text size
Воениот конфликт меѓу Соединетите Американски Држави и Иран продолжува да ескалира, што предизвика цената на нафтата вчера повторно да ја надмине границата од 95 долари за барел. Ваквите геополитички превирања им создаваат нови главоболки на челниците на Европската централна банка кои во четврток треба да одлучат дали ќе ја зголемат клучната каматна стапка односно дали ќе има ново затегнување на монетарната политика. Сите испитаници во анкетата на „Блумберг“ предвидуваат дека нема да има промена во трошоците за позајмување во четврток, но повеќето од нив потоа очекуваат во септември да има зголемување од четвртина процентен поен на депозитната стапка која во тој случај би изнесувала 2,5 проценти.
За економистите, клучен фактор за потегот на есен ќе биде како ќе се развива војната во Иран и поврзаните последици врз протокот на нафта и гас. Имено, инфлацијата во еврозоната во јуни забави од 3,2 на 2,8 отсто, но новите воени дејствија повторно ги враќаат инфлаторните предизвици.
Што вели „Блумберг економикс“?
Прочитај повеќе
Војната ја држи ЕЦБ во состојба на готовност пред следната одлука за каматите
Одлуката на ЕЦБ за каматите и серијата економски показатели од Европа, САД, Азија и Латинска Америка ќе бидат главните настани што инвеститорите ќе ги следат неделава.
19.07.2026
Трговските тензии ја ослабеа кредитната активност во еврозоната, оценува ЕЦБ
Во пресрет на новата одлука за каматните стапки, ЕЦБ предупредува дека слабата кредитна активност и натаму го ограничува закрепнувањето на економијата во еврозоната.
15.07.2026
Економските аналитичари се предомислија, очекуваат повисока инфлација во Македонија
Се очекува просечната стапка на инфлација да изнесува 4,2 проценти во 2026 година.
15.07.2026
Како каматите на Фед и ЕЦБ влијаат на инфлацијата, кредитите, акциите и обврзниците?
Повод за оваа приказна се најновите потези на двете најважни централни банки во светот.
15.07.2026
„Забавувањето на инфлацијата во еврозоната во јуни ја елиминираше секоја потреба за итна акција. Сепак, растечките цени на стоките го држат Управниот совет на добар пат повторно да ги зголеми трошоците за позајмување во септември, кога ќе биде вооружен со нови прогнози од економистите во ЕЦБ, за последен пат во овој краток циклус на затегнување.“
- Дејвид Пауел и Симона Деле Чиаие.
„Блумберг“ ја пренесе и изјавата на Крис Хеар, економист во ХСБЦ, кој „не мисли дека зголемувањето во септември е завршена работа“. „Ако напредокот кон мир и подобреното снабдување со енергија се вратат на вистинскиот пат, сметаме дека ЕЦБ на крајот би можела да избегне потреба од зголемување на стапките.“
Околу 41 проценти од испитаниците очекуваат централната банка веќе да даде барем некои навестувања следната недела за тоа каде би можеле да се движат стапките во наредните месеци, дури и откако претседателката Кристин Лагард неодамна ја обнови својата посветеност да се држи подалеку од насоките за иднината.
Фирмите од еврозоната веќе се соочија со зголемување на каматните стапки
Фирмите од еврозоната веќе се соочија со повисоки каматни стапки и построги услови за кредитирање во вториот квартал кога војната во Иран ги засени економските перспективи на регионот, според анкета објавена од Европската централна банка.
Фирмите сигнализираа мало зголемување на потребите за финансирање, во време кога достапноста за кредити се зголеми за поголемите бизниси, но се намали за малите и средни претпријатија, соопшти ЕЦБ.
Извештајот дојде само неколку дена пред креаторите на политиките да се соберат во Франкфурт на последен состанок пред нивниот летен одмор.
Во анкетата фирмите изразиле очекувања за зголемување на продажните цени, трошоците за влезни материјали кои не се поврзани со трудот и очекувањата за платите во текот на следните 12 месеци.
Еуриборот расте
„Блумберг Адрија“ веќе објави дека ЕЦБ пред нешто повеќе од еден месец на седница првпат од 2023 година ги зголеми клучните каматни стапки. Го проверивме движењето на Eуриборот - меѓубанкарската каматна стапка по која европските банки меѓусебно си позајмуваат пари и која значително влијае врз висината на каматните стапки на потрошувачките и станбените кредити.
Позабележителен раст на Eуриборот започна по 6 јули. Пред неколку дена го достигна највисокото ниво од ноември 2024 година, а оттогаш благо се намали, но и понатаму е веднаш под максимумот во последните 20 месеци. Тримесечниот Eурибор моментално е веднаш под 2,5 отсто (2,483 отсто), додека шестмесечниот е веднаш под 2,7 отсто (2,688 отсто).
Од почетокот на годината шестмесечниот Eурибор порасна за речиси половина процентен поен. Каматна стапка на станбен кредит од 200.000 евра повисока за половина процентен поен значи околу 45 евра поголема месечна рата. Вкупната преплата на кредитот би се зголемила за приближно 10.800 евра.
Аналитичарите кои објавуваат прогнози на терминалот на „Блумберг“ (Bloomberg Terminal) проценуваат дека тримесечниот Еурибор ќе ја достигне највисоката вредност кон крајот на годината. Во третото тримесечје очекуваат раст на 2,51 отсто, а до крајот на годината на 2,54 отсто. Нивните процени се прилично усогласени.
Каква е состојбата во Македонија?
Народната банка го следеше потегот на ЕЦБ и во јуни ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени. Станува збор за прво зголемување на стапката на благајничките записи од декември минатата година. Со зголемувањето, каматната стапка беше поставена на 4,25 процентни поени. Според образложението, овој потег следува по согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања. Од Народната банка посочија дека има притисоци врз инфлацијата. Во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек. Истовремено, и дел од домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика.
Инаку, според последните расположиви податоци од НБМ, во мај 2026 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити е намалена на месечна и на годишна основа за 0,01 п.п. и 0,37 п.п., соодветно и изнесува 4,69 проценти. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,17 проценти и оствари месечен раст од 0,01 п.п., додека на годишно ниво бележи намалување од 0,04 п.п.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во мај, изнесува 4,42 проценти и забележа месечен и годишен пад од 0,15 п.п. и 0,30 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е пониска на месечно и на годишно ниво за 0,22 п.п. и 0,11 п.п., соодветно и изнесува 2,21 проценти .
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека анкетата на Народната банка за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП за периодот 2026 ‒ 2028 година, спроведена во јуни, повторно укажува на очекувања за побавно намалување на просечната стапка на инфлација на среден рок.
Од Народната банка информираа дека економските аналитичари особено ја нагласуваат неизвесноста поврзана со воениот конфликт на Блискиот Исток, особено во однос на неговото понатамошно времетраење и разрешување како значаен фактор при формирањето на очекувањата.
Во однос на инфлацијата, испитаниците очекуваат дека во 2026 година таа ќе се задржи на ниво блиску до она од 2025 година, а потоа постепено ќе забавува на среден рок, но побавно во однос на претходната анкета. Така, економските аналитичари сега очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе изнесува 4,2 проценти во 2026 година (3,6 проценти во претходната анкета) и 3,4 проценти во 2027 година (3 проценти во претходната анкета). Тие очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе забави уште повеќе и во 2028 година ќе се сведе на 2,9 проценти (2,7 проценти во претходната анкета).
Всушност, доколку нема прекин на војната на Блискиот Исток треба да се очекува дека и Народната банка ќе биде приморана на ново затегнување на монетарната политика за да се спречи посилно разгорување на инфлацијата.