Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Македонската берза се согласија да соработуваат во поттикнување на работењето на локалниот пазар на капитал.
Во тој контекст беше потпишан меморандум на разбирање помеѓу главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, и претставникот на ЕБОР за Македонија, Фатих Туркменоглу, со кој, како што посочуваат од ЕБОР, се создава силна основа за соработка помеѓу двете страни, во насока на зајакнување на локалниот пазар на капитал.
„Преку издигнување на свеста за финансирањето преку пазарот на капитал, се работи на привлекување повеќе приватни компании да се финансираат преку јавна понуда на акции или да издадат обврзници. Крајната цел е оваа иницијатива да придонесе кон раст на пазарот, зголемување на инвестициските можности и поддршка на подинамичен финансиски екосистем“, се наведува во соопштението.
Туркменоглу по потпишувањето изјави дека подлабока и подинамична бенефиција за пазарите на капитал е корисна не само за бизнисите туку и за инвеститорите и пошироко за економијата.
„Преку зголемување на свеста за котација на акции и корпоративни обврзници, создаваме нови можности за приватните компании, во однос на пристап до финансиите, нивен раст, но и придонесуваме кон економскиот развој“, посочи претставникот на ЕБОР во земјава.
Штериев, пак, нагласи дека берзите и пазарите на капитал го постигнуваат својот целосен потенцијал само доколку корпоративниот сектор може да го финансира својот развој и преку нив.
„Поради низа објективни и субјективни причини на домашниот пазар долго се чека на вистинско ИПО и нови котации на берзата. Со ЕБОР, како наш најголем долгогодишен поддржувач, споделуваме иста визија дека работите на овој план треба да се менуваат и со потпишувањето на овој меморандум создаваме стратегиска рамка за идна конкретна поддршка на македонските компании што финансирањето на својот развој го планираат преку пазарот на капитал“, изјави извршниот директор на Македонската берза.
Европската банка за обнова и развој се стреми кон поддршка на малите и средните претпријатија, во насока на проширување на базата на оние што привлекуваат нов акционерски капитал и издаваат обврзници на пазарот.
ЕБОР од почетокот на работењето во земјава има инвестирано повеќе од 2,9 милијарди евра во 197 проекти во Македонија.