Хутите во саботата наутро истрелаа балистички ракети кон Израел, со што го означија своето влегување во едномесечната војна со Иран, која веќе предизвика потреси на енергетските пазари и однесе илјадници животи.
Околу 3.500 морнари и припадници на маринците пристигнаа во регионот со воен десантен брод, соопшти американската војска. Израел продолжи со бомбардирање на Иран во текот на ноќта и во саботата, додека Техеран ги засили нападите низ регионот и рани повеќе од десетина американски војници при напад на база во Саудиска Арабија, наведуваат повеќе медиумски извештаи.
Хутите со седиште во Јемен, поддржани од Иран, соопштија дека ќе продолжат со операциите сѐ додека не престанат американско-израелските напади врз Исламската Република и нејзините сојузнички вооружени групи, вклучително и Хезболах во Либан. Подоцна во саботата, Хутите објавија дека извршиле и втора воена операција насочена кон Израел со крстосувачки ракети и беспилотни летала.
Прочитај повеќе
Саудискиот нафтовод што го заобиколува Ормуз достигна капацитет од 7 милиони барели
Саудиска Арабија извезува до 7 милиони барели дневно преку алтернативна рута кон Црвеното Море.
28.03.2026
Последната карта на Иран: зошто Хутите засега нема целосно да се вклучат во војната
И покрај ракетните напади врз Израел, Хутите остануваат внимателни и засега не се приклучуваат целосно на војната.
28.03.2026
И Хутите влегуваат во војната, бараат прекин на ударите врз Иран и Хезболах
Војната на Блискиот Исток се шири, Хутите испукале балистички ракети кон Израел и упатија порака дека операциите ќе продолжат додека не запрат нападите врз Иран и Хезболах.
28.03.2026
Танкер погоден со ракета во Црвеното море
Бродот се наоѓал кај теснецот Баб ел-Мандеб на околу 19 километри од Мока
18.05.2024
Израелската војска соопшти дека е регистрирано лансирање на ракета од Јемен кон нејзина територија, но не наведе веднаш дали проектилот бил пресретнат.
Воздушни напади на Блискиот Исток
Напади од 28 февруари, најновите се заокружени
Потегот на Хутите, објавен преку соопштение на Телеграм, отвора нов фронт во војната и носи нови ризици за нафтениот пазар. Групата не извршила напади врз Израел од почетокот на примирјето во војната на земјата против Хамас во Газа во октомври.
Иако Хутите не соопштија дека ќе таргетираат танкери или други бродови што минуваат низ јужниот дел на Црвеното Море и теснецот Баб ел-Мандеб, тие имаат капацитет за тоа. Групата практично го затвори овој воден пат за поголемиот дел од западните бродски компании по почетокот на војната во Газа во 2023 година, принудувајќи ги бродовите да ги менуваат рутите и нарушувајќи важен транспортен коридор.
Пристаништето Јанбу во Саудиска Арабија, кое кралството го користи за извоз на нафта со цел да го заобиколи затворениот Ормускиот теснец, е во домет на ракетите на Хутите.
Засега, Хутите најверојатно ќе избегнуваат да таргетираат саудиски нафтени постројки, се наведува во белешка до клиенти на политичката консултантска компанија „Евразија груп“ (Eurasia Group) со седиште во Њујорк. Исламистичката група постигна примирје со Саудиска Арабија во 2022 година, кое во голема мера се одржа и вклучуваше одредени исплати од страна на саудиската влада кон области под контрола на Хутите.
„Иако Хутите треба да се прикажат како дел од воените напори, тие и понатаму се наклонети кон минимизирање на ризиците од подлабоко вклучување во конфликтот и кон одржување на премолчениот договор со Саудиска Арабија“, изјавија аналитичарите на „Евразија груп“, меѓу кои и Фирас Максад, во саботата. „Хутите сепак би можеле да таргетираат саудиски извоз на нафта под притисок од Иран во случај на ескалација.“
Иран во петокот изврши, како што ги опиша, одмазднички напади врз арапските држави од Заливот и Израел, по американско-израелските удари врз неговите нуклеарни постројки и челичарници.
Обединетите Арапски Емирати во саботата пријавија пожари во индустриската зона Кезад во емиратот Абу Даби, по пресретнување на балистички ракети при што беа ранети најмалку шест лица.
„Емиратс Глобал Алуминиум“ (Emirates Global Aluminum), најголемиот производител во регионот, соопшти дека неговиот објект Ал Тавила во Кезад е значително оштетен од ирански напади со дронови и ракети. Неколку часа подоцна, Иран нападна и објект управуван од „Алуминиум Бахреин“ (Aluminium Bahrain).
Напад врз воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија во петокот остави најмалку 15 американски војници ранети, од кои пет сериозно, и оштети повеќе авиони за дополнување гориво, објави Асошиејтед прес. Еден од оштетените авиони бил Е-3 Сентри, опремен со радар за рано предупредување и контрола од воздух, кој се користи за следење дронови и ракети, наведува „Волстрит журнал“.
Иран испукал шест балистички ракети и речиси 30 дронови кон базата, објави Асошиејтед прес, повикувајќи се на неименувани извори. Американската војска сѐ уште јавно не коментирше. Агенцијата додава дека повеќе од дваесетина американски војници биле ранети во ирански напади врз истата база — на околу 60 милји (97 километри) југоисточно од Ријад, во текот на изминатата недела.
Кувајт соопшти дека неговиот аеродром бил цел на повеќе напади со дронови во саботата, при што радарскиот систем претрпел значителна штета. Во Оман, пристаништето Салала било нападнато со повеќе дронови, што довело до прекин на операциите и повреда на едно лице.
Едно лице загинало во ирански напад врз Тел Авив, соопштија израелските служби за итни случаи. Израелската војска, исто така, соопшти дека девет војници се ранети, од кои најмалку еден потешко, во јужен Либан во петокот.
Американската војска, во објава на социјалните мрежи соопшти дека во саботата дека погодила повеќе од 11.000 цели и уништила над 150 ирански бродови од почетокот на конфликтот.
Ескалацијата ги засилува стравувањата дека конфликтот ќе се одолговлечи. Засега има малку знаци дека Иран и САД наскоро ќе седнат на мировни преговори, иако американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела притискаше за разговори. Тој го одложи рокот до 6 април за Техеран да се согласи повторно да го отвори клучниот Ормускиот теснец или да се соочи со уништување на своите електрани.
Иран одби предлог од 15 точки од Трамп, кој во суштина нудеше олеснување на санкциите во замена за демонтирање на нуклеарните постројки, намалување на ракетниот арсенал и повторно отворање на Ормускиот теснец. Овој воден пат, низ кој вообичаено минува околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас е речиси затворен откако САД и Израел ја започнаа војната на 28 февруари со напади врз Иран.
Иран, од своја страна, инсистира на воени репарации, признавање на одредена форма на контрола врз Ормускиот теснец и гаранции дека САД и Израел нема да го напаѓаат во иднина.
Министрите за надворешни работи на Пакистан, Саудиска Арабија, Турција и Египет треба да се состанат во Исламабад на 29 и 30 март за да разговараат за напорите за деескалација на конфликтот. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф разговарал повеќе од еден час со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во саботата, како дел од тие посреднички напори.
Пакистан се наметнува како клучен посредник и понуди да биде домаќин на евентуални разговори меѓу САД и Иран.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар во објава на Икс (Х) изјави дека Иран се согласил да дозволи 20 бродови под пакистанско знаме да поминат низ Ормускиот теснец и дека во иднина ќе дозволува по два дневно. „Ова е најава за мир“, рече тој.
Нафтата поскапува
Цените на нафтата продолжија да растат во изминатите денови, бидејќи оптимизмот кај трговците за брз прекин на огнот избледува. Брент нафтата во петокот затвори со над 112 долари за барел, со што вкупниот раст од почетокот на конфликтот надмина 55 отсто.
Конфликтот предизвика недостиг на гориво и ги засили стравувањата од забавен економски раст и забрзана инфлација, односно стагфлација, на глобално ниво.
Војната однесе повеќе од 4.500 животи, според владини и невладини организации. Околу три четвртини од жртвите се во Иран, додека речиси 1.100 лица загинале во Либан, каде што повеќе од еден милион луѓе се раселени. Десетици лица се убиени и во Израел и во арапските држави од Заливот.
Петочните воздушни напади на американско-израелскиот сојуз беа насочени кон истражувачки реактор за тешка вода, дел од нуклеарниот комплекс Арак во Иран, како и кон фабрика за производство на жолт колач во провинцијата Јазд. Погодени беа и две од најголемите челичарници во Иран.
Агенцијата Фарс објави експлозии во повеќе делови од Техеран рано во саботата, вклучително и напади во близина на аеродромот Мехрабад западно од главниот град, кој е главен центар за домашни летови.
Иако Трамп вели дека Иран треба да преговара за мир, тој истовремено порачува дека САД можат да продолжат со нападите врз Исламската Република. Во петокот изјави дека во Иран остануваат повеќе од 3.500 цели и дека „тоа ќе се заврши прилично брзо“.
„Сега разговараат, сакаат да постигнат договор“, им рече Трамп на новинарите во Мајами. „Иран е сериозно ослабен.“
Американскиот државен секретар Марко Рубио им рекол на своите колеги од Г-7 во петокот дека војната ќе трае уште неколку недели, но не и месеци, според лице запознаено со разговорот.
Продолжениот рок на Трамп до 6 април остава повеќе време САД да концентрираат трупи во регионот, при што растат шпекулациите за можна копнена операција.
Сепак, неговата администрација им сигнализира на сојузниците дека засега нема непосредни планови за копнена инвазија врз Иран, велат извори запознаени со внатрешните разговори, кои побарале да останат анонимни.