Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе ја разгледа најновата мировна понуда на Иран, но не ја исклучи можноста повторно да започне напади врз воени цели во Техеран доколку режимот „се однесува лошо“.
Трамп, обраќајќи им се на новинарите на Флорида во саботата, рече дека е запознаен со концептот на договорот што го понудил Иран, но набрзо изрази сомнеж дека најновата иранска понуда ќе биде задоволителна.
„Наскоро ќе го разгледам планот што Иран штотуку ни го испрати, но не верувам дека ќе биде прифатлив, бидејќи сè уште не платиле доволно висока цена за она што му го направија на човештвото и светот во текот на последните 47 години“, напиша веднаш потоа во објава на социјалната мрежа Truth Social.
Прочитај повеќе
Трамп незадоволен од предлогот на Иран, но сака да избегне нова воена акција
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази незадоволство од моменталниот тек на преговорите со Иран, но не се закани со нови воени дејствија.
02.05.2026
Иран достави нов предлог до САД, Ормускиот теснец останува затворен
Додека блокадата останува на сила и тензиите не попуштаат, Техеран и Вашингтон преку посредници се обидуваат да го извлечат кревкото примирје од застој и да го претворат во траен договор.
01.05.2026
Трамп ветува дека ќе го задржи притисокот врз Иран преку поморската блокада
Вашингтон инсистира на поморска коалиција за Ормускиот теснец, а истовремено Иран предупредува дека притисокот ќе ги зголеми цените на нафтата и ќе ги закочи преговорите.
01.05.2026
ОАЕ се подготвуваат за свет по нафтата
ОПЕК со децении ја диктира цената на енергијата и ги направи ОАЕ исклучително богати. Зошто тогаш би го напуштиле и ризикувале да го разнишаат најпрофитабилниот картел во светот?
01.05.2026
Американскиот претседател и претходно изрази незадоволство поради недостигот на напредок во мировните преговори, кажувајќи им на новинарите во петокот дека не е задоволен од она што Иран досега го предложил.
Цените на енергентите нагло пораснаа поради блокадата на стратешки важниот Ормуски теснец, поради што во Белата куќа владее загриженост дека републиканците би можеле да претрпат голем пораз на изборите за Конгресот во ноември.
„Само што разговаравме со Иран. Ќе видиме што ќе се случи“, рече тогаш и додаде дека би сакал да избегне нови судири во војната со Иран што започна со американски и израелски удари кон крајот на февруари. „Но би рекол дека не сум задоволен.“
Неколку илјади луѓе загинаа низ Блискиот Исток, главно во Иран и Либан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека Техеран е подготвен да продолжи со дипломатските напори доколку Американците го променат пристапот и се откажат од „прекумерните барања, заканувачката реторика и провокативните потези“. Додаде дека иранската војска останува во целосна подготвеност.
Ормускиот теснец, низ кој инаку минува околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас, е главната точка на спор. Иран инсистира дека САД мора да ја прекинат поморската блокада на неговите пристаништа пред Техеран да се согласи повторно да го отвори теснецот.
Белата куќа тврди дека блокадата дава резултати бидејќи влијае врз иранската економија и го отежнува извозот на нафта од Иран. Вашингтон се надева дека со одржување на блокадата ќе го принуди Иран на отстапки.
Иран веќе почна да го намалува производството, бидејќи неговите капацитети за складирање на нафта брзо се полнат, објави Bloomberg L.P. во саботата. Сепак, Техеран со децении се подготвува за вакви сценарија.
Според висок ирански функционер, кој не сакал да биде именуван бидејќи станува збор за чувствителни информации, Иран, наместо да чека резервоарите целосно да се наполнат, превентивно го намалува производството на сурова нафта за да избегне преполнување.
Цените на нафтата во петокот благо паднаа откако оваа недела достигнаа највисоки вредности од почетокот на војната. Нафтата од типот брент на затворањето на тргувањето беше близу 108 долари по барел, што значи дека во текот на неделата порасна за 2,7 отсто.
Цените на бензинот на пумпите во САД нагло пораснаа и сега се значително над четири долари по галон.
Трамп повеќепати тврдеше дека цените на енергентите брзо ќе паднат штом ќе заврши војната, како и дека преговорите со Иран се во застој поради поделби во иранското раководство.
Многу аналитичари за Блискиот Исток ја оспоруваат оваа теза и наведуваат дека, иако постојат разлики во тактиката меѓу иранските официјални лица, повеќето поддржуваат цврст став кон Вашингтон.
„Несогласувањата во власта не се причина за тековниот застој во преговорите, како што тврди администрацијата на Трамп“, наведоа аналитичарите Клиф Купчан и Грегори Бру во анализа објавена оваа недела. „Преговорите напредуваат бавно бидејќи иранското раководство се обидува да обезбеди предност и да издејствува подобра понуда од САД.“
Повеќе информации за војната:
Најголемата светска компанија за контејнерски транспорт, МСЦ (MSC Mediterranean Shipping Company), планира нова рута што ќе ја поврзува Европа со изолирани пристаништа на Блискиот Исток. Наместо да минува низ блокираниот Ормуски теснец, стоката ќе се транспортира со камиони преку Саудиска Арабија и со помали бродови во Персискиот Залив.
Непозната вооружена група киднапираше нафтен танкер „М/Т Еурека“ кај брегот на провинцијата Шабва во Јемен, соопшти јеменската крајбрежна стража со седиште во Аден, додавајќи дека бродот се движел кон Сомалија. Војната со Иран предизвика нов бран на пиратство кај брегот на Сомалија, оценува Европската унија.
Американскиот државен секретар Марко Рубио одобри забрзани испораки на оружје за Израел, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Притоа ја заобиколи стандардната процедура во Конгресот за да го забрза испраќањето ракети за противвоздушна одбрана и ласерски системи за наведување на Блискиот Исток.
Супертанкер поврзан со Индија, натоварен со течен нафтен гас, се обидува да помине низ Ормускиот теснец, што е редок случај и покажува колку земјата се бори да ја ублажи енергетската криза.
Американската нискобуџетна авиокомпанија „Спирит“ (Spirit Aviation Holdings Inc.) го прекина работењето поради растот на цените на горивото, додека планот за државна помош што го најавуваше Трамп пропадна.