Глобалната авиоиндустрија влегува во летната сезона со нов шок. Војната на Блискиот Исток, поскапото гориво и новите зелени регулативи веќе ја менуваат структурата на побарувачката и создаваат дополнителен притисок врз трошоците на авиокомпаниите.
Сигналите од индустријата покажуваат дека во моментов на пазарот не се гледа колапс на побарувачката, туку нејзино пренасочување. Некои патници стануваат повнимателни при изборот на дестинациите и рутите, додека авиокомпаниите веќе ги приспособуваат своите мрежи на новите услови.
Во Македонија засега нема пад на патничкиот сообраќај, но има јасни знаци дека глобалните промени влијаат врз однесувањето на патниците и врз структурата на побарувачката за летови.
Прочитај повеќе
Идеја за викенд: БиХ како скриен луксуз на Балканот
Бутик-хотели што ве враќаат во 18 век, мирис на кафе од Башчаршија што се шири во луксузна хотелска соба, рафтинг по реката Уна, вили скриени во херцеговскиот камен...
02.05.2026
Сакате бутик атмосфера - неколку предлози за хотели во Србија
Бутик хотелите по дефиниција се мали хотели и обично имаат помалку од 100 соби, специфичен дизајн и амбиент што се фокусира на естетиката, локалната приказна и искуството.
11.04.2026
Жирона, град што по грешка го одминуваме кон Барселона: Водич за идеален викенд
Илјадници луѓе секојдневно слетуваат на аеродромот „Жирона–Коста Брава“ со една идеја на ум – Барселона.
19.02.2026
Кaде ќе патуваме годинава: 20 места што треба да бидат откриени навреме
Планирате мапа за патување за 2026 година? Ви носиме ретки туристички бисери од Европа, Азија, двете Америки и Африка. Подгответе се за белешки!
07.01.2026
Раст на авиосообраќајот во Македонија
И покрај глобалните турбуленции, почетокот на 2026 година покажува дека во Македонија нема пад на авиосообраќајот, велат за „Блумберг Адрија“ од „ТАВ Македонија“, посочувајќи дека по успешната 2025 година, продолжува позитивниот тренд во бројките на патници и на летови на двата македонски аеродрома.
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид ги завршија првите 4 месеци од 2026 година, со силен, рекорден пораст на бројот на патници од 32,4 отсто опслужувајќи вкупно 1,2 милиони патници.
Во истиот период, јануари-април, двата македонски аеродрома опслужија вкупно 8.123 летови, што е годишно зголемување од 10,7 отсто
„Меѓународниот Совет на Аеродроми-Европа (Airports Council International-Europe) веќе нè рангираше меѓу најбрзо растечките аеродроми како земја која не е членка на ЕУ врз основа на јануарските бројки за авиосообраќај. Среќни сме што силниот, рекорден пораст продолжува, и покрај глобалните геополитички предизвици и енергетската криза. Ова не е случајност, туку директен резултат на нашата силна посветеност и континуирани напори, заедно со Владата, за проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома. Оваа година, досега, отворивме 5 нови дестинации, додека во наредниот период ќе отвориме дополнителни 7 нови дестинации, од двата аеродрома, со што годинава ќе имаме вкупно 12 нови дестинации. Со ова, очекуваме порастот на патници да продолжи до крајот на годината, создавајќи силна основа за стабилен пораст во наредните години“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што нагласи тој, покрај проширувањето на мрежата на авиолинии и порастот на воздушниот сообраќај, ТАВ Македонија ќе остане фокусирана на подобрување на квалитетот на услугите на аеродромот, обезбедувајќи одлично искуство за клиентите – и за авиокомпаниите и за патниците.
Од „ТАВ Македонија“, велат дека во рамките на летниот распоред на летaње, кој почна на крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании летаат до 54 дестинации од скопскиот аеродром, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година и сезонските летови, додека во исто време 7 авиокомпании летаат до 24 чартер дестинации, што значи вкупно 78 дестинации од аеродромот во македонскиот главен град.
„По отворањето на новите авиолинии до Будимпешта и Неапол од скопскиот аеродром, во јуни и јули ќе почнат летови до Трабзон (чартер), Самсун (чартер), како и до Палермо и до Алгеро. Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови. По отпочнувањето на новите летови од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт, во јуни ќе се отворат и новите линии до Вроцлав и Катовице, а од 21 јуни, Аустриан ерлајнс има најавено дека ќе почне да лета од Охрид до Виена“, посочуваат од „ТАВ Македонија“.
„Интересот на авиокомпаниите за одредени европски дестинации варира во согласност со пазарната динамика, сезоната и побарувачката. На дел од линиите се присутни повеќе превозници, што придонесува за поширока понуда за патниците. Во однос на ценовната политика, таа е во целосна надлежност на самите авиопревозници, бидејќи продажбата на авиобилети и полнењето на авионите со патници се нивен бизнис. Дејноста на ‘ТАВ Македонија’, како аеродромски оператор, се аеродромските операции со авиони, патници, багаж и стоки на земја, додека авионите се на аеродромот. Ние обезбедуваме ефикасни, безбедни, квалитетни и брзи земјени операции за авионите на сите авиокомпании што летаат од скопскиот и охридскиот аеродром. Истовремено, на самите аеродроми ги нудиме сите неопходни и модерни аеродромски услуги за патниците, со цел тие да се чувствуваат пријатно пред да се качат во авионот“, појаснуваат оттаму.
Bloomberg Mercury
Според последната статистика на „ТАВ Македонија“ од јануари 2026 година, Истанбул е најфреквентна дестинација и во јануари од Меѓународниот аеродром во Скопје до двата аеродрома - „Истанбул“ и „Сабиха Гокчен“ има 16,6 отсто пазарен удел. Потоа следуваат „Базел Милуз“ (6,2 отсто), „Франкфурт“ (5,7 отсто), „Цирих“ (4,5 отсто) и „Минхен-Меминген“ (4,2 отсто).
Топ пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (29,3 осто пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (19,3 отсто), Швајцарија (10,7отсто), Италија (6,7отсто) и Шведска (5,8отсто).
Во однос на тоа дали авиокомпаниите што летаат од Скопје се соочуваат со дополнителни трошоци поврзани со јаглеродните обврски и користењето одржливо авионско гориво, оттаму велат дека единствено можат да зборуват за нивните аеродроми и акредитации за намалување на емисиите на јаглерод во атмосферата.
„Во оваа насока, Меѓународниот аеродром во Скопје годинава се стекна со акредитација Ниво 3 за управување со емисии на јаглерод на аеродроми, како резултат на преземените активности во процесот на намалување на емисиите на јаглерод во рамките на работењето на аеродромите во пошироката околина. Оваа акредитација ја добивме од Меѓународниот совет на аеродроми во рамките на нивната глобална програма за акредитација за управување со емисии на јаглерод на аеродроми (Airport Carbon Accreditation – ACA). Истата таа претставува потврда дека скопскиот аеродром ефикасно управува и ги намалува своите емисии на јаглерод, додека во исто време активно ги ангажира и своите партнери во нивното управување со емисиите на јаглерод. Аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид, пак, постигна акредитација Ниво 2 за управување со емисии на јаглерод на аеродроми. Акредитацијата Ниво 2 значи дека аеродромот во Охрид воспоставил јасни и мерливи цели за намалување на емисиите и од Опсег 1 и од Опсег 2, кои вклучуваат емисии од потрошувачката на енергија на самиот аеродром, греење, ладење, и возилата во сопственост на аеродромот“, појаснуваат од „ТАВ Македонија“.
Depositphotos
Туристичките агенции: Нема откажувања, но нови резервации има сѐ помалку
Во туристичкиот сектор засега нема драматични реакции од патниците, но агенциите велат дека интересот е поумерен отколку вообичаено за овој период од годината.
Според информации од повеќе туристички агенции, нови резервации има помалку, бидејќи некои од граѓаните внимателно ја следат безбедносната ситуација на Блискиот Исток пред да донесат одлука за летниот одмор.
Дестинациите како Турција, Кипар и египетската Хургада засега остануваат во понудата и не се повлекуваат од туристичките програми, иако ризикот од поширока регионална нестабилност е зголемен. Цените на овие аранжмани во моментот не се намалуваат.
Истовремено туристичките агенции забележуваат зголемен интерес за европските дестинации, пред сè за Шпанија, Италија и Хрватска, кои патниците во моментов ги доживуваат како побезбедна опција.
Во туристичкиот сектор се надеваат дека нема да се повтори сценариото од пандемијата, кога патувањата речиси целосно запреа и туризмот беше една од индустриите што претрпеа најголеми загуби.
Јожев Варади, извршен директор на „Визер“/ фото: Холи Адамс/Bloomberg
Варади: Конфликтот ја пренасочува побарувачката кон Европа
Промените во побарувачката веќе ги забележуваат и авиокомпаниите.
Извршниот директор на „Визер“ (Wizz Air Holdings Plc), Јожеф Варади, изјави дека војната во Иран може да ја пренасочи побарувачката за патувања од Блискиот Исток кон Европа.
Според него, патниците стануваат повнимателни при изборот на рутите, особено кога станува збор за транзит преку блискоисточните хабови, кои се соочуваат со ограничувања во воздушниот простор и со оперативни ризици.
„Со оглед на ризиците од транзитниот сообраќај, особено преку Блискиот Исток, луѓето повторно ќе размислат дали Азија е вистинската дестинација или ќе изберат да останат во Европа“, изјави Варади во интервју за „Блумберг“.
Компанијата веќе пренасочува дел од својот капацитет кон европските туристички и градски дестинации, меѓу кои се Хрватска, Шпанија, Португалија и Италија.
Истовремено компанијата ја намали прогнозата за добивка, предупредувајќи дека конфликтот може да има негативно влијание од околу 50 милиони евра врз нето-добивката.
Одржливото гориво и новите зелени трошоци
Покрај геополитичките ризици, авиоиндустријата се соочува и со растечки регулаторни трошоци поврзани со климатските политики.
Европската Унија преку регулативата ReFuelEU Aviation постепено воведува задолжителен удел на одржливо авионско гориво во снабдувањето на аеродромите. Минималниот удел започна со два отсто во 2025 година и постепено ќе расте во следните децении.
Вања Поповиќ, потпретседателка за издаваштво во „Че авиејшн“ (ch-aviation), објаснува дека големата побарувачка за одржливо авионско гориво доаѓа првенствено од европската регулатива.
„Одржливото авионско гориво и натаму е поскапо од конвенционалното, а авиокомпаниите го користат онолку колку што мораат. Многу компании посочуваат дека трошоците на аеродромите се поголеми доколку се одлучат за користење на ова гориво“, вели Поповиќ.
Таа додава дека САФ (SAF) не е единствениот начин за намалување на емисиите во авијацијата.
„Новите типови авиони и мотори трошат помалку конвенционално гориво, па обновата на флотите е уште еден начин за намалување на емисиите“, објаснува Поповиќ.
Според неа, географијата игра важна улога во авијацијата, па се поставува и прашањето дали на некои релации би било поразумно да се користи железничкиот сообраќај наместо авионскиот, како дел од напорите за намалување на емисиите.
Depositphotos
Пад на сообраќајот кон Блискиот Исток, пренасочување на туристите кон Европа
Иако Светскиот совет за патувања и туризам во последниот извештај објави дека туристичкиот сектор на Блискиот Исток во 2025 година пораснал за 5,3 отсто, над глобалниот просек од 4,1 отсто, војната во Иран почнува сериозно да ги урива оптимистичките прогнози за регионот.
ССПТ наведува дека регионот во 2025 година генерирал 385,8 милијарди долари за БДП и поддржал 7,1 милиони работни места, при што Саудиска Арабија била главен двигател на растот. Меѓународната туристичка потрошувачка во регионот пораснала за 5,2 отсто, а бизнис-патувањата за 23 отсто.
Сепак, последните извештаи на „Блумберг“ и други медиуми предупредуваат дека конфликтот веќе почнува да ги нарушува глобалните туристички и авиациски текови, со пад на сообраќајот кон Блискиот Исток, пренасочување на туристите кон Европа и растечки притисок врз авиокомпаниите и аеродромските хабови во регионот.
Војната во Иран, како што наведува „Блумберг“ веќе предизвикува длабоки промени во глобалниот авиосообраќај и туризмот, а најсилно погодени се токму блискоисточните хабови што со години беа симбол на глобалната поврзаност. Според извештаите, конфликтот почнал да ја поткопува позицијата на „Емиратс“ „Катар ервејс“ и „Етихад“, кои изградија бизнис-модел базиран на транзитни летови меѓу Европа, Азија и Африка. Затворањето на воздушни простори, пренасочувањето летови и наглиот раст на цените на авионското гориво создадоа проблеми за клучните рути преку Заливот.
Depositphotos
„Блумберг“ дополнително објави дека европските аеродроми предупредуваат на сè понеизвесна перспектива за остатокот од годината бидејќи конфликтот на Блискиот Исток ги менува распоредите на летање, ја ограничува употребата на клучните воздушни коридори и создава дополнителен финансиски притисок врз авиокомпаниите поради поскапото гориво. Аеродромските оператори предупредуваат дека геополитичката нестабилност веќе влијае врз летната туристичка сезона и глобалните патнички текови.
Промените веќе се гледаат и во конкретните бројки. Лондонски „Хитроу“ соопшти дека бројот на патници во април паднал за 5 отсто, на 6,7 милиони патници, додека сообраќајот кон Блискиот Исток се намалил за повеќе од 50 отсто. Истовремено, бројот на транзитни патници преку Лондон се зголемил за 10 отсто бидејќи дел од патниците почнале да ги избегнуваат блискоисточните хабови како Дубаи и Доха. Аеродромот најави ревизија на прогнозите за 2026 година поради продолжената нестабилност во регионот.
Во анализи објавени последниве денови се предупредува дека кризата веќе не претставува само краткорочен удар врз туризмот, туку ризик за стратегиите на земјите од Заливот да се трансформираат во глобални центри за туризам, финансии и технологија. Инвеститорите и туристите стануваат повнимателни, а дел од капиталот и патничките текови почнуваат да се пренасочуваат кон Европа и други пазари што се сметаат за побезбедни.