Ново покачување на каматната стапка од Народната банка
Народната банка ги следи чекорите на ФЕД и ЕЦБ и продолжува со затегнување на монетарната политика така што ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 25 базични поени, на 5,75 проценти.
„Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика, кој започна од крајот на 2021 година“, информираа од Народната банка. Оттаму сметаат дека е неопходна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.
Во април годишната стапка на инфлација бележи забавување, кое започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки, е над историскиот просек. Побавниот годишен раст на инфлацијата главно произлегува од помалиот раст на цените кај прехранбената компонента.
„Базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина“, велат од НБ.
Инфлацијата во САД забавува, растот на цените во април е 4,9 отсто
Инфлацијата во САД минатиот месец покажа знаци на забавување, оставајќи со тоа простор Федералните резерви (ФЕД) наскоро да паузираат со зголемувањето на каматните стапки.
Индексот на потрошувачките цени во САД во април се зголеми за 4,9 проценти во однос на истиот месец претходната година, што претставува прво статистичко читање на инфлацијата под пет проценти во последните две години, покажа денешниот извештај на американското Биро за статистика. Малку залади и т.н. базичен индекс на потрошувачки цени, кој не ги зема предвид храната и енергијата.
Пазарите го прифатија извештајот позитивно. Акциите ја зголемија својата сила на отворените пазари. Приносите на државните обврзници паднаа, а надолу се помести и мерачот на „Блумберг“ за вредноста на доларот.
Започна со работа Македонската берза за струја
Вчера беше првиот ден на тргување на Македонската берза на електрична енергија, со што се означи почетокот на функционирањето на организираниот пазар во Македонија, пазарот ден однапред.
„Ова значи дека добивме референтни цени на македонскиот пазар на електрична енергија, кои се однесуваат на домашната побарувачка и понуда на електрична енергија“, рече управителот на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО), Симон Шутиноски, на настанот со кој се означи официјалниот почеток на работата не берзата.
Тој нагласи дека на првиот ден на тргување на Македонската берза на струја учествувале 20 од вкупно 22 компании што склучија договор за учество со МЕМО. Истргувани беа околу 500 мегават-часа електрична енергија со просечна цена од околу 7.125 денари, која е приближна на цените во регионот и во Европа.
Според Шутиноски, берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствените капацитети на електрична енергија од обновливи извори, така што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде што ќе можат да ја продаваат произведената енергија.
На берзите...
Позитивните вести од американската економија, разбирливо, се пренесоа на расположението на дел од инвеститорите. Инфлацијата во САД покажа знаци на ублажување во април, давајќи им простор на Федералните резерви (ФЕД) да ја паузираат својата агресивна кампања за затегнување на монетарната политика. По ваквите вести, индексот S&P 500 порасна за 0,4 проценти, а технолошкиот Nasdaq 100 за дури 1,1 отсто. Европскиот индекс Euro Stoxx 50 порасна за 0,2 процента. Во Азија берзанските индекси се со мал пад, во распон од 0,1 до 0,3 проценти.
Цената на нафтата порасна четврти пат во вкупно пет сесии на тргување, бидејќи ублажувањето на американската инфлација го ослабна доларот, а дополнително трговците оценуваат дека има прекини во снабдувањето. По вчерашната загуба од 1,6 отсто, ВТИ за испорака во јуни утрово порасна за 0,8 проценти, на 73,12 долари за барел, додека нафтата брент доби исто толкав процент на вредноста, но таа сега чини точно 77 долари.
Вредноста на доларот малку ослабна во однос на другите валути, па, споредено со еврото, утрово се тргува по цена од 1,0980 долар за евро. Златото ја зголеми својата вредност за 0,2 отсто и унца сега чини 2.033,26 долари.
Спротивно на претходното, на криптопазарот сликата е негативна. Најголемиот токен, биткоинот падна за 1,6 отсто, на 27.429,64 долари, а етерот загуби 1,7 отсто од вредноста, па се тргува за 1.826,78 долари.
Денеска читајте...
Eпидемија на фалсификувани монети на евра во Македонија
Забележана е појава на големи количества фалсификувани монети на евра во Македонија, открива Народната банка во годишниот извештај за 2022 година.
Имено, Народната банка лани открила вкупно 13.983 парчиња фалсификувани монети на евра. Во вкупниот број фалсификувани книжни пари, пак, најзастапени се книжните пари во евра (181 парчe) и американски долари (38 парчиња).
„Општата оцена е дека фалсификуваните книжни пари имаат релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики“, објаснуваат од Народната банка.
Градежниците за скапите станови: На цената влијаат политички одлуки
Пишуваме и за состојбите на пазарот, за што се разговараше на првата конференција за недвижности, која вчера се одржа во Скопје. Заклучокот е мал пад на цените до крајот на годината, но вистинско ладење на пазарот со недвижности во Македонија по примерот на западноевропските земји нема да се случи.
Поради затегнувањето на монетарните политики и зголемените камати се намали побарувачката за станови, што придонесе за подрастичен пад на цените на недвижностите во повеќе европски земји, особено во Шведска и Унгарија. Сепак, според македонските бизнисмени од градежниот сектор, ова сценарио не може да се преслика во земјава од повеќе причини, а главната е дека Македонија сè уште е пазар во развој со висока побарувачка.