Во ексклузивни коментари, Екрем Имамоглу изјави дека сè уште се надева дека ќе се кандидира за претседател, но сигнализира дека очекува долга правна битка. Најсилниот предизвикувач на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е подготвен да поддржи алтернативен кандидат доколку биде спречен да учествува на следните претседателски избори.
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е во затвор речиси пет месеци, рече дека е „во прашање демократскиот легитимитет“. Иако сè уште се надева дека ќе ја претставува опозициската алијанса, тој порача дека „не е време за колебање“, зборувајќи во своето прво интервју за странски медиуми по апсењето во март.
„Не сум наивен. Доколку официјално ми биде забрането, демократската опозиција сепак мора да се обедини“, наведе Имамоглу во писмен одговор на прашања доставени преку неговите советници. „Ако напредокот значи поддршка за друг кандидат, тој мора да ја продолжи нашата заедничка визија за правда, просперитет и мир“.
Прочитај повеќе

Трамп со нов сојузник во Европа: Националист стана претседател на Полска
Кандидатот на националистите поддржан од Доналд Трамп победи на претседателските избори во Полска, поразувајќи го центристичкиот градоначалник на Варшава.
02.06.2025

Ердоган ја држи опозицијата за врат, а економијата го држи него. Кој ќе победи?
Турција потресена од студентски протести по апсењето на лидерот на опозицијата
24.03.2025

Над 300 приведени во Турција, притворениот градоначалник сведочеше пет часа
Имамоглу беше уапсен во средата за време на рација во неговата резиденција
22.03.2025

Трет ден протести во Турција: Се стравува од ескалација
Илјадници луѓе излегоа на улиците во четвртокот вечерта, оспорувајќи ја забраната воведена од средата, при што властите се обидуваат да го спречат ризикот од ескалација на демонстрациите.
21.03.2025
Овие коментари покажуваат дека Имамоглу се подготвува за долга правна битка што би можела да го исклучи од изборите, а неговото можно отстранување од политичката сцена има последици што одат подалеку од Турција. По повеќе од две децении на власт, Ердоган (71) се обидува да задржи цврста контрола врз политиките – од Украина и Сирија до миграцијата и енергетските коридори. Иако моментално има поблиски односи со американското раководство под Доналд Трамп, Ердоган ги продлабочи врските со Русија, се отвори кон Кина и ги зајакна односите со заливските држави.
Имамоглу се позиционира како проевропски реформатор, ветувајќи полиберална, транспарентна и кооперативна надворешна и внатрешна политика.
Затворањето на 54-годишниот Имамоглу предизвика меѓународни критики од групи за човекови права и набљудувачи на демократијата, додека лирата потона, а Турција потроши 50 милијарди долари од резервите за да ја одбрани. (Централната банка го надомести поголемиот дел од загубата во месеците што следуваа.) Но политичките последици беа мали.
„Некои демократски влади, дури и оние што гласно зборуваат за човекови права и владеење на правото, замолкнаа кога се соочија со нашата реалност“, рече тој. „Ова не е прагматизам. Ова е кратковидост – и тоа опасна“.
Имамоглу се издигна на националната сцена откако во 2019 година ја презеде контролата врз Истанбул од владејачката партија АК (AK Party) – првиот голем изборен пораз на Ердоган по повеќе од две децении. Оттогаш, градоначалникот стана лице на ослабената опозиција и цел на сè поголем број судски процеси.
Неговото апсење годинава се случи неколку дена по долгогодишниот спор околу легитимноста на неговата универзитетска диплома, која беше поништенa во март – три децении по неговото дипломирање. Со таа одлука, донесена од Истанбулскиот универзитет, тој беше лишен од квалификациите потребни за кандидатура за претседател.
Тој се соочува со повеќе обвиненија, вклучувајќи и за корупција и поддршка на тероризам, а во јули беше осуден за закана кон обвинител. Сè уште не му е изречена забрана за учество во политиката, но тоа може да следува во зависност од исходот на случаите.
Имамоглу ги негира сите обвинувања и неговото притворање го нарече „транспарентен обид“ да се спречи неговото кандидирање за претседател, тврдејќи дека е политички организирано.
„Режимот избра да ја претвори бирократијата во оружје“, истакна тој во писмените коментари. Прашањето со дипломата е само едно од низата кафкијански судења (апсурдни и неправедни процеси слични на приказните на Франц Кафка)“.
Републиканската народна партија - РНП (CHP) на Имамоглу и неколку општини предводени од опозицијата исто така се под притисок. Стотици функционери беа приведени во широка истрага за корупција, започната по националните успеси на опозицијата на локалните избори во 2024 година.
„Мој совет до лидерите на РНП е да бидат трпеливи и да почекаат независното судство да ги донесе своите одлуки“, изјави Ердоган минатиот месец, обвинувајќи ја партијата дека „ги полага своите надежи“ на јавни демонстрации во поддршка на Имамоглу. „Тие се обидуваат да ги прикријат своите злосторства со поткопување на нашите судски институции и со ослободување на виновните преку улични протести“.
Едно од најпознатите судски рочишта е закажано за 8 септември, кога судијата ќе одлучи дали конгресот на РНП во 2023 година бил законски валиден. Токму тогаш сојузникот на Имамоглу, Озгур Озел, стана лидер на партијата.
„Доколку има обиди за поделба или саботирање на партијата преку правно мешање, нема да одговориме со паника“, рече Имамоглу. „Ќе одговориме со решителност“.
Името на Озел во последно време почна да се спомнува како можен консензуален кандидат доколку на Имамоглу му биде забрането да се кандидира на изборите, кои моментално се закажани за 2028 година, иако тој претходно изјави дека нема таква намера. Градоначалникот на Анкара, Манѕур Јаваш, се смета за уште еден силен потенцијален предизвикувач на Ердоган. Двајцата јавно ја изразија својата солидарност со Имамоглу по неговото апсење.
На претседателските избори во 2023 година, поранешниот лидер на РНП, Кемал Киличдароглу, се кандидираше против Ердоган, и покрај анкетите што покажуваа дека Имамоглу или Јаваш имаат поголеми шанси. Киличдароглу на крајот беше поразен.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...