Турција ќе се соочи со втор круг претседателски избори
Сè поизвесно е дека Турците ќе одберат свој претседател во втор круг на избори, со оглед на тоа што ниту еден од кандидатите не освои над 50 проценти од гласовите, колку што е потребно за еден од нив да ја добие функцијата уште во првиот круг.
Имено, по избројани 98,94 проценти од гласовите, водството го има актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е на чело на државата 20 години, со освоени нешто над 49 отсто од гласовите, додека неговиот најсериозен противник Кемал Киличдароглу досега има речиси 45 проценти од гласовите.
По целосното пребројување на гласовите и официјализирањето на резултатите од ова гласање ќе се знае и конкретниот датум кога ќе се одржи вториот круг избори во Турција.
Недостигот од зрна ја зголемува цената дури и за најевтината шолја кафе
Глобалната криза на трошоците за живот ги натера љубителите на кафе да се префрлат на поевтините сорти. Но недостигот од зрна робуста го отежнува пронаоѓањето евтина шолја кафе. Иако многу љубители на кафе претпочитаат висококвалитетни зрна од сортата арабика, што се продава во кафулињата, робустата е обично поевтина бидејќи дрвото е потврдо и бара помалку грижа, што го олеснува масовното производство.
На клучните одгледувачи им е тешко да го следат порастот на побарувачката, при што цените на големо оваа недела достигнаа највисоко ниво во речиси дванаесет години. Инстант сортите, кои се поевтини затоа што се мешавина, поскапеа за речиси 20 проценти на годишно ниво, иако инфлацијата за зрната кафе изгуби на интензитет.
Шансите наскоро да се намали глобалниот недостиг од робуста изгледаат мрачно. Виетнам, најголемиот светски производител на оваа сорта кафе, веројатно ја собра својата најмала жетва во последните четири години, откако земјоделците се фокусираа на садење попрофитабилни култури, како авокадо и дуријан, за да се справат со растечките трошоци за ѓубрива по руската инвазија врз Украина. Бразил, вториот по големина одгледувач на оваа сорта, е со значајно оштетени посеви поради сушата, а постои загриженост дека и производството на Индонезија може да настрада по обилните дождови.
На берзите...
Фјучерсите на американските акции паднаа во азиската сесија на тргување, но берзанските индекси во тој регион се измешани бидејќи инвеститорите ги разгледуваат знаците за напредок од разговорите во САД во врска со максималната граница на долгот, со цел да се избегнат проблеми и неисполнување на обврските на државата.
Индексот S&P 500 утрово е со минимална промена на вредноста, откако во петокот падна за 0,2 отсто. Технолошкиот индекс Nasdaq 100, по петочниот пад од 0,4 проценти, денеска тргувањето го започна со пад од 0,1 отсто. И европскиот индекс Euro Stoxx 50 ја започна неделава со незначителни промени, но азиските индекси покажуваат различни перформанси, од пад од 0,7 проценти до раст од 0,5 отсто.
Нафтата падна четврти ден по ред бидејќи загриженоста за американската економија и побавното закрепнување на Кина од очекуваното влијаат на изгледите. Фјучерсите на ВТИ утрово паднаа под 70 долари за барел, откако ја заокружија четвртата последователна неделна загуба, што е најдолг таков период од септември. Конкретните бројки покажуваат дека ВТИ за испорака во јуни падна за 0,8 отсто, на 69,47 долари, а за исто толкав процент се намали и цената на нафтата брент за испорака во јули, со тоа што таа сега се тргува за 73,54 долари за барел.
Еврото и американскиот долар се тргуваат речиси непроменето, односно нивниот курс изнесува 1,0856 долари за евро. Златото, пак, порасна за 0,2 отсто, покачувајќи се на 2.014,47 долари.
Криптовалутите растат. Се чини дека инвеститорите го вратија малку интересот за криптопазарот, па биткоинот порасна за 0,9 проценти, искачувајќи се на 27.202,85 долари, а етерот ја зголеми својата вредност за 1,5 отсто и сега чини 1.826,64 долари.
Денеска читајте...
Во Македонија добро им оди, но профитите на фирмите за достава под притисок
По растот во пандемиските 2020 и 2021 година, индустријата за курирски, експресни и пакетни услуги (КЕП) во 2022 година бележи намалување, а сличен тренд се очекува и оваа година, стои во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија инсајт“.
Нашите аналитичари прогнозираат дека неповолната макроекономска средина ќе влијае на профитабилноста на индустријата во регионот, пред сè поради зголемените трошоци за гориво, кои се главен влезен трошок во секторот. Од друга страна, со растот на е-трговијата, компаниите за испорака ќе се соочат со нови предизвици за подобра услуга и побрзи испораки. Тоа дополнително ќе ги зголеми трошоците и ќе направи уште поголем притисок врз компаниите. Читајте ја нашата анализа.
Анализа: Колку трошат Македонците за авион и каде да летате следниот пат
Германија е најфреквентната земја за летање од Македонија, а кога станува збор за градовите, Истанбул е најпосакуван за Македонците, покажуваат податоците што „ТАВ Македонија“ ни ги достави на увид.
Анализираме каде и колку патуваат Македонците, но и во која насока се движат цените на летовите во услови на низа кризи со кои се соочуваме, особено по пандемијата, од која авиопревозниците беа значајно погодени. Многу е извесно дека летањето веќе нема да биде толку евтино, иако ние најдовме примери каде можете да летате во следниот период и да не ве чини толку многу. „Блумберг Адрија“ ви нуди неколку предлози за патување на различни дестинации низ Европа за доста ниски цени.