Австралија се соочува со недостиг на марула, што доведе до скок на цените, па дури и го поттикна гигантот за брза храна KFC да става зелка во хамбургерите.
Компанијата ги информира клиентите дека ќе користи мешавина од марула и зелка во своите ресторани, наведувајќи го како причина прекинот во синџирот на снабдување, предизвикан од големите поплави на источниот брег кои уништиле поголем дел од посевите на марула.
Австралиските потрошувачи се погодени од високи цени на марулата и во продавниците. Купувачите на социјалните мрежи се жалат дека плаќаат околу 12 австралиски долари (8,61 американски долари) за една китка ајсберг марула.
Од зелена салата па до живина, во 2022 година има многу недостатоци во снабдувањето со храна. Ова е барем втор пат годинава KFC во Австралија да остане без клучните компоненти за некои од најпопуларните понуди - во јануари беше намалена понудата во менито поради недостиг на пилешко.
Недостигот на овошје и зеленчук во Австралија главно се должи на природни феномени како што се поплавите, велат од Австралиското биро за земјоделска економија и наука (ABARES). Државата продолжува да се бори со прекините во синџирот на снабдување поврзани со пандемијата и постојаниот недостиг на работна сила, како и со увозот на машини.
„Во нормални времиња, цените на овошјето и зеленчукот имаат тенденција да закрепнуваат релативно брзо и да се вратат во нормала бидејќи производството во другите области ги пополнува празнините во понудата“, соопштуваат од ABARES во кварталните прогнози. „Сепак, во периодот 2022-2023 година, речиси сите аспекти на синџирот на снабдување се соочуваат со инфлациски притисоци“.
Ова ја става Австралија, која е главен извозник на земјоделски производи, на исто ниво со остатокот од светот, бидејќи трошоците за храна растат. Руската инвазија на Украина ги потресе глобалните синџири на снабдување и ги зголеми цените на виталните земјоделски инпути, како што се ѓубривото и дизелот. Мерката за глобалните цени на храната на Обединетите нации е блиску до рекордно високо ниво.
Потрошувачките цени на овошјето и зеленчукот во Австралија нагло пораснаа во мартовскиот квартал, за 4,9 отсто и 6,6 отсто, соодветно, според ABARES.