Трамп, и на Х, под водство на Илон Маск, гласен поборник за слобода на говорот.
Уште еден закован клин во американскиот медиумски сандак е укинувањето на емисијата на славниот водител Џими Кимел, „Џими Кимел лајв!“ (Jimmy Kimmel Live!). Причината? Кимел во еден дел од својата програма го поврза убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк со движењето МАГА (Make America Great Again), кое го популаризираше токму Трамп. Зад „Џими Кимел лајв!“ стои медиумската куќа Еј-би-си, во сопственост на компанијата „Волт Дизни“ (Walt Disney Company). Треба да се нагласи дека Кимел ја води оваа хумористична емисија цели 22 години, во ист формат, на иста мрежа, и дека сето тоа време преку своите монолози ги коментира американската политика, социјалните неправди и актуелните случувања.
Прочитај повеќе

Трамп врши притисок врз медиумите: Суспензијата на Кимел отвора прашања за слободата на говорот
Трамп изнуди серија сериозни отстапки од најголемите медиумски куќи во светот.
19.09.2025

„Дизни“ го повлече „Кимел лајв“ поради коментарите на водителот за Чарли Кирк
„Дизни“ ја суспендира емисијата на Џими Кимел поради изјавите за Чарли Кирк, отворајќи нов фронт на политички притисоци и медиумски тензии во САД.
18.09.2025
Пред точно два месеца беше укината емисијата на уште еден популарен американски водител, Стивен Колберт. „Лејт шоу со Стивен Колберт“ (Late Show with Stephen Colbert) беше откажана по десет години постоење, откако Колберт критички ја коментираше политиката на Трамп. Проектот го поддржуваше медиумската куќа Си-би-ес (CBS), во сопственост на „Парамонт глобал“ (Paramount Global).
Претседателот и неговите републикански сојузници
одамна тврдат дека американските главни медиуми
се пристрасни кон конзервативците. Трамп повеќепати барал
од мрежите Си-би-ес, Еј-би-си и Ен-би-си
да се „ослободат од водителите на доцните вечерни емисии,
кои често ја критикуваат неговата администрација“.
Притисоците од Трамп се протегаат во сите општествени и јавни сфери, на што укажува и одлуката на американскиот регулатор за емитување ФЦЦ (FCC) да ѝ се закани на телевизиската мрежа Еј-би-си поради коментарот на Кимел за Кирк и движењето МАГА.
„Минатиот викенд допревме нови длабочини, додека МАГА-бандата очајнички се обидуваше да го претстави момчето што го уби Чарли Кирк како некој што не е дел од нив и прави сè што може за да извлече политички поени од тоа“, рече Кимел.
Потоа Кимел пушти снимка од Доналд Трамп по убиството на Кирк. На прашањето од новинар како се носи со загубата на својот пријател, Трамп одговори:
„Мислам, многу добро. Инаку, ги гледате ли сите тие камиони? Токму што започнаа работите на новата свечена сала во Белата куќа, за која се обидуваа да добијат дозвола, како што знаете, речиси 150 години. И ќе биде прекрасно.“
„Ова не е начин на кој возрасен човек жали за убиството на некој што го нарекувал пријател“, рече Кимел. „Ова е начин на кој четиригодишно дете жали за златна рипка.“
Во десничарски поткаст во средата, комесарот на ФЦЦ (FCC), Брендан Кар, отворен сојузник на Трамп, кој го напиша поглавјето за ФЦЦ во „Проект 2025“, рече дека монологот на Кимел е „болен“, затоа што сугерирал дека напаѓачот може да биде поврзан со движењето МАГА. Кар го пофали Кирк како „неверојатен човек“ и упати предупредување до Кимел и до мрежата на која работи.
„Имаме начини да реагираме. Искрено, кога гледате вакви работи – можеме да го направиме тоа на полесен или на потежок начин“, додаде тој.
Очигледно е дека Еј-би-си и компанијата „Волт Дизни“ го избраа полесниот пат: суспензијата на шоуто на Кимел беше најавена само неколку часа по коментарите на Кар. Според медиумските извештаи, компанијата „Некстар“ (Nexstar), која поседува многу станици поврзани со Еј-би-си, можеби ја поттикнала оваа одлука, откако претходно соопштила дека нема да ја емитува емисијата на Кимел поради тие коментари. „Некстар“ е во процес на спојување во вредност од 6,2 милијарди долари со медиумската компанија „Тегна“ (Tegna), а Кар, како комесар на ФЦЦ, би имал моќ да го блокира тој договор. Значи, врската меѓу политиката и бизнисот во овој случај е јасна и уште еднаш ги разоткрива кревкоста и зависноста на медиумските куќи во САД – од симболи на големи приватни корпорации, тие сè повеќе личат на државни медиуми што функционираат по волјата на режимот (Трамп).
Работата може да се гледа и вака: регулаторната агенција чие овластувања е да ги надгледува приватните медиуми упати закани со санкции за да спречи понатамошно емитување одредена содржина, а корпорацијата брзо реагираше и ја спроведе таа цензура. Оваа практика е позната како „усно убедување“ (англ. jawboning - кога владата врши притисок врз трета страна за да го замолчи говорот што не ѝ се допаѓа), иако Врховниот суд на САД едногласно потврдил дека ваквите методи не се дозволени.
Прв мандат, војна со медиумите и слобода на социјалните мрежи
Трамп од почетокот на своето претседателство (првиот мандат 2017–2021) постојано ги напаѓаше медиумите за кои сметаше дека не му се наклонети. Терминот „лажни вести“ (fake news) тогаш стана централeн дел од неговиот наратив, насочен кон Си-ен-ен (CNN), „Њујорк тајмс“ (New York Times), „Вашингтон пост“ (Washington Post) и други. Целта не беше само дискредитација на поединечни статии туку и поткопување на довербата на јавноста во целиот медиумски систем.
Претседателот често одбиваше да дава интервјуа за новинари или медиумски куќи што го критикуваа, а на прес-конференциите и на тогашниот Твитер (Twitter, кој денес е Х) јавно ги критикуваше новинарите, нарекувајќи ги „непријатели на народот“. Ниту тогаш ваквите пораки не беа само реторички, бидејќи во некои случаи администрацијата вршеше притисок врз државниот огласен простор и регулативите, со цел медиумите економски да бидат ослабени.
Трамп во 2017 година јавно ја оспори точноста
на известувањето на Си-ен-ен,
барајќи да им се одземе пристапот до прес-салата,
што предизвика правна и медиумска контроверзност.
За „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ често тврдеше
дека шират лажни информации за неговите политики,
а уште тогаш сатиричните коментари на Кимел и Колберт
го провоцираа Трамп да ги навредува на Твитер.
Медиумските куќи мораа да балансираат помеѓу критичкото известување и можното губење пристап до администрацијата или притисоците од огласувачите, што ја постави основата за директна цензура во вториот мандат, кога ФЦЦ и корпоративните притисоци почнаа да се користат за суспендирање емисии.
Од друга страна, социјалните мрежи даваат поголема флексибилност, но не се без цензура. Трут соушал дозволува широк спектар на изразување во рамките на протрамповата или конзервативна перспектива, но селективно блокира содржина што директно се спротивставува на платформата или на политичките ставови на основачот. Според официјален документ за модерирање, Трут соушал се залага за слобода на изразување, но истовремено настојува да спречи ширење нелегална и друга забранета содржина. Платформата наведува дека не потиснува ставови што се спротивставуваат на „преовладувачката нарација“ или на ставовите на претседателот Трамп за прашања од јавен интерес. Сепак, содржина што е „клеветничка, навредлива или на друг начин неприфатлива“ може да биде предмет на модерирање.
Оттука, се поставува прашањето дали содржината што потенцијално е отстранета од Трут соушал навистина е навредлива или тоа е процена на администрацијата на Трамп. Дополнително, иако платформата промовира слобода на изразување, постојат извештаи за забрана на кориснички налози што објавувале содржина спротивна на официјалната нарација. На пример, во јуни 2022 година беа блокирани неколку налози поради објавување содржини поврзани со истрагите за нападот на Капитол во 2021 година и јавните телевизиски сослушувања што детално ги прикажуваа настаните што доведоа до насилството. Извештаите сугерираат дека Трут соушал забранил содржини што се однесуваат на абортусот и на сослушувањата за 6 јануари.
Bloomberg
Мрежата Х премина на модел на модерирање заснован на вештачка интелигенција (ВИ) и заедничка проверка на факти - „факт-чекинг“ преку системот Комјунити ноутс (Community Notes). Сепак, овој пристап е проблематичен. Грок, ВИ-четботот на мрежата Х, неодамна неточно сугерираше дека лондонската полиција погрешно прикажала снимка од десничарски собир, што предизвика загриженост за ширење дезинформации преку технологијата на ВИ. Дали во тој случај имаше санкции?
По претходните контроверзии „Х еј-ај“ (xAI) презеде чекори за унапредување на модерирањето на содржината што ја генерира Грок, но конкретни санкции или казни кон Грок не беа применети, што укажува на недоследност во одлуките за казнување, укинување, цензурирање или ширење лажни вести кога ќе се споредат медиумите и социјалните мрежи.
Движење на акциите на „Парамонт“ и „Волт Дизни“
Bloomberg
Зависноста на „Волт Дизни“ и „Парамонт“ од Трамп
Иако „Волт Дизни“ и „Парамонт“ не се економски зависни од Доналд Трамп, во смисла дека нивното работење директно би зависело од одлуки или финансиска поддршка на неговата администрација, постојат неколку фактори што е важно да се разберат:
- Бизнис-независност: „Волт Дизни“ и „Парамонт“ се огромни медиумски и филмски корпорации со глобални приходи од милијарди долари, кои доаѓаат пред сè од киносали, претплати (Дизни+), реклами, лиценцирање содржина и продажба на филмови и серии низ светот. Трамп, како поединец или како претседател, не го контролира нивниот буџет, инвестиции или дистрибуцијата на содржини.
- Политичко и регулаторно влијание: Претседателот Трамп и неговите сојузници во администрацијата (на пример, ФЦЦ и Брендан Кар) јасно им ставија до знаење на телевизиските мрежи дека критичкиот тон може да има последици по нивните лиценци или регулаторен статус. Овој облик на притисок се нарекува коерција – медиумските куќи се наоѓаат во ситуација да избираат меѓу слободна уредувачка работа и можни проблеми со регулативата.
- За разлика од првиот мандат, кога притисокот беше пред сè реторички, во вториот мандат доаѓа до директни институционални импликации: Еј-би-си и Си-би-ес суспендираа емисии во кои беа критикувани ставовите на Трамп. Но овие одлуки не беа последица на економска зависност, туку беа донесени од страв од регулаторни последици или политички антагонизам.
- Самоцензура и заштита на корпоративниот интерес: Големите медиумски куќи како Си-би-ес и Еј-би-си балансираат меѓу критичкото новинарство и заштитата на пристапот до прес-салата, лиценците и огласувачите. Во овој контекст, укинувањето емисии повеќе е прашање на стратегиска самоцензура отколку на економска зависност од Трамп. Со други зборови, компаниите не опстанале благодарение на Трамп, туку се обиделе да избегнат потенцијални загуби или регулаторни конфликти.
Bloomberg
Слободата на медиумите во САД, всушност, отсекогаш била парадоксална, но Трамп отиде најдалеку во тоа. Првиот амандман (1791) формално обезбедува најсилна заштита на слободата на говорот и медиумите во светот, ограничувајќи ја државата директно да ги цензурира новинарите. Сепак, во практика се покажува поинаку.
Американските претседатели и администрации низ историјата наоѓале посредни начини да вршат притисок врз медиумите: од Никсон и неговата „црна листа на новинари“, преку Обама, кој го користеше законот за шпионажа за да гони укажувачи, до Трамп, кој ги нарекуваше медиумите „непријатели на народот“. Сепак, додека претходните претседатели главно влегуваа во спорови со новинари и критикуваа поединечни редакции, администрацијата на Трамп ја користи својата институционална и политичка моќ за задушување на медиумската слобода, додека истовремено создава простор за слободно изразување на социјалните мрежи што ги контролира.
Тука е важен уште еден контекст: традиционалните мрежи – Си-ен-ен, Фокс, Еј-би-си, Си-би-ес, Ен-би-си, „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ – и понатаму го обликуваат тоа што се смета за „главна тема“ во земјата. Нивните информации имаат поголема тежина во политичките кругови, кај инвеститорите, судовите и регулаторните тела, а новинарите во Белата куќа, Конгресот и на меѓународните форуми отворено поставуваат прашања и со тоа директно влијаат врз власта. Од друга страна, социјалните мрежи имаат посилен ефект врз масата – побрзо поттикинуваат протести, шират наративи и влијаат врз јавното мислење.
Медиумите и понатаму ја ставаат на маса темата „што е важно“, а социјалните мрежи одредуваат „како се зборува за тоа“. Трамп, изгледа, засега смета дека е многу поважно да се елиминира темата уште на почетокот, зашто ако ја нема, понатаму нема ни да се зборува за неа. Покрај тоа, под вториот мандат на Трамп гледаме обликување на нова американска јавна сфера – онаа во која сатирaта може да биде угасната поради политичка коерција, додека лажните вести можат непречено да опстојуваат на платформите што тврдат дека ја штитат слободата на говорот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...