„Мерцедес Бенц“ (Mercedes-Benz) претстави луксузно електрично комби токму во момент кога кинеските производители, кои брзо растат, сè повеќе навлегуваат во сегментот на премиум возила, кој некогаш беше силна тврдина на германската марка.
Новото ВЛЕ (VLE) ќе чини од околу 66.000 евра до приближно 130.000 евра за најопремената верзија, кога ќе се појави на пазарот во почетокот на следната година, соопшти „Мерцедес“ во вторникот. Производителот го надгради моделот со седишта што можат да се спуштаат, голем заден екран за забава и опционален фрижидер за вино – претворајќи го некогаш практичното семејно возило во луксузен подвижен салон.
Оваа промена е намерна. Комбито е дизајнирано да привлече богати семејства и компании што нудат услуги со возач во Кина, каде што луксузните модели на повеќенаменски возила станаа симбол на престиж. Како и „Порше“ и БМВ, „Мерцедес“ се соочува со пад на продажбата на најголемиот светски пазар на автомобили, додека локални производители како БЈД (BYD) и „Хуавеј“ (Huawei) сè повеќе навлегуваат во луксузниот сегмент.
Прочитај повеќе
Причини поради кои Германија не може да ја намали зависноста од Кина
Германските гиганти тивко тонат сè подлабоко во зависност од Кина, додека Берлин предупредува на сериозни ризици. Зад кулисите паниката се зголемува...
16.11.2025
Дали „Порше“ сè уште е луксузен бренд?
„Порше“, симболот на спортски луксуз и рафиниран инженеринг, се соочува со сериозен пад на вредноста и профитабилноста.
02.10.2025
„Порше“ и „Мерцедес“ научија скапа лекција - луксузните електрични возила не се продаваат
Слабата побарувачка за луксузни електрични возила ги принудува „Порше“ и „Мерцедес“ да го одложат производството на нови модели и да се вратат повторно на хибриди и бензинци.
25.09.2025
„Мерцедес“ ќе инвестира во кинеската „Чјанли“ за заеднички развој на автономни возила
Инвестицијата во „Чјанли“ го поврзува „Мерцедес“ уште поблиску со „Гили“, додека европските брендови се борат да опстанат на брзорастечкиот кинески пазар.
24.09.2025
Новиот „Мерцедес-Мајбах“ СЛ 680 не е за плашливите
Со грандиозен дизајн, моќен В-8 мотор и раскошна внатрешност, „Мерцедес-Мајбах“ СЛ 680 Монограм е симбол на луксуз кој ретко остава рамнодушни.
07.09.2025
„Мерцедес“ го претставува ВЛЕ како еден вид голема лимузина, рамо до рамо со моделот „С класа“ (Mercedes-Benz S‑Class).
„Убедени сме дека ова е производ што кинеските купувачи ќе го обожаваат“, изјави во интервју Томас Клајн, кој ја предводи секцијата за комби-возила на „Мерцедес“, истакнувајќи ги функциите како системот за ултравиолетова дезинфекција, кој е особено популарен во Азија. „Особено ги зедовме предвид нивните интереси кога започнавме со развојот на ова возило.“
„Мерцедес“ го позиционира моделот ВЛЕ како луксузен седан
Mercedes-Benz Group AG
Претставувањето на моделот се случува во момент кога извршниот директор Ола Келениус е под притисок да ја заживее стратегијата фокусирана на луксуз, која изгуби замав поради послабата продажба на електрични возила и сè поголемата конкуренција во Кина.
Со позиционирањето на ВЛЕ како луксузна лимузина, „Мерцедес“ сака да ги задржи купувачите во готовност да потрошат поголеми износи, кои инаку би се свртеле кон конкурентски производи по пониски цени. Бизнисот на одделот за комби-возила на „Мерцедес“ во последните години бележи добри резултати и оствари приспособена оперативна маржа од 10,2 отсто во 2025 година, во споредба со само пет отсто во секторот за патнички автомобили.
Покрај тоа, пошироката слика дополнително ја компликува ситуацијата. Обновените геополитички тензии по конфликтот со Иран предизвикаа нестабилност на енергетските пазари, што може да ја ослаби довербата на потрошувачите токму во момент кога производителите на автомобили се обидуваат да одржат високи цени. За „Мерцедес“, кој се потпира на купувачи подготвени да потрошат повеќе од 100.000 евра за возило, долгорочната нестабилност на пазарот би го зголемила ризикот.
Моделите дизајнирани за возење со личен возач доживуваат огромен раст на популарноста
Mercedes-Benz Group AG
Повеќенаменските возила, некогаш синоним за практичност, денес сè повеќе се позиционираат како луксузни производи – особено во Кина, каде што моделите дизајнирани за возење со професионален возач бележат голем раст на популарноста. „Мерцедес“ верува дека ВЛЕ, со планиран опсег на батеријата од околу 700 километри, би можел да освои дел од овој растечки пазар.
Конкуренцијата е, сепак, многу силна. Модели како „денза Д9“ (Denza D9) на БЈД, „хонгчи“ (Hongqi HQ9) на ФАВ (FAW Group), како и „ли ауто мега“ (Li Auto Mega) на „Ли ауто“ (Li Auto), нудат ентериери слични на салони, седишта за масажа и напредни системи за забава – често по пониски цени. Овие возила обично се длабоко интегрирани во кинеските дигитални екосистеми, со гласовни команди и беспрекорно поврзување со паметни телефони, што е многу привлечно за локалните купувачи.
Предизвикот за „Мерцедес“ надминува еден модел. Откако во 2022 година претстави стратешки пресврт, Келениус го премести фокусот на возила со поголеми профитни маржи и ја намали понудата на влезни модели, со ветување дека профитабилноста на производството на автомобили ќе остане најмалку осум отсто дури и во потешки пазарни услови. Сепак, профитабилноста ослабе како што конкуренцијата во Кина се зголемуваше, а раните луксузни електрични модели како лимузината EQS не успеаја да го постигнат очекуваниот пазарен успех.