text size
Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, што е за 7 отсто повеќе од лани. Сепак, тоа не е доволно за значајно да се подобри квалитетот на живот. Македонија се наоѓа на 62. место на листата што го мери квалитетот на живот, од регионот Хрватска и Словенија се во топ 20. Во таа битка за поквалитетен живот пресметавме колку ќе платат газдите ако ги покачат платите на своите вработени за 100 евра.
Битката можеби може да се води и со повеќе работа. Нашата анализа покажа дека младите во Македонија се онлајн нонстоп, ама повеќе за забава, малку за работа. Ниту македонските градежни компании не се целосно искористени, па во текот на инвестицискиот бум очекуваат да добијат повеќе ангажмани.
Неделава се одржа и конференцијата во организација на Македонската берза, од каде што беа испратени силни пораки. Гостин на конференцијата беше и нашиот главен аналитичар Михаел Блажековиќ, кој смета дека има голем простор за продлабочување на македонскиот пазар на капитал.
Анализиравме кој е кој во јавните набавки во Македонија, зошто небанкарскиот сектор расте двојно побрзо од банкарскиот, а сѐ уште е со многу мал пазарен удел, од каде дојдоа над осум милијарди евра инвестиции во Македонија, колку губат македонските штедачи чувајќи ги парите во банка и зошто „Македонски телеком“ е атрактивна инвестициска приказна.
Неделава се одржа и годишната конференција на асоцијацијата на производители на електрична енергија од сонце. Фокусот беше на тоа како да се стави ред во секторот за да може не само да се произведува туку и да се заработува од струјата.
Прочитај повеќе:
Проблеми со станбените кредити? Пребарувањата за ова се на највисоко ниво во историјата
Каква премија плаќа „Шпаркасе“ за преземањето на „Уни банка“?
ОЕЦД предупреди дека глобалната инфлација ќе потрае, а централните банки одново ќе ги зголемуваат каматите. Во исчекување на повисоките камати, глобалната распродажба на обврзници се засилува, а приносот на американските петгодишни обврзници надмина пет отсто за првпат од 2007 година. Во Романија, пак, во тек е необична акција – се дарува крв за обврзници.
На инфлацијата најголемо влијание ќе има цената на енергентите. Нафтата поевтинува, но ситуацијата со снабдувањето со дизел на Европа се влошува откако Трамп побара забрана за извоз. Анализиравме што би значело тоа за цените во Европа.
Растат ризиците од ВИ, а фондовите тешки милијарди се загрижени поради тоа. И Банката на Англија е загрижена дека ВИ може да ги урне берзите, а употребата на ВИ ќе влијае врз кредитните рејтинзи на банките.
Истовремено, беше објавено дека агент на „Опен еј-ај“ хакирал веб-страница на австралиската влада, па компанијата објави дека ќе дозволи надворешни лица да ги оценуваат ВИ-моделите во рана фаза.
ВИ беше централна тема на средбата на Трамп и Шји, која помина со голема помпезност, но мала суштина. Пред самитот на лидерите на двете најсилни економии беше продолжено трговското примирје, а се разговараше и за Европа и Тајван.
Средбата се совпадна со одлуката на Трамп да им забрани пристап до Белата куќа на неколку медиуми, на чело со „Си-ен-ен“. Новинарите се вратија откако се заканија со тужби.
Во Германија неделата почна со изборен земјотрес, партијата на Мерц имаше најлош резултат на покраинските избори во повоена Германија, што го отвори прашањето дали се тресе позицијата на германскиот канцелар.