На македонските факултети во текот на минатата година дипломирале 7.021 студент, што е убедливо најмал број во изминативе петнаесетина години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Станува збор за значителен пад на бројот на дипломци ако се земе предвид дека во првите десет години од овој милениум бројот на дипломци во текот на една година често надминуваше 10.000 лица.
Статистиката покажува дека од 2009 година наваму има континуиран пад на бројот на дипломирани студенти. Меѓу главните причини за ваквиот биланс се иселувањата и негативниот природен прираст.
Децата ни се раѓаат во странство
Прочитај повеќе

Над 30.000 македонски граѓани лани добиле дозвола за престој во ЕУ за прв пат
Лани има зголемување во однос на 2022 година кога дозвола за престој во ЕУ за прв пат добиле 29.591 лице од Македонија.
12.09.2024

Регионот со децении боледува од бела чума, го чека ли и економски колапс?
Ако не се промени ништо, Македонија ќе остане без дополнителни половина милион жители во следните 50 години.
06.08.2024

Данок на иселувањето: За 30 години ќе се изедначи бројот на работници и пензионери
Според ДЗС во првиот квартал од годинава како вработени биле евидентирани 687 351 лица
14.06.2024
Вкупниот број македонски државјани што денес престојуваат во странство може да се процени на најмалку 700.000 лица, покажува публикацијата за миграциите во Македонија на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во неа се додава дека според стапката на емиграција во 2019 година (која е проценета на околу 25 проценти), Македонија е во групата на првите дваесет земји во светот со најголема емиграција во странство.
Во периодот по 2009 година уште понагласено е влијанието на емиграцијата врз порастот на населението во Македонија и поради трендот на пораст на бројот на децата родени во странство. Тој кореспондира со порастот на семејната миграција, а со тоа и на бројот на жените, кои се придружени со пораст на бројот и учеството на жените на фертилна возраст (15-49 години) и на жените на оптимална репродуктивна возраст (20-34 година). Во периодот 2009-2019 година бројот на родените во странство се зголемил од 3.510 на 5.187 деца или за 47,8 проценти. Истовремено, учеството на родените во странство во вкупно родените во земјата од 14,8 проценти (2009) достигна повеќе од една четвртина, или 26,1 проценти (2019 година).
„Во овој временски интервал надвор од земјата биле родени 48.658 деца, што претставува двегодишен наталитет на земјата и 19,5 проценти од вкупно родените (250.061 дете) во Македонија“, пишува во публикацијата.
За пет години згаснале 45 училишта
Во основното образование, од година на година се намалува бројот на влезната генерација, како и вкупниот број ученици. Учебната 2024/2025 година почна за 245.000 ученици во основните и средните училишта, бројка што е намалена за 17.000 во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.
Бројот на основни училишта во Македонија се намалил од 1.042 во учебната 2018/2019 година на 1.000 во учебната 2023/2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во истиот период, бројот на средни училишта се намалил од 138 на 135.
„Исчезнаа“ 165.000 лица од активното население
За нешто повеќе од 165.000 лица е намален бројот на активното население во Македонија во периодот од 2018 до 2023 година. Тоа само ги потврдува предупредувањата на бизнис-заедницата дека нашата земја веќе извесен период се соочува со недостиг од работници. Поради иселувањата и намалениот наталитет станува извесно дека во иднина во Македонија буквално нема да има кој да работи.
Всушност нашето неодамнешно истражување покажа дека голем дел од македонските работници лебот го вадат во Германија. Вкупниот број македонски државјани регистрирани како странци што живеат во Германија заклучно со декември 2023 година изнесувал 156.845 лица, што е двојно повеќе отколку пред десет години, кога во оваа земја имало околу 77.000 лица од Македонија, покажуваат податоците на германскиот Федерален завод за статистика. Само во изминативе пет години (од 2019 до 2023 година) бројот на македонски граѓани евидентирани како странци во Германија се зголемил за повеќе од 41.000 лица.