Со децении највисоките американски функционери ја нагласуваа вредноста на силниот долар, наведувајќи го како доказ за динамиката на економијата. Меѓутоа, за време на првиот мандат на Доналд Трамп многумина забележаа дека таканаречената политика на силен долар (англ. strong-dollar policy) беше ставена настрана, имајќи предвид дека дојде до намалување на извозот и заработката на американските мултинационални компании во странство. Останува да се види што ќе донесе вториот мандат на Трамп, иако Скот Бесент е непоколеблив во врска со најдоминантната светска валута.
ПОЛИТИКА
„Сакаме силен долар“
Американскиот министер за финансии Скот Бесент порача дека САД ќе ја зачуваат политиката на „силен долар“ и под администрацијата на новиот претседател и дека не сака другите држави да ги ослабат сопствените валути за да манипулираат со својата трговија. Бесент нагласи и дека не планира да ги менува владините планови во врска со издавањето на долгот, што донекаде ги смири пазарите. Тој вети и дека нема да му држи лекции на Фед за каматните стапки и дека платниот систем на Министерството за финансии е целосно безбеден, откако Одделението за ефикасност на владата, на чело со Илон Маск, доби пристап до системот на тоа министерство.
БИЗНИС
Акциите на „Амазон“ во пад поради пониски проекции за првиот квартал
На корпоративен план, акциите на „Амазон“ (Amazon) паднаа за четири проценти во електронското тргување, поради слабостите во секторот за услуги од облак. „Амазон“ исто така ја намали проекцијата за оперативниот профит за кварталот што завршува во март, па сега очекува добивка од 14 до 18 милијарди долари. Најавено е и зголемување на капиталните трошоци на 100 милијарди долари годинава, на крилата на инвестициите во вештачка интелигенција.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано, по вчерашната одлука на Централната банка на Англија (БоЕ) да ги намали каматните стапки. Потсетуваме, Банката на Англија ги намали каматните стапки за четвртина процентен поен, на 4,5 проценти, што беше очекувано. Сепак, официјалните лица на банката во најновите проекции сугерираа дека е потребен „постепен и внимателен пристап“ кон идните намалувања на стапките и дека се потребни „само уште две намалувања“ за инфлацијата да се врати на целта од два процента.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските акции се на надолна патека, пред објавувањето на најновиот извештај од пазарот на трудот. Послабите податоци, според економистите, би можеле да ги зголемат очекувањата за понатамошно намалување на каматните стапки на Фед, додека посилниот извештај би можел да има спротивен ефект.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат мешано. Индексите во континентална Кина и Хонгконг растат, додека во Јапонија тргуваат во црвено.
НАФТА
Нафтата во петокот се движеше кон својот трет неделен пад, бидејќи загриженоста дека царините на Доналд Трамп насочени кон Кина ќе ја ослабат побарувачката ја надмина првата рунда санкции на новата американска администрација кон Иран. Брентот достигна 75 долари за барел, но сепак беше во пад за околу три проценти неделава. ВТИ (West Texas Intermediate) беше на прагот од 71 долар.