Пробивањето во топ 1 отсто од најбогатите луѓе, во САД станува сè потешко.
Сега се потребни најмалку 5,8 милиони долари за да ѝ се приклучите на најбогатата класа во најголемата економија во светот, што е речиси 15 отсто повеќе од пред околу 12 месеци, според истражувањето на „Најт Френк“ (Knight Frank).
Монако го задржува првото место за највисок праг на богатство во светот со 12,8 милиони долари, што е зголемување од 3,2 отсто од пред една година, додека во Луксембург и во Швајцарија се потребни повеќе од 8 милиони долари за да се достигне тој праг, според извештајот за богатство за 2024 година на брокерот за недвижности.
Наодите нагласуваат како закрепнувањето на пазарите во САД и другите западни земји ја зголемува разликата помеѓу богатите и сиромашните држави. Бруто-домашниот производ по жител на Монако од околу 240.000 долари е над 900 пати поголем од оној на Бурунди во Источна Африка, според податоците на Светската банка.
Инвазијата од Русија на Украина во 2022 година ја оштети глобалната економија, која штотуку закрепнуваше од пандемијата, предизвикувајќи пораст на цените на енергијата и храната. Иако тоа предизвика проблеми низ светот, посиромашните нации што мораат да ги увезуваат тие добра беа особено погодени бидејќи трошоците за задолжување се зголемија.
Сепак, не сите го почувствуваа притисокот. Најбогатите 500 луѓе во светот додадоа 1,5 трилион долари кон заедничкото богатство минатата година, при што извршниот директор на „Тесла“ (Tesla Inc.), Илон Маск, додаде најмногу, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
„Нашите наоди ги потврдуваат значителните разлики во распределбата на богатството меѓу земјите“, посочија од „Најт Френк“ во својот извештај. „Очекувајте поголем фокус на политиките за тоа каде е лоцирано богатството, како е распределено низ економиите и како владите можат и да го оданочат и да го поттикнат неговиот раст“.