Колумбискиот конзервативен сенатор и претседателски кандидат Мигел Урибе Турбај почина денеска, повеќе од два месеца откако беше застрелан за време на предизборен митинг во западна Богота.
Неговата сопруга Марија Клаудија Таразона ја потврди смртта на 39-годишникот рано утрово.
„Почивај во мир, љубов на мојот живот“, напиша таа во објава на Инстаграм.
Урибе Турбај беше критично ранет на 7 јуни, за време на предизборен митинг во главниот град на земјата, при што доби прострелни рани во главата и во ногата. Тој беше подложен на итна операција и остана хоспитализиран на интензивна нега до неговата смрт.
Осомничениот тинејџер беше уапсен на местото на настанот, а властите оттогаш приведоа неколку други лица.
Инцидентот предизвика нова загриженост за политичкото насилство во земјата.
Атентатот е најјакиот знак досега дека стабилноста на земјата се распаѓа една година пред претседателот Густаво Петро да ја напушти функцијата. Убиството на Урибе веројатно ќе ја преобликува претседателската трка во Колумбија во 2026 година, a на која досега нема јасен фаворит.
Илјадници Колумбијци облечени во бело маршираа низ целата земја во поддршка на закрепнувањето на Урибе и против насилството. Маршот во Богота беше најголемиот демонстративен протест во главниот град по повеќе од една деценија.
Урибе Турбај, сенатор од десничарската партија Демократски центар и внук на поранешниот претседател Хулио Сезар Турбај, беше отворен критичар на стратегијата за „тотален мир“ на Петро. Тој предупреди дека политиката на преговори со герилци и криминални групи ги охрабрила криминалците и повторно оставила делови од земјата ранливи.
Смртта на Урибе евоцира сеќавања на една потемна ера кога четири претседателски кандидати беа убиени во 1980-тите и почетокот на 1990-тите, за време на врвот на насилството меѓу картелите. Неговата мајка, новинарката Дајана Турбај, беше убиена во неуспешен обид за спасување во 1991 година, откако беше киднапирана од картелот Меделин на Пабло Ескобар.
Урибе, кој студирал на Универзитетот на Андите во Богота и на училиштето „Кенеди“ на Харвард, немал директна врска со поранешниот претседател Алваро Урибе Велез, но бил близок идеолошки сојузник.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...