Претседателот Доналд Трамп вети дека САД ќе им излезат во помош на иранските демонстранти доколку бидат нападнати од властите на Исламската Република.
„Ако Иран пука и насилно убива мирни демонстранти, што е нивна вообичаена практика, САД ќе им притекнат на помош“, напиша Трамп во објава на Truth Social рано во петокот. „Подготвени сме и спремни за дејствување.“
Секретарот на Иранскиот совет за безбедност, Али Лариџани, одговори на X, велејќи дека САД „треба да внимаваат на безбедноста на своите војници“.
Објавата на Трамп, околу 3 часот по полноќ по локално време во Вашингтон и доцна наутро во Иран, уследи откако протестите поради падот на валутата и наглиот раст на цените се проширија од Техеран, во градови низ целата земја. Падот на ријалот на рекордно ниско ниво ја влоши економската криза во земјата која и онака е погодена од тешки меѓународни санкции.
Во последните денови избувнаа судири меѓу цивили и безбедносните сили, а најмалку седум лица загинаа во четири града, според „Асошиејтед Прес“.
Трамп не прецизираше какви конкретни чекори би презел, а Белата куќа не одговори веднаш на прашањата испратени надвор од редовното работно време. Претходно оваа недела, американскиот претседател му се закани на Иран и поради прашањето за неговата нуклеарна програма.
Изјавите на Трамп укажуваат на подготвеност да интервенира во странски кризи од типот на оние од кои претходно вети дека ќе се држи настрана. Кампањата на неговата администрација против режимот на Николас Мадуро во Венецуела, вклучително и заплената на нафтени танкери и најмалку еден воздушен напад на копно, веќе вознемири дел од неговите поддржувачи.
„Трамп треба да знае дека мешањето на САД во ова внатрешно прашање би значело дестабилизација на целиот регион и уништување на американските интереси“, изјави Лариџани. „Правиме разлика меѓу ставот на револтираните трговци и дејствијата на деструктивните актери“, напиша тој.
Протестите продолжија и покрај ветувањето на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан да ги ревидира планираните зголемувања на даноците, оценувајќи ги барањата за промени како „легитимни“. Иако земјата е позната по насилно задушување на демонстрации, Иран има историја на масовни протестни движења — последно во 2019 и 2022 година.
Во понеделникот, Трамп предупреди на можни напади врз Иран по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, наведувајќи загриженост дека Техеран повторно ја гради нуклеарната програма и ги проширува балистичките ракетни капацитети, по заедничките американско-израелски напади во јуни.