Во периодот јануари – декември 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47,8 проценти во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,9 проценти во вкупната размена. Статистичките податоци покажуваат дека во минатата година Кина прв пат се најде на третото место на листата земји-најголеми трговски партнери на Македонија.
Вкупниот обем на трговска размена со Кина лани изнесувал 1,3 милијарди евра, што е зголемување од 16,7 проценти во однос на 2024 година. Од вкупната трговска размена, 54,4 милиони евра се македонски извоз во Кина, а 1,26 милијарди евра се кинески увоз во Македонија.
Инаку, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари – декември 2025 година изнесува околу осум милијарди евра и бележи пораст од 3,01 проценти во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – декември 2025 година изнесува 11,5 милијарди евра, што е за 4,46 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.