Телевизиската мрежа Еј-би-си (ABC) на „Волт Дизни“ (Walt Disney Co.) го повлекува шоуто „Џими Кимел лајв!“ од програмата на неопределено време, поради бурните реакции на изјавите што водителот ги даде за убиството на републиканскиот активист Чарли Кирк.
Суспензијата започнува со емисијата в среда, соопшти „Дизни“. Одлуката беше објавена неколку минути откако „Некстар медија груп“ (Nexstar Media Group Inc.), сопственик на десетици локални станици на Еј-би-си, најави дека исто така ќе ја повлече емисијата на неопределено време, поради „навредливи и нечувствителни“ коментари.
Одлуката на „Дизни“ да суспендира една од своите најголеми ѕвезди ја истакнува опасната политичка клима за големите медиумски компании и е најнов пример за притисок врз нив од страна на администрацијата на Трамп да внимаваат на изјавите на своите водители. Минатата година „Дизни“ плати 15 милиони долари за да реши тужба за клевета поднесена од претседателот Доналд Трамп поради коментарите на водителот Џорџ Стефанопулос. Неделава претседателот поднесе тужба против „Њујорк тајмс“ (New York Times Co.) барајќи отштета од 15 милијарди долари, тврдејќи дека весникот има агенда против него.
Прочитај повеќе

Трамп се заканува дека ќе им ги одземе ТВ-лиценците на „Ен-би-си“ и „Еј-би-си“
Американскиот претседател Доналд Трамп ги критикуваше „Ен-би-си“ и „Еј-би-си“ како „два од најлошите и најпристрасни медиуми во историјата“.
25.08.2025

„Дизни“ планира да купи удел во бизнисот „Хулу“
Забавната компанија во средата соопшти дека очекува да плати најмалку 8,61 милијарди долари за уделот.
02.11.2023

„Волт Дизни“ најави нови отпуштања
Компанијата „Волт Дизни“ планира нова рунда кратења на работните места во својот ТВ-оддел.
01.08.2024
Џими Кимел, кој е гласен критичар на Трамп, ги обвини републиканците дека ја користат смртта на Кирк за политички напади против своите противници.
„За време на викендот видовме ново дно, кога МАГА-групата се обидуваше да го прикаже овој тинејџер што го уби Чарли Кирк како нешто друго, а не како еден од нив“, рече Кимел во својот монолог на 15 септември.
Коментарите предизвикаа бурни реакции кај многу конзервативни коментатори и донесоа критики од членови на администрацијата на Трамп.
Брендан Кар, претседател на Федералната комисија за комуникации - ФЦЦ (Federal Communications Commission – FCC), изјави во поткаст кај водителот Бени Џонсон дека има силна основа да ги казни Кимел, Еј-би-си и „Дизни“. ФЦЦ им издава лиценци на радиодифузери како Еј-би-си и неговите локални станици.
„Ова е многу, многу сериозно прашање за ‘Дизни’ во моментов“, рече Кар. „Тие имаат лиценца издадена од нас во ФЦЦ и тоа носи обврска да работат во јавен интерес.“
Кимел планирал да одговори на реакциите во емисијата во средата и дури имал и проба на програмата тој ден, но изјавите на Кар го поттикнале „Некстар“, најголемиот сопственик на локални телевизиски станици во САД, да ѝ соопшти на „Дизни“ дека ќе ја повлече емисијата, велат анонимни извори. Потоа „Дизни“ објави свое соопштение дека Кимел ќе биде тргнат од етер.
„Некстар“ има предмет што е во постапка пред Федералната комисија за комуникации. Компанијата бара одобрение за договор од 6,2 милијарди долари за преземање на „Тегна“ (Tegna Inc.), уште еден сопственик на локални телевизиски станици, и за да ја заврши трансакцијата ѝ е потребна поддршката од Кар.
Во меѓувреме, „Синклер“ (Sinclair Inc.), најголемиот сопственик на станици поврзани со Еј-би-си, соопшти дека ќе ја држи емисијата на Кимел надвор од етер сè додека не завршат разговорите со мрежата за нејзината „посветеност на професионалноста и одговорноста“.
Од „Синклер“ побарале Кимел да му се извини на семејството Кирк и да ѝ донира средства на неговата политичка организација. Наместо редовната програма, в петок во терминот на „Џими Кимел лајв!“ ќе емитуваат специјална емисија во спомен на Кирк. „Синклер“ располага со 40 станици поврзани со Еј-би-си.
„Дизни“ не даде никакви индикации кога или дали воопшто емисијата на Кимел би можела да се врати. Еј-би-си в среда вечер во истиот термин ќе емитува реприза на „Семејна расправија со познати личности“ (Celebrity Family Feud).
Кимел ја води својата емисија од 2003 година, со што стана еден од најдолго присутните водители на ток-шоу програми во доцните часови. Кариерата ја започна како радиоводител во Сиетл, потоа се пресели во Тампа, Тусон, а на крајот во Лос Анџелес. Во последниве години го намали обемот на работа, па во летните месеци не ја води емисијата. Неговиот актуелен договор истекува за помалку од една година.
Во јули, Си-би-ес (CBS) објави дека ќе ја укине својата вечерна емисија што ја водеше Стивен Колберт, кој исто така е критичар на Трамп. Телевизијата го образложи потегот со трошоците поврзани со програмата, иако нејзиниот сопственик „Парамаунт глобал“ (Paramount Global) тогаш бараше одобрение од Федералната комисија за комуникации за преземање од „Скајденс медија“ (Skydance Media). Одобрението подоцна беше дадено.
Одлуката на „Дизни“ дополнително ќе ја зголеми загриженоста дека администрацијата на Трамп се обидува да го задуши секое противење на неговата агенда. Неделава претседателот влезе во вербална расправија со новинарот на Еј-би-си, Џонатан Карл, кој го праша за плановите на државната обвинителка Пам Бонди да „се справи со говорот на омраза“. Подоцна таа се повлече од тие изјави.
„Конгресот не може да донесе закон со кој ќе се отпушти Џими Кимел за шега, но Еј-би-си може,“ напиша Роберт Томпсон, директор на центарот за телевизија и популарна култура „Блајер“ (Bleier Center for Television and Popular Culture) при Универзитетот во Сиракјуз. „Сигурен сум дека комичарите што вечерва снимаат емисии не можат да останат рамнодушни, имајќи ја предвид брзината со која се одвива оваа доцновечерна драма.“
Медиумските организации се мачат со тоа како најдобро да известуваат за Кирк, конзервативен активист што со своите коментари навреди многумина. „Ем-ес-ен-би-си“ (MSNBC) го отпушти аналитичарот Метју Дауд откако тој сугерираше дека јазикот што го користел Кирк довел до неговото убиство.
Обични Американци, од наставници до работници во ресторани, исто така ги изгубија работните места или беа дисциплинирани поради коментари за инцидентот.
Во објава на „Трут соушал“ (Truth Social), Трамп ја поздрави одлуката на Еј-би-си и побара од Ен-би-си (NBC) да ги отпушти своите доцновечерни водители Џими Фалон и Сет Мајерс.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...