Светот вчера го стресе веста дека најмалку 35 лица загинаа во авионска несреќа во Казахстан. Патнички авион на „Азербејџан ерлајнс“ со вкупно 67 лица (62 патници и петмина членови на екипажот) се урна во близината на градот Актау на Касписко Море во Казахстан во обид принудно да слета. Причина за принудното приземјување најверојатно е удар во птици.
Прогноза: Трендот на раст на платите во регионот ќе продолжи
Во постпандемискиот инфлациски бран видовме интензивно прелевање на растот на платите, така што земјите од регионот Адрија забележаа само пад на платите во реална смисла (платите приспособени за растот на цените) во одреден период од 2022 година, по што тие продолжија да растат и потрошувачката моќ на платите беше задржана, па дури и подобрена.
Просторот за раст на платите во регионот е овозможен со подобрената состојба на пазарот на трудот, бидејќи стапките на невработеност се на или блиску до историски најниско ниво, а недостигот од работна сила станува сè поизразен ограничувачки фактор за растот. Целата анализа читајте ја на овој линк.
Македонските директори не пресметале повисоки плати за идната година
Владата испланира следната година платите да растат со позабавено темпо во споредба со претходниот период. Според буџетот за 2025 година, просечната нето-плата се очекува да се зголеми за 7,5 отсто на номинална основа, односно 5,2 отсто на реална основа.
Во бизнис-плановите на големите компании за следната година нема големи измени во ставките за плати. „Блумберг Адрија“ разговараше со претставници на повеќе компании и генералниот заклучок е дека е исцрпен просторот за раст на платата и дека личните примања ќе зависат од надоместоците поврзани со продуктивноста.
Странските туристи се враќаат, но сѐ пократко седат во Македонија
По драстичниот пад на туризмот за време на пандемијата, ситуацијата во Македонија е горе-долу нормализирана, односно бројките се практично доведени на нивото од 2019 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, турските туристи се најмногубројни, ама најмалку се задржуваат во Македонија, во просек по 1,44 ден во 2023 година, додека најмногу време поминуваат Холанѓаните, по 3,37 дена, што се должи на тоа што некои од нив доаѓаат и со повеќедневни аранжмани, претежно во Охрид.
Подемот на Индија: Oд можност до реалност
Според податоците на Светската банка, годинава се очекува Индија да постигне седум отсто економски раст, а во нејзина корист игра и завидната демографска слика - нешто под 30 проценти од Индијците се на возраст од 15 до 29 години, со што малку земји можат да се пофалат.
Трговските војни меѓу САД и Кина не ја загрижуваат Индија, туку, напротив, таа ги користи. Индија ќе има корист од диверзификацијата на синџирите на снабдување од Кина, но подлабокото разгледување на нејзината сложена економска ситуација открива реалност што отвора прашања за нејзината подготвеност да ја замени Кина како фабрика на светот.
Русија уверува дека не мора да испраќа гас само преку Украина
Русија е подготвена да го продолжи извозот на гас во Европа преку неколку рути, со оглед на тоа што годинава истекува важноста на договорот за транзит на енергентот преку Украина, рече рускиот вицепремиер Александар Новак.
Русија испраќа гас во Европа преку различни рути. Покрај Украина, горивото се транспортира и преку кракот на гасоводот Турски тек што минува низ Црно Море, тука е и последната преостаната врска од контроверзниот гасовод Северен тек преку Балтичко Море, а резервите се испраќаат и во танкери како ЛНГ.