Гувернерот на Хрватската народна банка и член на Советот на гувернери на Европската централна банка (ЕЦБ), Борис Вујчиќ, изјави дека растот на потрошувачките цени бавно се намалува, а опасностите од повторен пораст ги надминуваат очекувањата за брзо повлекување.
„Се очекува постепен пад на инфлацијата, со ризици сè уште претежно насочени кон раст, поради ризиците што произлегуваат од тесниот пазар на трудот и ценовните притисоци во услужниот сектор“, рече во интервју за „Блумберг“ шефот на Хрватската централна банка, во саботата во Дубровник.
Вујчиќ зборуваше нешто помалку од две недели пред ЕЦБ да ги одреди новите трошоци за задолжување, при што инвеститорите и економистите широко очекуваат уште едно зголемување на стапката на депозитите за четвртина поен, на 3,5 отсто.
Нејасно е дали серијата на зголемувања ќе заврши на следниот состанок, во јули, или ќе продолжи на тој по него, во септември. Нивото на платите ќе има голема улога во обликувањето на насоката на монетарната политика.
Вујчиќ смета дека притисокот врз платите во 20-члената еврозона во просек е понизок отколку во неговата матична земја и рече дека тие „сè уште се многу живи и допрва треба да видиме каде ќе застанат“.