Федерика Могерини, поранешната шефица на дипломатијата на Европската Унија, и висок европски функционер се задржани од белгиската полиција поради рации во врска со случаи на сомнителни измами.
Могерини, која од септември 2020 година ја извршува функцијата ректор на Колеџот на Европа, е задржана денеска, според извор запознаен со случајот, кој побара да остане анонимен.
Високиот европски функционер Стефано Санино, кој претходно беше највисок претставник во Европската служба за надворешни работи и кој сега е шеф на одделот за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот во Европската комисија, исто така е задржан, како и помошникот на Могерини на колеџот, тврди изворот.
Јавниот обвинител на ЕУ потврди дека извршил претреси во Колеџот во Бриж, Европската служба за надворешни работи и во неколку дома, при што биле задржани три неидентификувани лица. Колеџот на Европа не одговори веднаш на барањето за коментар. Никој не одговорил на пораките пратени по е-пошта до Могерини во Колеџот на Европа. Таа не одговорила на повикот кон нејзиниот телефонски број оставен на веб-страницата на колеџот.
Европската комисија не одговори веднаш на барањата за коментар, вклучувајќи го и прашањето за апсењето на Санино, кој е генерален директор во еден од департманите на извршната власт на ЕУ, фокусиран на надворешни работи.
„Еурактив“ прв го објави извештајот за рациите и апсењата.
Раците се однесуваат на доделувањето договор за Дипломатската академија на Европската Унија, програма за обука на помлади дипломати, соопшти Европското обвинителско тело. Пред рациите, обвинителот побарал укинување на имунитетот на неколку осомничени, што било одобрено.
Договорот бил доделен од Европската служба за надворешни работи на Колеџот на Европа во периодот 2021-2022 година, по постапка за јавна набавка, велат од обвинителството. „Постојат силни сомневања дека, за време на постапката за јавна набавка“, било прекршено правилото „поврзано со фер конкуренција и дека доверливи информации во врска со тековната набавка биле споделени со еден од кандидатите што учествувале во тендерот“, додадоа оттаму.