Од над 100 најавени или завршени трансакции поврзани со преземања и спојувања (M&A) на компании на пазарите на капитал во земјите од регионот Адрија во текот на 2025 година, само пет се од Македонија, според податоците на терминалот на „Блумберг“. Со тоа нашата земја се најде на последното место на листата на земјите од регионот Адрија (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, БиХ) рангирани во бројот на реализирани или најавени трансакции за преземања и спојувања на компании.
Кои се примерите од Македонија?
На врвот на скромната листа од Македонија по висина на трансакцијата е успешното преземање на „Стопанска банка Битола“ од страна на српската „Алта банка“. „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека преку понудата за преземање преземачот „Алта банка“ се стекна со вкупно 345.175 обични акции што претставува учество од 88,2 проценти од вкупниот број обични акции издадени од „Стопанска банка Битола“. Српската банка плати по 3.777 денари по акција, а заедно со акциите што веќе ги поседуваа заедно со поврзаните лица (19.439 обични акции) сега има вкупно 364.614 обични акции што претставува учество од 93,2 проценти од вкупниот број обични акции (390.977 обични акции) издадени од „Стопанска банка Битола“.
Прочитај повеќе
„Генерали“ инвестира три милијарди евра во откуп на акции, спојувања и преземања
Ексклузивно интервју со Џулио Терзариол, извршен директор за осигурување во групацијата „Генерали“ за ТВ Блумберг Адрија.
06.02.2025
Колку „тежи“ фитнес индустријата и кои се новите трендови?
По пандемиските нарушувања и инфлаторните притисоци, 2024 година означи враќање кон оперативна нормализација и стратешка еволуција.
08.07.2025
Српската „Алта банка“ е нов сопственик на „Стопанска банка Битола“
Понудата ја прифатиле 262 акционери
14.10.2025
Српската „Алта банка“ влегува на македонскиот пазар со купување на „Стопанска банка Битола“
Преземањето доаѓа како потврда на мисијата на банката да стане регионален лидер во обезбедувањето модерни и достапни финансиски услуги.
11.09.2025
На листата се наоѓаат и влегувањето на хрватската ФИНА во сопственичката структура на Македонската берза, преземањето на „Раде Кончар Апаратна техника“ АД Скопје од „Раде Кончар ТЕП“, купувањето на соларна централа во развој од страна на турската „КОН-Тек контрол“, како и преземањето на „РЖ Економика“ АД Скопје од страна на кавадаречката ГМЛ.
Хрватска на врвот
На пазарот на спојувања и преземања (M&A) во Хрватска досега во 2025 година се објавени 48 трансакции. Меѓу најактивните на ова поле беше компанијата „Чаковечки Млинови“ ДД, која учествуваше во неколку консолидации во прехранбената индустрија. Други значајни купувачи беа „Футура Медикал Груп“, „КОНЧАР-Електроиндустрија“ и „Фортенова Груп“, од кои сите се проширија преку целни домашни преземања.
Следува Србија
Според податоците што ги опфаќаат трансакциите објавени помеѓу јануари и октомври 2025 година, Србија регистрираше над 30 зделки за спојувања и преземања и инвестиции, што ја одразува домашната експанзија и прекуграничниот интерес. Од енергетика и храна до телекомуникации и финансии, склучувањето зделки покажува дека Србија ја зацврсти својата улога како регионален центар во Западен Балкан.
Странците активни во Словенија
Словенија доживеа динамична година на фронтот на спојувања и преземања во 2025 година, обележана со силно присуство на меѓународни инвеститори во технолошкиот, енергетскиот и финансискиот сектор. Според податоците за зделките, објавени се над 25 трансакции со активност предводена од компании од Германија, Унгарија, Швајцарија и САД.
Значајни трансакции и во БиХ
И Босна и Херцеговина има забележителна активност на спојувања и преземања во 2025 година, во услови на растечки регионален интерес. Пазарот на спојувања и преземања во Босна и Херцеговина покажа значителен моментум во 2025 година, со пораст и на домашни консолидации и на странски стратешки влезови во енергетиката, рударството и финансиите. Во текот на 2025 година беа објавени најмалку 19 зделки, вклучувајќи неколку значајни трансакции кои го нагласуваат променливиот инвестициски пејзаж во земјата.