Субвенции за летови ќе има според правилата за државна помош на Европската унија. Министерството за транспорт и врски до Владата достави нова уредба со која дефинираше нов модел за распределба на финансиска поддршка за авиолинии, информира во интервју за МИА министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Ќе може да се вклучат што е можно повеќе оператори и да не се врзуваме само за еден. Исто така го ограничуваме интензитетот на субвенционирање како што налага и бара Европската комисија, се со цел да овозможиме што повеќе дестинации за граѓаните и да го развиеме авиосообраќајот“, вели Бочварски.
Тој очекува јавниот меѓународен повик да биде објавен во текот на есента и на него да се пријават поголем број заинтересирани компании.
Предност ќе имаат авиокомпаниите што ќе понудат поголеми воздухоплови, директни линии до поголеми аеродроми и повеќе летови неделно. Во договорот ќе стои дека операторот ќе треба да ги опслужува линиите и по истекот на договорниот рок за период колку што добивал државна поддршка.