Претседателот Доналд Трамп објави дополнителни 10 проценти царини за Канада како одговор на реклама од покраината Онтарио која е критична кон даноците, ескалирајќи ги тензиите меѓу двете земји. Канадскиот премиер Марк Карни даде краток одговор на заканата, велејќи само дека неговата влада е подготвена да ги продолжи трговските разговори со САД во секое време и рече дека Канада бара нови извозни пазари како замена за американскиот.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Следната година ќе биде предизвикувачка: Ќе преживее ли автомобилскиот сектор во Македонија?
Следната година ќе биде вистински предизвик за македонските компании од автомобилската индустрија. Извори од секторот за „Блумберг Адрија“ велат дека сите опции се во игра, па дури и намалување на бројот на работници. Секторот се соочува со повеќе проблеми, велат нашите соговорници, кои инсистираат на анонимност.
На домашниот проблем со недостиг од работна сила, но и високите трошоци за вработените, се додаваат и меѓународните проблеми. Автомобилската индустрија во Европа се подготвува за прекини во производството во наредните денови поради кинеските ограничувања за извоз на полуспроводници произведени од холандската компанија во кинеска сопственост „Нексперија“.
Во регионот врие од преземања и спојувања: Македонија на дното
Од над 100 најавени или завршени трансакции поврзани со преземања и спојувања (M&A) на компании на пазарите на капитал во земјите од регионот Адрија во текот на 2025 година, само пет се од Македонија, според податоците на терминалот на „Блумберг“. Со тоа нашата земја се најде на последното место на листата на земјите од регионот Адрија (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, БиХ) рангирани во бројот на реализирани или најавени трансакции за преземања и спојувања на компании.
На врвот на скромната листа од Македонија по висина на трансакцијата е успешното преземање на „Стопанска банка Битола“ од страна на српската „Алта банка“. „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека преку понудата за преземање преземачот „Алта банка“ се стекна со вкупно 345.175 обични акции што претставува учество од 88,2 проценти од вкупниот број обични акции издадени од „Стопанска банка Битола“.
Преглед на берзите: Златото опаѓа, нафтата расте, биткоинот се колеба
Минатата недела донесе отрезнувачки момент за пазарот на злато. Стрмниот пад беше студен туш за инаку загреаниот пазар на злато (и сребро), бидејќи скапоцениот жолт метал веќе доби 64 проценти од својата вредност оваа година пред да падне од рекордното високо ниво.
Во петокот, златото се тргуваше по околу 4.130 долари за унца од 31,1 грам, додека во понеделникот цената беше нешто под 4.400 долари за унца. Падот на цената од рекордно високо ниво до психолошката граница од 4.000 долари го означи најголемиот пад во последните четири години. И покрај ладењето на пазарот, златото е сè уште речиси 50 проценти поскапо отколку кога се тргуваше на почетокот на годината, кога цената беше 2.650 долари за унца.
Трамп со низа договори во Азија се „билда“ пред состанокот со Шји
Американскиот претседател Доналд Трамп откри низа трговски договори за време на неговиот прв ден во Азија, со цел да го зајакне пристапот до критични минерали и пазарот за американски земјоделски производи пред клучната средба со кинескиот претседател Шји Џјинпинг.
„Мојата порака до земјите од Југоисточна Азија е дека Соединетите Американски Држави се со вас 100 проценти и имаме намера да бидеме силен партнер и пријател за многу генерации што доаѓаат“, рече Трамп на состанокот на Здружението на земјите од Југоисточна Азија во Куала Лумпур во недела. Американскиот претседател понуди исклучоци од неговиот реципрочен царински режим за клучниот извоз од Тајланд, Камбоџа, Виетнам и Малезија како дел од договорите.
Уапсени осомничени за спектакуларниот грабеж на накит во Лувр
Осомничените беа уапсени во саботата навечер и притворени како дел од истрагата за спектакуларниот грабеж на накит во музејот Лувр минатата недела, што го шокираше светот и ја засрами француската влада. Канцеларијата на парискиот обвинител ги потврди апсењата во неделата наутро, додавајќи дека еден од осомничените се подготвувал да избега од Франција преку аеродромот Роаси.
„Ле Паризиен“ претходно објави дека двајца мажи се уапсени и рече дека трето лице е лоцирано североисточно од Париз. Потрагата беше започната откако четири лица провалија во Лувр сред бел ден минатата недела и украдоа осум парчиња накит, вклучувајќи кралски ѓердани, тијари и обетки. Дрскиот грабеж траеше само седум минути, предизвикувајќи критики и обновено внимание на безбедносните мерки на светски познатиот музеј.