Додека на Македонската берза со години се чека на успешна иницијална понуда на акции (од англиски: Initial public offering - IPO), Хрватска урива рекорди во овој домен и се искачи на 28. место на глобалната листа на „Блумберг“ на земји рангирани по обемот на капитал собран преку ИПО. Заклучно со септември годинава, преку ИПО на Загрепската берза беа собрани вкупно 160 милиони евра капитал, со што Хрватска стана единствената земја од регионот што е меѓу првите 30 на листата на „Блумберг“ и ги остави зад себе чешкиот и италијанскиот пазар.
Поволна средина за будење
Од крајот на минатата година досега Загрепската берза имаше една неуспешна ИПО, две успешни и една што е во тек. Нашите колеги од редакцијата на „Блумберг Адрија“ во Хрватска неодамна прашаа во Загрепската берза која е причината за будењето на пазарот на капитал. Оттаму одговорија дека моменталните пазарни услови, вклучувајќи ги високата ликвидност и нивото на вреднувања и индекси на берзата, создаваат поволна средина за ИПО.
Прочитај повеќе

Македонскиот пазар не е зрел за ИПО – немаше интерес за акциите на „Глеј“
Беа истргувани 6.672 акции по цена од 600 денари, „Свод мастер“ собра вкупно 4.003.200 денари.
27.08.2025

Сопствениците на платформата „Глеј“ ќе бараат 1,9 милиони евра преку ИПО
КХВсоопшти дека одобрила компанијата „Свод Мастер“ да издаде втора емисија на хартии од вредност по пат на јавна понуда, а заради зголемување на основната главнина.
30.05.2025

ИПО-пролет во Европа: Повеќе компании ги одмеруваат своите опции
Компании од Германија, Шведска и од Португалија веќе водат разговори со инвеститори и ги разгледуваат опциите за ИПО.
16.05.2025

Во игра неколку компании: Ќе сведочиме ли на трка за првата ИПО во Македонија?
Од Македонска берза велат дека во моментов постои интерес за ИПО кај неколку компании, со кои веќе имале почетни билатерални контакти.
05.02.2025

Потенцијал за ИПО во регионот Адрија: Многу соништа, малку акции
Вкупната вредност на европските иницијални јавни понуди во првата половина од годината е четири пати поголема отколку во истиот период лани.
16.10.2024

„Дајнерс клуб Македонија“ планира јавна понуда на акции и котација на берзата
Процесот на подготовка е во тек, потврди Божидар Јанковски, извршен директор на компанијата.
14.10.2024
„Покрај тоа, благодарение на позитивните економски случувања и раст, сè повеќе компании ги исполнуваат минималните критериуми потребни за финансирање преку берзата“, објаснија тогаш од Загрепската берза.
Фото: ЗСЕ
Од берзата веруваат дека примерот на ИНГ-ГРАД (ING-GRAD), кој покажа дека пазарот и инвеститорите имаат апетит за нови емисии, бил поттик за другите. Имено, ИНГ-ГРАД заврши со иницијалната јавна понуда на акции во февруари оваа година, при што продаде 1,32 милион акции и собра 60,7 милиони евра. Пет месеци подоцна беше извршена јавна понуда на акции во домашната компанија „Жито“. Вкупниот износ собран преку понудата достигна 130 милиони евра, што е пример за најголемата ИПО на приватна компанија во Хрватска. Најнов пример е оној на групацијата „Токиќ“. Компанијата неодамна го објави долгоочекуваниот проспект и со тоа го започна процесот за котирање на Загрепската берза.
Неуспешен обид на „Глеј“ во Македонија
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека неодамна не успеа обидот на стриминг-платформата „Глеј“ преку ИПО на Македонската берза да дојде до капитал за понатамошен развој.
„Финансискиот пазар во Македонија не е подготвен за ИПО, а примерот на стриминг-платформата ’Глеј‘ го потврдува тоа“, изјави тогаш за „Блумберг Адрија“ Дарко Перушески, извршниот директор на компанијата „Свод мастер“, која управува со платформата.
При објавата на ИПО, менаџментот на „Свод мастер“ соопшти дека ќе бидат понудени 200.000 обични акции во обид да се соберат 120 милиони денари (1,95 милион евра), а јавната понуда ќе се смета за успешна доколку во предвидениот рок од 60 дена бидат запишани и уплатени минимум 60 проценти од понудените обични акции. Сепак, во предвидениот рок беа истргувани само 6.672 акции во 60 трансакции по цена од 600 денари по акција, а „Свод мастер“ собра вкупно 4.003.200 денари или околу 65.000 евра.
„Нашиот план беше да собереме мали акционери што ќе вложат по 1.000-2.000 евра. Но уште на почетокот на тргувањето, во првите две-три недели, се виде дека понудата нема да биде успешна иако пред да влеземе во овој процес ние добивавме уверувања дека ќе има интерес за проектот“, вели Перушевски.
Уште една шанса
Сега останува прашањето дали и вториот кандидат за ИПО на Македонската берза ќе продолжи со реализација на идејата или, пак, ќе се поколеба од резултатот на „Глеј“. Имено, веќе пишувавме дека „Дајнерс клуб Македонија“ најави дека сака да стане котирана компанија на Македонската берза.
Божидар Јанковски, директорот на „Дајнерс Македонија“, минатиот октомври рече дека е свесен во што влегуваат и ги знае сите предизвици.
„Главна причина за иницирањето на овој процес е животниот век на компаниите, а како што веќе објави ПвЦ (PwC), само 16 компании во регионот на Југоисточна Европа успеале да останат активни до четвртата генерација, а 50 од 100 преминале во втората генерација. Значи 50 пропаднале. Треба да целиме да не се најдеме во тие што пропаднале“, истакна Јанковски.
Во таа пригода тој додаде дека е поборник на мислењето дека компаниите, по создавањето и развојот, во некој извесен период се соочуваат со опасноста да исчезнат од пазарот.
„Во Македонија повеќето од фирмите се раководени од лица што и ги основале пред триесетина години. Моментално тие лица имаат над 60 години и мислам дека процесот на трансформација е нужен. Според мене, единствено решение беше да се трансформираме во акционерско друштво и да пробаме да излеземе на берзата“, додаде Јанковски.
Страв, незнаење и желба за целосна контрола
Според една анкета што ја нарача Македонската берза за да го опипа пулсот меѓу компаниите околу прашањето зошто никој не го крши мразот за излегување на берзата, голем број од македонските претприемачи не се доволно информирани за поволностите што можат да ги добијат со трансформација на компаниите во акционерски друштва, собирање капитал преку иницијална понуда на акции или од котација на берзата. Малкумината што горе-долу имаат познавање од пазарот на капитал избегнуваат излегување на берзата главно поради тоа што сметаат дека на тој начин ќе го загубат монополот во сопственичката структура на нивните компании.
Македонска берза
Резултатите од анкетата покажаа изненадувачки голем процент на одговори што упатуваат на тоа дека значителен дел од македонските менаџери имаат целосно непознавање за дејноста на Македонската берза и функционирањето на пазарот на капитал во земјава. Во две третини од компаниите воопшто не се размислува за трансформација во акционерски друштва како еден начин за собирање капитал.
Истражувањето покажа дека најголем дел од менаџерите односно учесниците во сопственичката структура сакаат контролата да ја држат во свои раце и не се подготвени да дозволат некој да влезе во компанијата и да влијае на одлуките што се носат и на стратегијата за настап на компаниите на пазарот.
Во однос на можноста за емисија на хартии од вредност на берзата, зачудувачки беше што одговорите од анкетата покажуваат дека дури 40 проценти од менаџерите воопшто не знаат што се тоа хартии од вредност, а една третина се информирани за овој инструмент.
Над 73 проценти сметаат дека издавањето хартии од вредност носи големи ризици, меѓу кои како главен ризик (50 проценти од испитаниците) истакнуваат дека на тој начин би дошло до разводнување на сопственоста поради учество на трети лица во капиталот и губење на контролата врз компанијата. Како главен извор за финансирање, во компаниите се гледаат банките, бидејќи на тој начин обезбедуваат капитал без да ја загубат контролата врз компанијата.
Проблемот не е само во компаниите
Сепак, примерот на „Глеј“ докажува дека проблемот не е само во компаниите.
„Во земјава недостига финансиска едукација. Луѓето се подготвени да вложуваат во многу работи, голем дел од нив и несигурни, очекувајќи брзи добивки, а за вакви проекти не се подготвени. Сметам дека нашиот процес беше добро воден, а дека во моментов кој и да влезе во ваков проект, го чека сличен епилог, затоа што земјава сѐ уште нема едуцирани берзански играчи“, изјави неодамна Перушески за „Блумберг Адрија“.