Во голем пожар што избувна синоќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 51 едно младо лице, а над 100 се повредени. Според неофицијалните информации, причина за пожарот најверојатно е несоодветна употреба на пиротехнички средства во дискотеката при концерт на македонската музичка група ДНК.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утрово ја потврди бројката на загинатите и повредените. Тој изрази жалење за трагедијата и најави дека МВР во соработка со обвинителството ги преземаат сите потребни мерки за расчистување на случајот.
Државното Јавно обвинителство соопшти дека сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен на местото на пожарот. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување, стои во соопштението.
Хоспитализирани 118 повредени
Министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција информираше дека вкупно 118 лица се хоспитализирани во различни болнички капацитети по трагедијата во Кочани. Тој нагласи дека сите пациенти добиваат неопходна медицинска грижа и дека здравствениот систем е целосно мобилизиран.
„Нема пациент кој не е згрижен, сите капацитети се ставени во функција. Ќе дадеме сè од себе за да спасиме што повеќе животи“, рече Таравари.
Претходно МИА пренесе дека на Скопските клиники, во Градската хируршка болница „Свети Наум Охридски “ и во „8 Септември“ хоспитализирани се повеќе од 80 потешко повредените лица во пожарот што ноќеска се случи во дискотека во Кочани.
Директорот на Градска болница „Свети Наум Охридски“, Небојша Насто потврди дека кај нив се примени досега 29 лица, меѓу нив и малолетници, со тешки изгореници на лицето, вратот и рацете.
Од ТОАРИЛУЦ за МИА изјавија дека кај нив досега примени се 31 лице, има и малолетници. Генерално сите со изгореници. Во ГОБ 8 Септември, примени се 17 лица. На Детска хирургија четири лица. Повеќето од повредените лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноќеска се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.
Инаку, на социјалните мрежи утрово имаше апели од родители кои ги бараа свите деца незнаејќи каде се згрижени. Потоа, дел од медиумите објавија список од Министерството за здравство со имињата на хоспитализираните лица.
Пред болниците во Кочани и останатите градови се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст направи списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.
Приведен сопственикот на дискотекатаСопственикот на дискотеката во која се случи пожарот во Кочани, во која загина 51 лице, е приведен,а приведени се и други лица. Според информации на МИА, приватната дискотека каде што се случи пожарот во Кочани работела повеќе години, а приведениот сопственик бил постојано во сопственичката структура на објектот. Лиценцата за работа на дискотеката и истекувала на 24 март. |
Понуди за помош
Соседните земји нудат помош за третирање на повредените од големиот пожар кој синоќа избувна во дискотека во Кочани. Според министерот за здравство Арбен Таравари помош е понудена од Белград и Софија.
Претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова во изјава пред една од болниците каде се згрижуваат повредените во Скопје рече дека земјава добива понуди за помош од соседните земји. Во статус на социјалните мрежи помош понуди и Бојко Борисов, поранешниот бугарски премиер. Тој имал телефонски разговор со премиерот Мицкоски и изразил најискрено сочувство до роднините на загинатите во пожарот во дискотека во градот Кочани.
„Во најтешките моменти остануваме заедно и затоа на колегата му ја понудив помошта што Бугарија може да ја пружи. Господ да ги прости починатите. Се молиме за побрзо закрепнување на повредените“, напиша Борисов.
Амбасадорката на САД Ангела Агелер изрази сочувство на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а на премиерот Мицкоски му понуди помош.
Анџела Агелер/U.S. Embassy North Macedonia/North Macedonia
„Срцето ми се кине за многуте жртви во синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Нашето најдлабоко сочувство за жртвите и нивните најблиски во ова страшно време, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија. На премиерот Христијан Мицкоски му понудив помош и сите ресурси на Амбасадата на САД, како и нашите молитви за сите оние кои страдаат денес“, напиша Агелер.
Сочувство изрази и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Изразувајќи сочувство за загинатите, Кос наведува дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија!“
„Длабоко натажени од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе, наведе Кос во објава на Икс.
Сочувство и понуда за помош на социјалната мрежа Х изрази српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја снајде Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Македонија во овие тешки моменти. Нашите мисли се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние кои се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена да ја пружи секаква неопходна помош, во согласност со своите можности, покрај своите пријатели“, објави Вучиќ.
Откажани сите настани
По трагедијата во Кочани откажани се сите настани во земјава.
Денеска требаше да се одржат избори за претседател на најголемата опозициска партија СДСМ, а Централната изборна комисија утрово донесе одлука за одложување на внатрепартиските избори за претседател
„Поради огромната трагедија што се случи во Кочани, СДСМ ги одложи внатрепартиските избори за претседател на партијата. Општинските организации на СДСМ ќе се вклучат во помошта за настраданите во пожарот. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата, роднините и пријателите на загинатите во огромната трагедија што се случи во Кочани. На повредените им посакуваме брзо и целосно закрепнување. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со сите засегнати од оваа страшна несреќа“
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги одложи денешните натпревари во сите конкуренции заради трагедијата која се случи во нашата земја во Кочани.
„Длабоко сме потресени од трагичната несреќа во Кочани во која настрадаа многу млади луѓе. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата и блиските на настраданите. Изразуваме најискрено сочувство и поддршка“, објавија од ФФМ.
Сочувство и барања за одговорност
Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна, пишува на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.
Христијан Мицкоски/Блумберг Адрија
„Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови. Ги повикувам сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства. Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија“, напиша Мицкоски.
Сочувство до семејствата изрази и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Во овој момент на длабока тага, сакам да изразам најискрено сочувство до семејствата кои изгубија најблиски и да им посакам брзо закрепнување на повредените. Во вакви моменти, единствено што е важно е солидарноста и поддршката. Ги повикувам сите институции, здравствените работници, но и целото општество да се обединиме во помошта за настраданите и нивните семејства. Како лекар, стојам на располагање за секој вид помош што можам да ја дадам во оваа тешка ситуација. Сега не е време за поделби, туку за обединување во тагата и во напорите да помогнеме“, напиша Филипче.
И политичките партии и функционери се огласуваат по повод големата трагедија во Кочани.
„Профитот и корупцијата повторно го зедоа данокот, овој пат во млади животи. Додека сме во најтешкото исчекување за крајната бројка на жртви и повредени, прашуваме кој дозволил да се пушти објект во употреба доколку немал соодветни услови за тоа и продал повеќе билети од дозволениот капацитет на локалот? Дали некој не извлекол поука од сите претходни слични и трагични ситуации како оваа и дозволил ова да се случи, за на крајот цела земја да биде во жалење и сите да бараме одговори како дошло до тоа“, стои во соопштението од ЛДП.
Министерот за правда Игор Филков изрази сочувство за десетиците млади животи кои загинаа во пожар во дискотека во Кочани и најави одговорност за сите инволвирани во оваа трагедија.
„Десетици млади животи згаснаа во пожар што никогаш не смееше да се случи. Ова не е само трагедија – ова е аларм што бара одговорност! Нема зборови за оваа болка … но мора да има правда! Секој што потфрлил – ќе одговара! Ова не смее да се повтори никогаш повеќе! Нека почиваат во мир овие млади души“, вели Игор Филков, министер за правда.
*Текстот конитнуриано се ажурира со нови моменти од големата трагедија.