Референтната каматна стапка на САД ќе остане помеѓу три и четири проценти откако Федералните резерви (Фед) ќе го завршат циклусот на намалување на трошоците за задолжување, вели Хауард Маркс од „Оуктри капитал менаџмент“ (Oaktree Capital Management LP).
„Фед ќе се помести од опсегот од 5,25 до 5,5 проценти, а каматните стапки ќе паднат под четири проценти“, рече Маркс, еден од главните директори и основач на „Оуктри“, на прес-конференција во Мелбурн. „Мојот став е дека ќе останеме на околу три проценти. Нема да се вратиме на нула или 0,5 или еден процент“, додаде тој.
Повеќето аналитичари и економисти очекуваат Фед да започне со намалување на каматните стапки месецов. Од друга страна, не сите се согласуваат за тоа колку брзо централната банка ќе ги намали стапките. Некои мислат дека Фед ќе ги намали каматите за 50 базични поени во септември, додека други мислат дека сепак ќе се одлучи за намалување од четвртина процентен поен.
Прочитај повеќе
Акциите растат по најавата на Пауел за намалување на каматата во септември
Џером Пауел го даде најјасниот сигнал досега за олеснување во септември
24.08.2024
Инфлацијата во САД и натаму забавува, извесно е намалувањето на каматите
Базичната инфлација во САД забави четврти месец по ред
14.08.2024
И пазарите генерално се согласуваат со гледиштето на Маркс за тоа каде ќе запре намалувањето на каматните стапки. Трговците со своп-договори очекуваат неутралната каматна стапка да биде околу три проценти.
Маркс вели дека Фед мораше да ги зголеми каматните стапки поради вонредната состојба што ја создаде инфлацијата. „Верувам дека вонредната состојба е завршена“, нагласи тој.
Според веб-страницата, „Оуктри“ управува со имот во вредност од 193 милијарди долари.
„Економскиот раст може да биде побавен, а профитните маржи да паднат“, рече Маркс. „Со други зборови, мислам дека се враќаме во нормала, но нормалното е нешто различно од она на кое бевме навикнати во претходните 40 години. Нормалноста во економијата и инвестициите значи дека добрите и лошите времиња се менуваат“, додаде тој.
Во врска со Кина, Маркс рече дека верува оти земјата нема да се изолира од остатокот од светот. За да го постигнат предвидениот раст од пет проценти, „ним им треба остатокот од светот“, посочи тој.
„Мислам дека нема да ја играат улогата на отпадник и да се откажат од другите“, рече Маркс.