Европа здивна. Успеаја да избегнат судир со претседателот на САД, Доналд Трамп, кој со насмевка на лицето си замина од самитот на НАТО, постигнувајќи историски договор за зголемување на издвојувањата за одбрана на пет отсто од бруто-домашниот производ (БДП). Првиот самит на Трамп со алијансата во неговиот втор претседателски мандат конечно доведе до усогласување меѓу него и неговите европските колеги, бидејќи тие всушност го прифатија неговото барање – да плаќаат повеќе за сопствената одбрана за САД да останат посветени на лидерството во НАТО и заштитата на европските сојузници.
И додека многу европски лидери се соочуваат со прашањето дали политички ќе ги чини покорувањето на Трамп или ќе имаат корист од спротивставувањето, европските коментатори и аналитичари укажуваат дека самитот во Хаг претставува конечно прифаќање од страна на Европејците дека мора да се разбудат од атлантистичката лежерност, обезбедена од американскиот нуклеарен чадор. А тоа им изгледаше неверојатно и како невиден скандал пред само година и половина, кога Трамп за време на претседателската кампања ги шокираше со изјавата дека нема да ги брани европските сојузници во НАТО кои недоволно издвојуваат за сопствената одбрана. Поточно, дека би го поттикнал Владимир Путин да ги нападне.
Иако никогаш претходно во американската историја еден актуелен или поранешен претседател не ги повикал другите држави да ги нападнат американските сојузници, денес тоа делува како успешна шок-терапија, бидејќи Трамп успеа во нешто што неговите претходници се обидуваа да го постигнат со дипломатски тон – но безуспешно. Оваа напната приказна има среќен крај, задоволно заклучува коментаторот на данскиот весник „Берлникгске“, Том Јенсен, укажувајќи дека самитот на НАТО завршил без поголема драма.
Прочитај повеќе

Самит на НАТО или барање решение како да се задоволи американскиот претседател Трамп
Дали лидерите на земјите членки на Алијансата ќе зборуваат со ист глас на денешниот самит и ќе се залагаат за зголемување на трошоците за одбрана?
24.06.2025

Европските држави од НАТО загрижени поради можното повлекување на САД
Загриженоста расте уште повеќе откако Вашингтон ги нападна иранските нуклеарни постројки, зголемувајќи ја можноста дека САД би можеле да се свртат повеќе кон Блискиот Исток, а помалку кон европскиот континент.
23.06.2025

Како Шпанија се избори да троши помалку за одбрана и покрај притисокот од Трамп
Најновиот нацрт-план на НАТО го поместува рокот за постигнување на целта до 2035 година и го намалува притисокот врз земјите што заостануваат.
23.06.2025

Благодарение на Трамп, Макрон е навистина последниот претседател на Европа
Макрон не изгледаше како „спасител“ на крајот на минатата година
22.03.2025

Германија ги менува фискалните правила за да ја трансформира европската одбрана
Германија ќе го измени Уставот за да ги изземе трошоците за одбрана и безбедност од ограничувањата на фискалните трошоци и ќе направи „сė што е потребно“ за да ја одбрани земјата.
05.03.2025
„Сигналите од Трамп (во врска со Членот 5 од Вашингтонскиот договор за меѓусебна одбранбена обврска) беа клучно негирање на заканата за распаѓање на НАТО“, истакнува Јенсен, и додава дека прашањата околу Украина и подготвеноста на Америка да ја поддржи земјата уништена од војната остануваат неодговорени. „Но, на крајот на краиштата, тоа е помала грижа отколку што ја имавме пред овој самит на НАТО. Целата Европа сега треба да здивне.“
Политикологот Линас Којала за летонскиот портал „15мин“ истакнува дека НАТО е како „голем брод кој плови по нестабилен курс низ бурни води“, додека „американскиот капетан не делува особено сигурно, благо речено“.
Bloomberg Mercury
„Некои на бродот би сакале да го напуштат, но нема други бродови на видик. Дури и капетанот почнува да сфаќа дека не е толку лоша идеја да ги држи рацете на кормилото. Така се нишаме, очите ни се полни со сомнеж – но некако, сепак, одиме напред“, метафорички објаснува Којала.
Сепак, коментаторот на британскиот конзервативен весник „Тајмс“, Едвард Лукас, смета дека останатите членки на НАТО не си прават услуга со тоа што му удоволуваат на секој Трампов хир. Според него, за да го смират американскиот претседател, тие ја скратиле агендата, ја занемариле Украина, ја намалиле заканата од Русија, дале празни ветувања и избегнале итни одлуки.
„Интензивниот фокус на расположението на Трамп и неговиот избор на зборови ја истакнува ранливоста на алијансата на претседателските хирови. НАТО се потпира на САД за пополнување на бројни празнини. Тие вклучуваат недостиг на муниција и резервни делови, противвоздушна и ракетна одбрана, далекусежна огнена моќ и витални 'помошни капацитети' како разузнавање и логистика“, наведува Лукас и додава дека најдобро што може да се каже е: „Ако сојузниците го сметаат пристапот на Трамп за збунувачки – тогаш и Путин ќе смета така.“
Опасното германско потчинување
Од друга страна, Германија под канцеларот Фридрих Мерц најавува огромен пресвртен курс во својата политика и колосални инвестиции во одбраната – нешто што со децении беше голема табу тема. Уште повеќе, Мерц сака да го трансформира Бундесвер во „најмоќната конвенционална војска во Европа“, што најавува раскин со фундаменталниот стратешки идентитет што Германија го одржуваше од 1945 година, па дури и по 2022 година, кога по руската инвазија на Украина тогашниот канцелар Олаф Шолц го најави „пресвртот“ во надворешната и безбедносната политика.
Размерите на плановите на Мерц се запрепастувачки: предложените 400 милијарди евра за одбрана и безбедност, вклучувајќи го планот за зголемување на годишните расходи за одбрана на 5 отсто од БДП, би претставувале речиси половина од федералниот буџет.
Bloomberg
Колумнистот на порталот „Унхерд“, Томас Фази, истакнува дека станува збор за „трансформација со далекосежни политички и општествени последици“ и ја нарекува „опасна покорност на Германија“. Тој нагласува дека германската кампања за повторно вооружување е особено значајна затоа што не е ограничена само на воената сфера.
„Визијата на Мерц е визија на тотална мобилизација – пристап на ‘целото општество’ што сака да ја подготви не само армијата, туку целата германска економија и цивилна инфраструктура за судир со Русија. Медиумите, образованието, индустриската политика и цивилната заштита се усогласуваат за да го поддржат овој нов воен став. Несогласувањето – било политичко, новинарско или академско – сè повеќе се стигматизира како субверзивно или дури закана за националната безбедност“, вели Фази.
Тој потсетува дека во поголем дел од поранешниот период по Втората светска војна – и покрај Студената војна – германската политика се стремеше кон подобрување на односите со Русија, тежнејќи кон детант: стратегија на ангажман базирана на идејата дека меѓузависноста ќе поттикне доверба, ќе ги намали тензиите и постепено ќе отвори простор за политичко помирување.
„Ова беше германски консензус повеќе од 50 години – сè до руската инвазија на Украина во 2022 година – иако со текот на времето политичкото раководство, а особено Ангела Меркел, сè потешко ја балансираше својата стратешка ориентација меѓу интересите на Германија и нејзините трансатлантски врски, под растечки притисок од САД да ја дестабилизира Русија преку Украина.“
Додека некои набљудувачи во германското вооружување и промената на политиката гледаат опасен сигнал за повторно оживување на германскиот национализам и шовинизам, Фази смета дека е погрешно да се мисли дека Германија го користи моментот за да ја обнови својата доминација на континентот.
„Она на што сведочиме не е враќање на германскиот национализам, туку неговата спротивност. Политиките што сега се спроведуваат – од масовно вооружување до ескалација на судирот со Русија – не произлегуваат од ладна грижа за германските национални интереси, туку од нивно негирање“, нагласува тој. „Тие се израз на политичка класа што толку темелно ја интернационализираше атлантската идеологија, што веќе не прави разлика меѓу националната стратегија и трансатлантската лојалност.“
Во заедничка колумна за „Фајненшл тајмс“, Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш ја потврдија својата посветеност на трансатлантските односи и НАТО – што, според Фази, „и понатаму подразбира стратешка потчинетост на Европа кон Вашингтон, и покрај нивните неодамнешни реторички гестови кон поголема европска автономија“.
„Во таа смисла се гледа дека Мерц, иако јавно го критикува Трамп, фактички ја спроведува визијата на Трамп: врши притисок Германија драстично да ги зголеми воените расходи, да преземе водство во војната во Украина и да ги прекине енергетските врски со Русија. Сето тоа се претставува како израз на германски и европски суверенитет. За разлика од храбриот став на Меркел против американската инвазија на Ирак пред 20 години, Мерц исто така понуди целосна поддршка за неодамнешниот напад на Трамп врз Иран“, пишува Фази, заклучувајќи дека денес проблемот „не е германската амбиција, туку германската покорност“.
„Трагедијата е во тоа што таа покорност се претставува како стратешка автономија – мрачна пародија на суверенитет во ерата на идеолошка зависност. Ако германските лидери некогаш разбираа дека мирот со Русија е во фундаментален интерес на Германија, денешните водачи се однесуваат како постојаниот конфликт да е предуслов за одговорно државничко управување. Тој пресврт не е опасен само за Германија, туку и за Европа во целина.“
Шпанија како пример
Додека Фридрих Мерц политички ризикува поради огромното задолжување на државата која се соочува со големи економски и социјални проблеми, одредени коментатори посочуваат дека шпанскиот премиер Педро Санчез би можел политички да профитира од своето противење на барањето на Трамп за зголемување на трошоците за одбрана на пет отсто од БДП, и покрај тоа што Трамп му се закани дека ќе ја натера Шпанија да „плати двојно повеќе“.
Шпанија во моментот издвојува 2,1 отсто од БДП за одбрана, а земји што издвојуваат значително помалку, како Белгија и Италија, сега гледаат во Шпанија пример за следење. Коментаторот на белгискиот весник „Де стандард“, Ливен Сиоен, го поддржува ставот на Шпанија и вели дека Белгија треба да го следи нејзиниот пример – особено во барањето за поголема акција во заштитата на климата.
Bloomberg
„Климатските катастрофи доведуваат до војни, а војните се климатски катастрофи. По три години, војната во Украина има јаглеродна емисија поголема од годишните емисии на земја со големина на Шпанија – а да не зборуваме за огромната еколошка штета. Затоа, ако сакаме белгиско толкување на барањата на НАТО, можеби не е нереално да се додадат мерки за заштита на климата во тие 5 отсто“, истакнува Сиоен.
Финскиот либерален дневен весник „Кауппалети“ забележува дека Финска, како „примерен ученик“, ветила дека ќе ги зголеми воените трошоци на нивото кое го бара Трамп, иако е нејасно од каде ќе дојдат тие средства.
„Ситуацијата за земјите што се директно на источната граница е поинаква од онаа на Шпанија, која е далеку на југ и веќе се бунтува против зголемувањето на трошоците за НАТО. Мора да се направи многу за да се осигури дека другите нема само да стојат со скрстени раце додека земјите на границата со Русија преземаат мерки за јакнење на своите одбранбени капацитети“, истакнува уредништвото на весникот, потсетувајќи дека за време на пандемијата со ковид, земјите од јужна Европа добија дарежлива поддршка. „Слично ниво на солидарност сега е потребно за да се одговори на руската закана.“
Од друга страна, коментаторот на францускиот регионален дневен весник „Оест Франс“, Лоран Маршан, укажува на едно фундаментално прашање – дека постои опасност да ги вооружуваме поединечните држави, додека се преправаме дека ја вооружуваме Европа.
Според него, тоа би значело дека европските нации ќе бидат вооружени, но и понатаму нема да постои европска армија.
„А тоа би било спротивно на целиот проект на Европа по Втората светска војна. Опасноста не е измислена и треба веднаш да се адресира. Ако многу земји воведат задолжителна воена служба (вклучително и Германија, која го разгледува тоа), дали го прават тоа за да пренесат чувство на колективна европска одбрана – или едноставно за да ги бранат своите сопствени знамиња?“, прашува Маршан.
Тој нагласува дека за 15 или 20 години, кога одлуките донесени во Хаг ќе станат реалност, ќе биде предоцна за да се поставуваат овие прашања.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...