text size
Македонија располага со капитал што може да се насочи кон развој на домашниот корпоративен сектор, но тој е пасивен и неговото активирање останува едно од клучните прашања за иднината на домашниот пазар. Додека граѓаните и компаниите располагаат со огромни заштеди, а домашните инвеститори добиваат сè полесен пристап до странските берзи, Македонската берза се соочува со пад на класичното тргување и ограничен број активни учесници. Во такви услови, идејата за воведување македонски инвестициски сметки, по примерот на решенијата што се развиваат во регионот и Европа, отвора поширока дебата за тоа како долгорочното штедење да се поврзе со пазарните инвестиции, а капиталот да се насочи кон финансирање на домашните компании. Ова беа дел од клучните прашања и пораки од јубилејната 25 Годишна конференција на Македонската берза што се одржува во Охрид.
Пазарот на капитал не е конкурент на банките
Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредноста (КХВ) рече дека се наоѓаме во период на транзиција во која новите европски регулативи не се само далечен тренд туку реалност која директно ја обликува домашната економија. Таа додаде дека КХВ има јасна и одговорна мисија да го води пазарот низ процесот на усогласување со ЕУ стандардите.
Прочитај повеќе
Колкав ќар им донесе војната во Заливот на „Макпетрол“ и „Окта“
Анализираме како работеле двете најголеми македонски нафтени компании во првите шест месеци
16.09.2026
Македонска берза: индексот со најлошо полугодие за изминативе пет години
Паднат и прометот во класично тргување, некои од „блу чиповите“ во минус и по 30 отсто
21.07.2026
Лани за малку едно, годинава послабо - сонот за ИПО во Македонија сѐ уште трае
Македонија трпеливо го чека денот кога од берзата „ќе излезе бел чад“ со порака: Имаме ИПО!
10.07.2026
„Пред нас е двоен предизвик. Од една страна мора да изградиме регулаторна рамка која гарантира сигурност и доверба, а од друга страна да поттикнеме иновации и динамика на пазарот“, рече Абази.
Бујаре Абази/Фото: Македонска берза
Кога станува збор за динамиката, таа рече дека главната битка во Европа и уште повеќе кај нас се води околу активирање на пасивниот капитал.
„Граѓаните и компаниите располагаат со значителни заштеди и наша задача е да создадеме услови дел од тој капитал да препознае дополнителни можности за инвестирање преку пазарот на капитал“, рече Абази.
Според неа, пазарот на капитал не треба да се разбира како конкурент на банкарското кредитирање, туку како неопходно дополнување.
„Всушност, инструментите на пазарот на капитал се многу посоодветни за финансирање на поризични иновативни проекти. Диверзификацијата на изворите за финансирање треба да придонесе кон намалување на трошоците за обезбедување капитал особено за малите и средните претпријатија“, рече Абази.
Таа укажа дека домашните инвеститори се повеќе се вртат кон странските пазари и платформите за тргување и додаде дека „прашањето е како да ја поправиме состојбата“. Абази посочи дека македонскиот пазар на капитал од одредени инвеститорите се заобиколува и побара сите учесници на пазарот да се вклучат во борбата да се вратат заминатите инвеститори, да се задржат постоечките и да се донесат нови. Таа исто така побара сите чинители да се вклучат во следната развојна фаза на пазарот на капитал кој треба да ја поддржи новата регулатива.
Се намалува ликвидноста
Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза во својот говор истакна дека 2026 година е послаба од претходната. Тој информира дека заклучно со 15 септември годинава вкупниот промет на берзата изнесува околу 89,8 милиони евра односно околу осум проценти помалку од истиот период лани.
„Но, зад овој релативно умерен пад има позначајна промена во струкурата. Класичното тргување е околу 45,6 милиони евра и е намалено за 27 проценти, а блок трансакциите надминуваат 40 милиони евра и се зголемени за околу 159 проценти. Просечно дневно во бест системот се склучуваат 68 трансакции наспроти 85 лани“, рече Штериев.
Тој информира дека индексот МБИ10 бележи пад од околу 12 проценти во однос на 15 септември минатата година. Штериев посочи дека блок трансакциите се добредојдени, но дека уште поважно е класичното тргување бидејќи таму се обезбедува ликвидност на берзата. Според него, ваквата состојба треба да се гледа во контекст на претходниот силен раст на прометот и цените, како и долгогодишните познати ограничувања на пазарот.
„По периодот на раст, дел од инвеститорите ги реализираа добивките, а потенцијалните купувачи повнимателно ги мерат цените и очекуваните приноси. На плиток пазар, како нашиот, впрочем како и сите регионални, со мал број активни учесници и релативно мали промени во расположението можат значајно да се почувствуваат“, рече Штериев.
Геополитички ризици, но...
Глобалното опкружување, додаде тој, исто така генерира претпазливост односно геополитичките ризици, цените на енергентите и растот на каматите повторно се во фокусот.
„Сепак, главните американските берзански индекси се во убав плус од почетокот на годината, а некои од регионалните пазари како Загрепската и Љубљанската берза исто така бележат одлични резултати. Значи, состојбите кај нас овој пат не можеме едноставно да ги објасниме само со некаков општ берзански сентимент. Основните карактеристики на нашиот пазар остануваат тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори од сите видови“, рече Штериев.
Иван Штериев/Фото: Македонска берза
Тој укажа дека истовремено домашните инвеститори имаат се поголем избор на странските берзи и дека тоа значително го менува опкружувањето за работа. Штериев потоа информираше за новите проекти на кои работи берзата, а со цел да го раздвижи односно развие домашниот пазар. Тој го истакна проектот за подготовка на домашните компании за пазарно финансирање кој се спроведува во соработка со ЕБРД и додаде дека е охрабрувачки што за десет места се пријавиле 24 компании. Сепак, додаде Штериев, и покрај сета експертиза и помош што се обезбедува, последната одлука за тоа дали ќе издадат акции или обврзници ја носат самите компании. Тој се осврна на воведувањето на новата регулатива која треба да биде усогласена со европската и информира дека за берзата е многу важно да се овозможи таканаречен пазар на растечки компании. Штериев изрази надеж дека ќе биде прифатена заложбата за максимална примена на европски лимити и дозволување на поголем износ за прибирање капитал по поедноставена процедура.
Странските пазари веќе се поинтересни
Тој потоа уште еднаш укажа на трендот се повеќе домашни инвеститори да се вртат кон странските пазари, но и на аномалии во однос на даночната наплата која го става домашниот пазар во своевидна подредена улога.
„Минатата година прометот во странство и тоа само преку нашите членки, без да ги вклучиме интернет-платформите, го надмина прометот на Македонската берза и изнесуваше над 110 милиони. Податоците за првите шест месеци од годинава покажуваат дека трендот уште повеќе се засилува. Статистиката на КХВ вели дека за шест месеци прометот бил 89 милиони евра“, рече Штериев.
Според него, ова покажува дека во Македонија има капитал подготвен да влезе во хартии од вредност.
„Ако нема добри домашни инвестициски прилики, логично е тој капитал да оди во странство“, рече Штериев.
Тој смета дека вложувањето во странство е легитимен и неминовен процес, но и дека домашниот и странските пазари мора да имаат рамноправен даночен третман.
„Но, токму затоа мора да има рамноправни услови за игра на домашниот и странските пазари. Особено кај оданочувањето на капиталните добивки. Тука се важни начинот на евидентирање и пријавување, признавање на трошоците и загубите и наплата на данокот. Домашниот пазар не смее да биде во понеповолна положба затоа што трансакциите на него се потранспарентни и полесно достапни за даночната администрација“, вели Штериев.
Како до развој?
Според него, време е во земјава да се разговара за воведување македонски инвестициски сметки, по примерот на решенијата што веќе се развиваат во повеќе земји од регионот и Европа.
„Словенија веќе воведе ваков модел. Хрватска неодамна го претстави нејзиниот модел и планира да го имплементира следната година. Германија, после децении конзервативна политика, оди кон воведување на капитално поддржана компонента на пензискиот систем и го отвора прашањето како долгорочното штедење да се поврзе со пазарни инвестиции“, рече Штериев.
Тој додаде ека економиите што сакаат повеќе инвестиции мора подобро да го поврзат долгорочниот капитал со продуктивниот корпоративен сектор. Тоа е и суштината на Унијата за штедење и инвестирање на Европската Комисија.
„Логиката е едноставна. На сопствените граѓани треба да им се понуди едноставна сметка за инвестирање во хартии од вредност, со помалку администрација и со даночни поволности што го поттикнуваат долгорочното вложување. Притоа, треба да се стимулира вложувањето во домашни компании“, рече Штериев.
Тој потоа укажа дека домашниот пазар на капитал е во директна корелација со начинот и ефектите од вложувањата на средствата на приватните пензиски фондови.
„Не можеме постојано да констатираме дека најголем дел од ова долгорочно домашно штедење се инвестира во странство и во државни хартии од вредност, дека не носи адекватни приноси, а да не работиме активно на севкупното унапредување на македонскиот пазар што ќе го привлече и оплоди тоа штедење“, рече Штериев.