Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП за периодот 2023-2025 година спроведена од страна на Народната банка во декември минатата година покажува мала надолна ревизија на очекувањата за просечната стапка на инфлација, а малку пониски се и очекувањата за растот на БДП.
„Економските аналитичари ги поврзуваат ваквите очекувања пред сѐ со постепеното забавување на растот на цените во последниот период, додека најголемите ризици се поврзуваат со воениот судир во Украина, но и конфликтот на Блискиот Исток, при што нагласуваат дека сѐ уште постои висок степен на неизвесност околу текот на идните случувања.“, велат од Народната банка.
Во однос на инфлацијата, испитаниците и натаму очекуваат нејзино постепено забавување, по високите остварувања во 2022 година кога таа во просек достигна 14,2 проценти. Во споредба со претходната анкета, очекувањата на испитаниците се малку пониски за 2023 и 2024 година и речиси непроменети за 2025 година.
Прочитај повеќе
Јануарски проекции на Светската банка: Македонија со најнизок раст во регионот
Глобалниот раст се предвидува да забави трета година по ред - од 2,6 проценти минатата година на 2,4 отсто.
10.01.2024
Инфлација од 9,4 проценти во Македонија во 2023 година
Индексот на трошоците на животот во 2023 година бележи пораст од 9,4 отсто, а индексот на цените на мало е 7 отсто.
09.01.2024
Инфлацијата во еврозоната повторно забрза додека се укинуваат државните субвенции
Инфлацијата во еврозоната порасна во декември, нагласувајќи дека патот до постигнување на целта на Европската централна банка (ЕЦБ) е тежок.
05.01.2024
Инфлација во 2024-та: БиХ ќе помине најдобро, за Македонија изборите се трик
Адрија регионот е комплексен во однос на геополитиката и потезите на монетарните власти
09.01.2024
„Така, очекувањата на испитаниците упатуваат на просечна стапка на инфлација од 9,3 проценти за 2023 година (9,5 проценти во претходната анкета), 4,7 проценти за 2024 година (5% во претходната анкета) и 3,3 проценти за 2025 година (3,2 проценти во претходната анкета).“, информираат од Народната банка.
Испитаниците очекуваат поумерени притисоци врз инфлацијата како резултат на постепеното стабилизирање на цените нa храната и енергентите, а исто така се очекува дека за забавување на инфлацијата ќе придонесат и мерките што ги преземаат носителите на политиките, снабдувањето со енергија од обновливи извори, како и забавувањето на странската инфлација. Како фактори коишто би можеле да предизвикаат нагорни притисоци врз инфлацијата, од страна на испитаниците и натаму се посочуваат продолженото траење и неизвесноста околу разрешувањето на војната во Украина и на судирот помеѓу Израел и Хамас, како и климатските промени.
Во поглед на економската активност, тековните очекувања се ревидирани малку надолу, во споредба со очекувањата од претходната анкета.
„Имено, испитаниците очекуваат економски раст во 2023 година од 1,8 проценти (2,1 проценти во претходната анкета), за 2024 година се очекува раст од 2,6 проценти (2,9 проценти во претходната анкета), а за 2025 година се очекува раст од 3,5 проценти (непроменет во однос на претходната анкета).“, велат од Народната банка.
Во однос на факторите, испитаниците ги посочуваат влошените изгледи за раст на економиите на главните трговски партнери, неизвесноста од идниот тек на војната во Украина, најновиот конфликт на Блискиот Исток помеѓу Израел и Хамас и нивното влијание врз синџирите на снабдување.
„Неповолно може да делува и воздржаноста на домашните и на странските инвеститори, при затегната монетарна политика во глобални рамки и натамошен раст на трошоците за финансирање. Исто така, испитаниците и натаму ја наведуваат неизвесноста поврзана со домашниот политички амбиент, како и со текот на преговорите со ЕУ, како потенцијален фактор на ограничување на економскиот раст во следниот период.“, велат од Народната банка.
Од друга страна, испитаниците сметаат дека економските мерки преземени за справување со енергетската криза и за поддршка на населението и компаниите, како и растот на платите би можеле да придонесат за раст на личната потрошувачка и инвестициите, што би се одразило позитивно врз економскиот раст.