Со години „Луј 13“ (Louis XIII) се соочува со необичен проблем.
Нивното решение: раскошни порцелански чинии.
„Визијата за ‘Луј 13’ е да стане вистински луксузен бренд, како ‘Хермес’“, вели извршната директорка Ан Лор Преса за проширувањето во сфера што не му припаѓа на светот на коњакот, туку на продажбата на чаши од изрезбан кристал и брендирани сечачи за цигари. „Никој не го прашува ‘Хермес’ зошто прави шминка“, продолжува таа. „Кога започнаа, правеа седла. Денес прават сè. И визијата за ‘Луј 13’ е иста – да биде луксузен бренд што го надминува самиот коњак.“
Чинијата од колекцијата Soil Is Our Soul го користи тероарот на коњакот како инспирација
Извор: Louis XIII
Преса, која претходно беше директорка на иновации за „Луј 13“, има изострен осет за тоа што го бараат колекционерите и како може брендот да се проширува. Стратегијата се потпира на гастрономијата и се обликува преку раскошни вечери во врвни ресторани и бутици низ светот. За лансирањето на шишенца „рер каск 42.1“ (Rare Cask) од 50.000 долари во 2023 година, на пример, ги угостија најдобрите клиенти во Венеција на повеќедневен спектакл. Овие редовни вечери се исто така начин на кој клиентите можат да ги дополнат своите шишенца (со попуст од 10 отсто) преку програмата „Инфинити вил“ (Infinity Wheel).
Колекцијата „Арт де ла табл“ (Art de la Table) е наменета за уметноста на животот (l’art de vivre), вели Преса, мислејќи на целокупното искуство што го бараат љубителите на „Луј 13“.
„Нашите клиенти прашуваат: Ги имам сите шишенца од ‘Луј 13’, зошто не правите повеќе?’“, вели таа.
За колекцијата садови, „Луј 13“ се здружил со „Џ.Л. Коке“ (J.L Coquet), историска куќа од Франција, позната по својот исклучително бел порцелан и раскошен дизајн. Ако сте јаделе во ресторан со повеќе ѕвездички од „Мишелин“, голема е веројатноста дека сте биле послужени со нивната колекција „Хемисфер“ (Hemisphere).
„Џ.Л. Коке“ изработи два дизајна инспирирани од „Луј 13“. Првата колекција, „Соил ис аур соул“ (Soil Is Our Soul), се фокусира на тероар, и тоа буквално – со помош на 3Д-скенер било снимано земјиштето, а контурите на земјата биле отпечатени на рабовите на порцеланските чинии. Секој предмет е глазиран, а потоа делумно избришан за да се истакне текстурата. Изработката траела три- четири недели, вклучувајќи 15 фази и работа на 40 занаетчии.
Чинијата од колекцијата Light of Time е инспирирана од светлосното искуство на уживање во коњак
Извор: Louis XIII
Втората колекција, „Лајт оф тајм“ (Light of Time), опфатила 20 фази и донела новина за порцеланската куќа. „Луј 13“ сакал да ја истакне светлината и транспарентноста, па „Џ.Л. Коке“ дизајнирал чинии толку тенки што низ нив поминува светлина. На долната страна на рабовите се врежани фасети што потсетуваат на светкавиот ефект на кристалните чаши за коњак. Работ на секоја чинија има рачно нацртана бакарна линија, која се надоврзува на бакарните казани користени во производството.
Во секоја колекција ќе бидат понудени по шест парчиња, кои можат да се купат онлајн поединечно (од 500 долари) или во сет (3.400–4.000 долари): голема чинија, чинија за супа, чинија за ориз, чинија за десерт, сет за чај и сет за кафе. „Џ.Л. Коке“ ќе изработи ограничени 750 сета по колекција, при што секој предмет ќе биде нумериран и обележан со година. (Зошто 750? Специјалните тиерсон-буриња што „Луј 13“ ги користи за стареење на своите дестилати даваат точно 750 шишиња.)
Преса вели дека планот е на секои две години да се претстави нешто ново во колекцијата „Арт де ла табл“. Љубителите на коњакот ќе мора да почекаат кога е станува збор за – ружот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...