Ново поскапување на бензините и на дизелот донесе првиот ден од неделата. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) денеска донесе одлука со која ги зголеми малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2 процента во однос на одлуката од петокот. Минатата недела РКЕ во три наврати ги промени нагоре цените на дизелот, но со денешната одлука поскапуваат и бензините.
Па така, со денешната одлука малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се зголемуваат за денар и половина, дизелот поскапува за еден денар, а екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 2 денара за литар.
Својата одлука за поскапувањето Комисијата ја темели на растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка, и тоа - кај бензините за 6,182 проценти, кај дизелот за 2,172 отсто, а кај екстра-лесното масло за 6,442 проценти.
Од утре или од ноќеска по полноќ моторниот бензин еуросупер БС 95 ќе чини 77,5 денари за литар, еуросупер БС - 98 ќе се продава за 79,5 денари за литар, а дизел-горивото ќе биде 73 денари за литар.
Цената на маслото за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) се зголемува на 72 денара за литар, додека на мазутот на 41,687 денари за килограм.
Од Регулаторната комисија напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...