Криптовалутите вчера нагло паднаа, внесувајќи нов импулс во широката распродажба, која се чинеше дека се смирила.
На почетокот на овомесечното тргување во Азија биткоинот падна дури за шест проценти, под границата од 86.000 долари, додека вредноста на етерот се намали за повеќе од седум отсто, на околу 2.800 долари, според податоците собрани од „Блумберг“. Поголемиот дел токени се движеа во истата насока, при што соланата падна за 7,8 отсто.
Добро утро, следуваат останатите важни вести за почеток на денот.
Земјиште од 1 евро за квадрат, куќа за 12.000 евра - еве што продаваат македонските банки
Станови, земјишта, индустриски објекти, фарми, куќи или кат од куќа, разна опрема и машини... секаков можен недвижен, но и движен имот може да се најде огласен за продажба на веб-страниците на домашните банки. На продажба е имот што е во постапка за присилна наплата, но и таков што веќе не успеал да се продаде од извршителите на три наддавања како што налага регулативата, па банките го преземаат и понатаму сами го продаваат.
Оние што имаат хипотекарен кредит, а престанале да го отплаќаат од најразлични причини, доколку се исцрпат сите обиди да не дојде до тоа, на крајот се соочени со неминовното извршување на нивните хипотеки.
Светот во маратонска трка да придобие дигитални номади, Македонија допрва ќе стартува
Дигиталното номадство е тренд што го наметна дигиталната ера, но својот особен раст го доживеа во периодот на пандемијата, разбирливо, поради нужната потреба за работа оддома, односно од далечина. Да се имаат дигитални номади што работат и заработуваат од компании во други земји, а потоа тие пари ги трошат во државата во која престојуваат стана императив за секоја влада. Или за повеќето. Па така, трката за привлекување дигитални номади во последните години значително се интензивира. Покрај соодветни визи за престој, властите нудат и најразлични привилегии за оваа категорија работници, кои не само што заработуваат редовно, туку и добро.
Може да се каже дека во таа трка Македонија навистина доцни, но сепак предизвикот е голем, па веројатно напорите не би биле залудни доколку во следниот период се стави фокус на тоа.
Историското протекување на податоци во Јужна Кореја ја заокружи рекордната година за сајбер-напади
Масовното протекување на податоци кај најголемиот е-трговец на мало во Јужна Кореја, „Купанг“ (Coupang Inc.), го заокружува тоа што ќе се запише како рекордна година за вакви инциденти и сајбер-напади во земјата, истакнувајќи ги слабостите во сајбер-одбраната на Сеул.
Од компанијата „Купанг“, популарна во сегментот на испораки на намирници во утринските часови, изјавија дека околу 33,7 милиони сметки на клиенти биле погодени од протекувањето, кое ги компромитирало електронските и физичките адреси за испорака, како и телефонските броеви на клиентите.
Трамп потврди: Го избрал новиот претседател на Фед
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја донел одлуката за својот избор за следниот претседател на Федералните резерви (Фед), откако јасно стави до знаење дека очекува неговиот кандидат да обезбеди намалување на каматните стапки.
„Знам кого ќе го изберам, да“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион на враќање во Вашингтон, без да го открие изборот. „Ќе го објавиме тоа.“
Трамп често го критикува актуелниот претседател на Фед, Џером Пауел, за тоа што не ги намалува каматните стапки доволно брзо, и сигнализира дека сака човек на чело на институцијата што поагресивно ќе се залага за намалувања.
Какво виски пијат Македонците?
Триесет и седум бренда на виски со вкупно 73 етикети беа претставени на јубилејното петто издание на „Скопје виски фест“ (Skopje Whiskey Fest) што се одржа на почетокот на минатиот месец во хотелот „Мериот“. На трите фестивалски дена присуствуваа 2.300 гости, а 12-годишното шкотско виски „мекалан реар каск“ (The Macallan Rare Cask) беше најскапото послужено по цена од 2.400 денари за дегустација.
„Според податоците извадени од нашиот систем ‘Бипоеј’ (BePay), годинава се испиле 5.028 чаши. Станува збор за регистрирани дегустации, со можност вистинската бројка да е за околу една третина поголема поради дополнителни дегустации од дистрибутери што не се официјално евидентирани“, појаснуваат од „Ботега евенти“, кои традиционално се организатори на настанот.