Кина соопшти дека економијата сè уште е на пат да ја достигне годишната цел за раст, и покрај најслабиот квартален резултат во изминатата година, при што силниот извоз ја амортизира пошироката забавеност.
Бруто-домашниот производ пораснал за 4,8 отсто во третиот квартал во однос на истиот период лани, што е малку над очекувањата на економистите. Според Националното биро за статистика, растот во првите девет месеци поставил „цврста основа“ за остварување на целта за годишен раст од околу 5 отсто.
Во септември е забележано и заживување на индустриското производство, што укажува на можен стабилен финиш на годината за втората по големина економија во светот.
Прочитај повеќе

Трамп има три главни барања од Кина пред новите трговски разговори
Доналд Трамп го засили притисокот врз Пекинг пред новите трговски разговори, наведувајќи ги ретките земни елементи, фентанилот и сојата како клучни точки на спор меѓу двете најголеми економии во светот.
пред 5 часа

Разговорите меѓу САД и Кина се планираат за следната недела, додека Трамп ги намалува царините
Следната рунда трговски преговори меѓу САД и Кина е закажана за идната недела, а ќе се преговара за новите ескалациски мерки меѓу двете најголеми економии во светот.
18.10.2025

ММФ гледа „значителни“ ризици за глобалниот раст поради судирот меѓу САД и Кина
ММФ стравува дека новите царини и нарушувањата во синџирите на снабдување поради судирот САД–Кина би можеле да го забават глобалниот раст и да ги зголемат ризиците.
17.10.2025

Агресивните потези на Пекинг предизвикуваат глобален отпор
Американскиот министер за финансии Скот Бесент навести формирање на нова коалиција, велејќи дека американските власти „разговараат со нашите европски сојузници, со Австралија, со Канада, со Индија и азиските демократии“ за да се оформи заеднички одговор.
16.10.2025
Економскиот раст на Кина забави во третиот квартал
Индустриското производство заживеа во септември
Bloomberg
Најновата официјална слика за економијата означува почеток на клучна недела за Кина, сега кога највисоките државни лидери се собираат во Пекинг на т.н. четврти пленум за да ги разгледаат развојните планови за следните пет години.
Откако тензиите со САД повторно ескалираа околу трговијата, американскиот секретар за финансии Скот Бесент неделава треба да се сретне со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во Малезија, како подготовка за разговорите меѓу претседателите на двете земји кон крајот на октомври. Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата ги наведе ретките метали, фентанилот и сојата како главни прашања на САД.
Во комбинација со новата фискална поддршка објавена минатата недела, стапката на раст од 5,2 отсто за првите три квартали може да ја намали итноста за дополнителен стимул во наредните недели. Динг Шуанг, главен економист за континентална Кина и Северна Азија во „Стандард чартeрд“ (Standard Chartered Plc), рече дека креаторите на политики може да ја одложат корекцијата на каматната стапка од 10 базични поени што банката ја предвидуваше за оваа година.
Што вели „Блумберг економикс“:
„Податоците ја намалуваат потребата од нов стимул во четвртиот квартал, но креаторите на политики веројатно ќе се фокусираат повеќе на решавање на структурниот јаз меѓу понудата и побарувачката, особено додека го разгледуваат 15-от петгодишен план за време на актуелниот четврти пленум“, напишаа Чанг Шу и Дејвид Ку.
Сепак, понеделничките податоци им дадоа доволно причини на креаторите на политики да не бидат самозадоволни. Малопродажбата забележа најбавен раст од ноември, додека инвестициите во фиксни средства забележаа прво годишно намалување од 2020 година.
Оваа слабост беше ублажена со неочекуваното зголемување на индустриското производство, кое во септември порасна за 6,5 отсто и ги надмина сите процени на економистите.
„Главната поента е дека растот забавува, но со големи разлики меѓу секторите“, изјави Нинг Џанг, виш економист за Кина во „УБС груп“ (UBS Group AG), за „Блумберг ТВ“ (Bloomberg TV).
Кинеските акции продолжија да растат по објавата на податоците, при што референтниот индекс CSI 300 се зголеми до 1,3 отсто, следејќи го поширокото позитивно пазарно расположение во регионот откако Трамп најави олеснување на тензиите со Кина. Индексот на кинеските акции во Хонгконг во текот на пладневната пауза беше повисок за 2,5 отсто.
Инвестициите во Кина се намалија за првпат од 2020 година
Инвестициите во првите девет месеци паднаа за 0,5 отсто во однос на истиот период лани
Bloomberg
Кина ја одржува економската динамика благодарение на рекордниот извоз, поттикнат од глобалната побарувачка за нејзините производи, што го задржува вкупниот раст блиску до целта на владата и покрај новата трговска војна со САД. Сепак, ранливостите остануваат во втората по големина економија во светот, бидејќи дефлацијата и прекумерната конкуренција ја намалуваат добивката на компаниите, додека потрошувачката сè уште тешко закрепнува по колапсот на пазарот на недвижности.
Редок пад на инвестициите ја отсликува слабата доверба што преовладува во економијата. Намалувањето главно е предизвикано од падот на секторот за недвижности, додека капиталните вложувања во инфраструктурата и производството исто така забавија.
Инвестициите во инфраструктура се зголемиле за само 1,1 отсто во првите три квартали од оваа година во однос на истиот период лани – најслаб резултат за овој период од 2020 година. Инвестициите во производството, пак, паднале од речиси 10 отсто раст во почетокот на годината на само 4 отсто.
Делумно за да одговори на тоа, Министерството за финансии во петокот соопшти дека им дозволило на провинциите да искористат 500 милијарди јуани (околу 70 милијарди долари) од неискористената обврзничка квота во рамките на лимитот за да ја зајакнат фискалната стабилност. Средствата може да се користат за намалување на задолжувањето надвор од буџетот, за отплата на долгови кон компании и, за провинциите што ги исполнуваат условите, за проширување на инвестициите, се наведува во кварталниот извештај.
„Со оглед на зголемената фискална поддршка, веруваме дека постои потенцијал за закрепнување на инвестициите во инфраструктура во четвртиот квартал, по значителниот пад во периодот јули–септември“, изјави Жаклин Ронг, главен економист за Кина во „БНП Париба“ (BNP Paribas SA).
Номиналниот раст на БДП, кој не е приспособен на промените на цените во економијата, забави на 3,7 отсто во третиот квартал во однос на истиот период лани – најслаб резултат од крајот на 2022 година. Тоа укажува дека цените на ниво на целата економија, измерени преку дефлаторот на БДП, повторно се намалиле, десетти квартал по ред – што претставува најдолга дефлаторна серија во поновата историја.
Гледано напред, владата ќе „ги поттикнува спроведувањето и ефективноста на поактивните и поимпактни макроекономски политики, ќе се фокусира на стабилизирање на вработеноста, претпријатијата, пазарите и очекувањата и ќе продолжи со стабилен напредок кон висококвалитетен развој за да обезбеди одржлив и здрав економски раст“, соопшти Националното биро за статистика.
Иако целиот 15-ти петгодишен план можеби нема да биде усвоен и објавен до март, некои од одлуките донесени оваа недела треба да бидат објавени по завршувањето на пленумот в четврток. Владите и инвеститорите низ светот внимателно следат дали претседателот Шји Џјинпинг ќе даде реална политичка тежина на плановите за пренасочување на економијата кон домашната потрошувачка – промена што би можела да ги ублажи годините на трговски нерамнотежи што го ослабеа производствениот сектор на глобално ниво.
Високите функционери веќе најавија поголем фокус на потрошувачката по реизборот на Трамп за претседател, со зголемени расходи во области како образованието и вработувањето. Сепак, досега презедоа релативно внимателни чекори и се воздржаа од утврдување конкретна цел.