Анкетата на Народната банка за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП за периодот 2026 ‒ 2028 година, спроведена во јуни, повторно укажува на очекувања за побавно намалување на просечната стапка на инфлација на среден рок, при незначителни промени во очекувањата за растот на БДП.
Од Народната банка информираат дека економските аналитичари особено ја нагласуваат неизвесноста поврзана со воениот конфликт на Блискиот Исток, особено во однос на неговото понатамошно времетраење и разрешување како значаен фактор при формирањето на очекувањата.
Инфлациски притисоци
Прочитај повеќе
Се зголемуваат обложувањата за јулско зголемување на каматите пред инфлацијата во САД
Веројатноста Фед да ги зголеми каматните стапки во јули порасна на околу 50 отсто, додека инвеститорите ги чекаат податоците за инфлацијата и настапот на Кевин Ворш пред Конгресот.
пред 21 час
Анкета на „Блумберг“: Економистите очекуваат послаб раст во еврозоната поради војната во Иран
Аналитичарите ги намалија своите прогнози за 2026 година на 0,5 проценти.
13.07.2026
Лето исполнето со економски искушенија
Од изгубени приходи до растечка инфлација, малите и средните претпријатија низ светот ги чувствуваат последиците.
12.07.2026
Европските обврзници паѓаат, растот на цената на нафтата повторно го разгорува стравот од инфлација
Трошоците за задолжување на Франција се на највисоко ниво од 2009 година, додека цените на нафтата и инфлациските очекувања се зголемија откако претседателот Доналд Трамп прогласи крај на примирјето со Иран.
08.07.2026
Инфлацијата во јуни забележа раст од 3.4 отсто во однос на лани
На месечно ниво, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јуни 2026 година, во однос на мај 2026 година, изнесува -0.5 отсто.
07.07.2026
Во однос на инфлацијата, испитаниците очекуваат дека во 2026 година таа ќе се задржи на ниво блиску до она од 2025 година, а потоа постепено ќе забавува на среден рок, но побавно во однос на претходната анкета. Така, економските аналитичари сега очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе изнесува 4,2 проценти во 2026 година (3,6 проценти во претходната анкета) и 3,4 проценти во 2027 година (3 проценти во претходната анкета). Тие очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе забави уште повеќе и во 2028 година ќе се сведе на 2,9 проценти (2,7 проценти во претходната анкета).
И во оваа анкета, испитаниците посебно ја нагласуваат зголемената неизвесност поврзана со случувањата на Блискиот Исток, којашто директно влијае врз цените на нафтата и енергентите, како и нивното прелевање врз транспортните и производствените трошоци.
„Повисоките трошоци за енергија и транспорт би се пренесле и врз цените на останатите производи и услуги, што би довело до посилни инфлациски притисоци, имајќи ја предвид увозната зависност на домашната економија“, наведуваат од централната банка.
Верижен ефект од затворањето на Ормускиот Теснец |Фото: Bloomberg Mercury
Клучни фактори
Како фактори што би можеле да предизвикаат дополнителни нагорни притисоци врз инфлацијата и натаму се истакнуваат продолженото времетраење и неизвесноста околу војната во Украина, како и неизвесноста поврзана со трговските политики.
„Овие фактори може да доведат до натамошно зголемување на трговските препреки и нарушувања во синџирите на снабдување. Како домашни фактори со слично влијание се посочуваат потенцијалните зголемувања на платите и пензиите над законското усогласување, како и растот на трговските маржи и цените на дел од услугите“, посочуваат од Народната банка.
Конфликтот на Блискиот Исток се посочува и како главен ризик за растот на БДП | Фото: Александар Димитриоски/Bloomberg Adria
Од друга страна, како фактори што би можеле да придонесат за пониски стапки на инфлација се наведуваат: брзиот прекин на воениот конфликт, постепеното стабилизирање на цените на храната и енергентите, како и мерките преземени од носителите на економските политики, меѓу кои и последното зголемување на каматната стапка од страна на централната банка.
Постепено забрзување на економскиот раст
Во поглед на економската активност, испитаниците немаат направено поголеми промени во очекувањата, односно и натаму очекуваат постепено забрзување на економскиот раст. Така, очекувањата за оваа година се дека растот би достигнал 3,2 проценти (3,3 проценти во претходната анкета), додека за 2027 и 2028 година испитаниците очекуваат исти стапки на раст како и во претходната анкета, од 3,5 и 3,7 проценти, соодветно.
Притоа испитаниците очекуваат дека растот главно ќе произлезе од домашната побарувачка.
„Така, посебен акцент и натаму се става на важноста на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти, коишто во комбинација со солидни странски и домашни приватни инвестиции, особено во обновливи извори на енергија и во извозниот сектор, би претставувале движечка сила на економскиот раст, особено на среден рок“, укажуваат од Народната банка.
Ризици
Испитаниците очекуваат дека забавувањето на инфлацијата на среден рок, заедно со растот на платите и пензиите ќе придонесат за зголемување на куповната моќ на населението.
„Во комбинација со кредитирањето, ова би придонесло за раст на личната потрошувачка и позитивно би се одразило врз економската активност. Сепак, слично како и кај инфлацијата, и натаму се нагласуваат влошеното надворешно окружување и зголемената неизвесност поврзани со воениот конфликт на Блискиот Исток, при што неговото времетраење се посочува како главен ризик за растот на БДП“, наведуваат од Народната банка.
Како дополнителни ризици се наведуваат: светските протекционистички трговски политики, слабата надворешна побарувачка, климатските промени, како и степенот на остварување на инфраструктурните проекти. Исто така, структурните проблеми, а посебно случувањата на пазарот на трудот и емиграцијата, како и неизвесноста поврзана со текот на преговорите со ЕУ и натаму се посочуваат како потенцијални фактори на ограничување на економскиот раст и во следниот период.