text size
Соларната енергија повеќе не е иднина, туку сегашност на македонската енергетика, но следната фаза мора да донесе повеќе ред, планирање и предвидливост, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на петтата Годишна соларна конференција, во организација на Македонската соларна асоцијација – Солар Македонија, која ги обединува компаниите, инвеститорите и експертите од секторот на обновливите извори на енергија.
Сања Божиновска, министерка за енергетика и Илија Насов, претседател на Солар -Макеоднија /МЕРМС
„Не можеме да градиме обновливи капацитети побрзо од она што мрежата може безбедно да го прими. Со новата регулатива и годишните планови Македонија создава предвидлив амбиент за инвестиции и сигурен енергетски систем. Планираме однапред, ја подготвуваме мрежата и создаваме услови новите инвестиции навистина да бидат функционални и одржливи“, порача Божиновска.
Инвестицискиот бум во соларни централи, според Александар Пауновски од МЕПСО донесе два вида предизвици за преносниот систем.
Прочитај повеќе
Се надминавме со соларите, без батериски паркови нема да имаме бенефит
Во јуни годинава најмногу сме трошеле струја од сонце.
14.09.2026
Батериската трка на Балканот: Бугарија заработува, Македонија доцни
Во текот на оваа година земјава треба да добие 96 батериски складишта за електрична енергија. Се работи за системи за складирање на електрична енергија со вкупна инсталирана моќност од 2.027,198 MW.
25.08.2026
„Првиот предизвик е дека во дневните часови имаме големо производство кое врши дебаланс на системот, а другиот предизвик се вечерните часови кога потрошувачката е мала, особено во пролетните и есенските месеци, кога е потребно намалување на напонот. Таква ситуација имаме и лани во мај кога имавме испад на системот дел од годината“, рече тој на конференцијата.
Планирањето е неопходно и за да не се доведеме повторно во ситуација како сегашната – голем дел од соларните централи да не се видливи за македонскиот диспечерски центар.
„Сакаме да ставиме крај на пристапот ‘прво да изградиме, па потоа да бараме решение за мрежата. Паралелно со новите соларни и ветерни капацитети, Министерството работи на зајакнување и дигитализација на преносната и дистрибутивната мрежа, како и на развојот на батериското складирање. Иднината на обновливите извори не е само во тоа колку произведуваме, туку колку паметно ја користиме и ја складираме енергијата“, истакна министерката.
мермс
И токму батериските системи се дел од решението на проблемот затоа што веќе не е важно само кога се произведува струја, туку и кога таа се продава, рече Митко Огненоски од МЕМО.
„Пазарот денеска испраќа многу поквалитетна слика од порано, вредноста на струјата веќе не зависи само од тоа кога произведувате, туку и кога ја продавате. Во раните фази на инвестирањето во солари инвестициската логика беше релативно едноставна – повеќе производство значеше поголем приход, но сега пазарот не таков. Во јули просечната цена на пазарот ден однапред беше 93 евра за мегават час, додека во периодот од 9 до 20 часот, кога се производство на струја од соларните централи е најголемо, просечната цена изнесуваше 60 евра за мегават час. Тоа е сигнал кој им овозможува на инвеститорите подобро да ги планираат своите инвестиции врз основа на пазарни податоци и да знаат дали нивната инвестиција има дополнителна вредност. Сега инвеститорите нема да ја гледаат само просечната цена на дневна основа, туку ќе го гледаат и ценовниот профил на електричната енергија и додадената вредност што ја има нивното производство по часови“, рече тој.
Адвокатот Дејан Алексов од адвокатската канцеларија „Алме“ вели дека инвеститорите сакаат предвидливост што новата законска регулатива треба да ја донесе.
„За да се дојде до големата слика има многу мали движечки делови кои треба да се усогласат за еден енергетски проект да заживее, тоа е сериозен зафат. Еве на пример батериите, не е само да се набават од Кина и да се најде нова нива за да се ги постават и потоа да се гледа колку пари ќе носат. За да дојде до тоа има многу делови кои треба да се реализираат, за да има правна и економска издржливост. Една работа е земјиштето – треба да се најде земјиште со соодветна класа, да не влијаат на животната средина, да не создаваат бучава, да не се блиску до населени места. Потоа мрежата е многу важна – важни се приклучните точки...Тоа се тие ситни делови кои ја прават големата слика и затоа инвеститорите бараат предвидливост“, рече тој.
Обраќајќи им се на инвеститорите, министерката Божиновска рече дека вратата е отворена за нив, но правилата мора да бидат јасни и еднакви за сите.
„Нашата задача е да создадеме систем во кој добрата инвестиција има сигурност, државата има контрола врз својот енергетски систем, а граѓаните добиваат сигурна и достапна енергија“, рече Божиновска.