text size
Новата електрична четка за заби на „Дајсон“ (Dyson) во препознатлива розева нијанса и со премиум цена од 490 евра наметна нови стандарди на глобалниот пазар за лична хигиена, но и жестока дебата околу тоа дали нејзините футуристички функции навистина ја оправдуваат цената и носат реална корист.
Според спецификациите на производителот, техничките карактеристики на уредот се импресивни. Тој користи вградена макро камера со резолуција од 100.000 пиксели и ВИ технологијата Gap Optical Targeting™, која автоматски ја скенира устата, го детектира просторот меѓу забите и испушта прецизни млазови течност онаму каде што е потребно. Има три режими на чистење и три нивоа на интензитет, како и сензори кои предупредуваат при прекумерен притисок или неправилна техника. Уредот може да се поврзе и со апликацијата MyDyson, каде што корисникот може да следи како ги чисти забите и колку темелно го извршил четкањето.
Уредот тежи 230 грама, има батерија со траење до 10 дена, отпорен е на вода и доаѓа со станица за полнење и дополнување на течноста, како и патна футрола, пишува во каталогот
„Дајсон“ помина шест години развивајќи ја технологијата за паметната четка | Dyson
Овој амбициозен гаџет на глобалниот пазар дебитира минатиот месец со огромна маркетинг кампања, но веднаш по лансирањето на производот во САД на осми септември, производителот се соочи со неочекуван проблем. Познатиот специјализиран магазин за технологија The Verge напиша дека веќе следниот ден корисници пријавиле вода во одделот за батеријата и дефекти по само 30 секунди употреба, а примерок тестиран од Consumer Reports (американската непрофитна организација позната по независното тестирање на производи) престанал да работи за помалку од 24 часа. До 15 септември, продажбата била прекината во САД, Велика Британија и Сингапур.
Компанијата призна дека идентификувала проблем со една компонента што влијае на „мал број“ уреди од раните серии и дека истите се изолирани. Сепак, не откри која е компонентата, каков дефект предизвикува, колку уреди се погодени и зошто не е издадено формално повлекување, а исчезнувањето на производот од продавниците го објасни со силната глобална побарувачка и брзото исцрпување на залихите.
Вреди ли да се инвестира во ваков скап уред?
Додека „Дајсон“ се бори со сопствените иновации, бранот на паметни стоматолошки гаџети веќе одамна е реалност и во регионот Адрија. Локалните синџири за бела техника, специјализираните продавници за технологија и подобро снабдените аптеки се преплавени со напредни уреди кои станаа секојдневие во домовите. Од сонични четки со бежично поврзување кои ги анализираат навиките на корисникот преку мобилни апликации, па сè до стационарни и преносни тушеви за заби, и македонските потрошувачи веќе трошат сериозни буџети на овие технолошки помагала.
Технологијата Dyson CameraJet користи снимање, машинско учење и прецизна динамика на флуиди за да идентификува простори помеѓу забите и да насочи прецизен млаз течност директно кон тие области | Dyson
Овој спој на високата технологија и секојдневната лична хигиена наметнува повеќе сериозни прашања што ги засегаат крајните потрошувачи, меѓу кои и она најважното, а тоа е дали овие скапи апарати навистина нудат супериорна медицинска заштита во однос на класичните методи.
„Најскапиот уред не е автоматски и најдобрата заштита. Ако пациентот правилно и редовно ги четка забите со обична четка и ги чисти меѓузабните простори, нема потреба да купува „паметна“ четка за да има здрава уста. Технологијата вреди кога решава конкретен проблем во навиките на пациентот. Во спротивно е само статусен симбол“, вели Д-р Ана Александровска, специјалист по стоматолошка протетика.
Во разговор за „Блумберг Адрија“ таа истакнува дека случајот со „Дајсон“ само покажува колку е важно новите уреди темелно да се тестираат пред да стигнат до пациентите.
„Кај уреди што комбинираат вода, електроника и батерија, техничката сигурност мора да биде приоритет. Производителите треба јасно да покажат дека производот е безбеден, траен и дека навистина носи корист во секојдневната употреба. Убави функции и силен бренд сами по себе не се доволни“, вели таа.
Според неа, при изборот на ваква технологија поважно е каква практична корист има за пациентот отколку колку напредна изгледа на хартија.
„Четка за заби од 500 евра е како Порше. Може да има одличен дизајн, удобност и напредни функции, но тоа не значи дека ќе ги чисти забите петпати подобро од квалитетна електрична четка од 100 евра. За повеќето луѓе, правилната техника, редовното четкање и чистењето меѓу забите се поважни од цената на четката. Ако дополнителните функции ви помагаат да четкате подобро и поредовно, тогаш лично за вас може да вреди“, објаснува Александровска.
Што е клучно за оралната хигиена?
Поскапиот уред сепак може да има практична вредност. Тоа, според докторката, потенцијално може да се одрази и на трошоците на долг рок, бидејќи добрата орална
хигиена го намалува натрупувањето на дентален плак и ризикот од кариес и заболувања на непцата, кои можат да доведат до посложени и поскапи стоматолошки интервенции.
„Сепак, заштедата не ја гарантира цената на четката. Клучни се начинот на употреба, чистењето меѓу забите и редовните прегледи. Пациент што правилно користи добра, поевтина електрична или обична четка исто така може одлично да ја одржува оралната хигиена“, нагласува таа.
Кај уредот кој експресно ја разбранува јавноста, дел од оправданоста на повисоката цена се потпира токму на технологијата што треба да му помогне на корисникот да не ги прескокнува деловите од устата и да не притиска премногу. Според нашата соговорничка, таквите функции имаат смисла кога решаваат конкретен проблем и дека технологијата е оправдана кога му помага на човекот подобро да ги исчисти забите
Клучни факти
9 од 10 луѓе не користат конец за заби толку редовно колку што треба.
Во просек, луѓето ги мијат забите 45 секунди, што е значително помалку од препорачаните две минути.
Се проценува дека речиси 3,7 милијарди луѓе ширум светот живеат со орални заболувања.
Постојат сè повеќе докази што го поврзуваат оралното здравје со пошироки здравствени состојби, вклучувајќи срцеви заболувања и Алцхајмерова болест.
Извор: „Дајсон медија рум“ (Dyson Media Room)
„Сензорот за притисок е корисен за оние што четкаат пресилно. Ги предупредува навреме и може да помогне да се намали ризикот од повлекување на непцата и абразија на забните површини. Потсетникот за пропуштени зони, пак, помага четкањето да биде потемелно. Водениот млаз е корисен за чистење меѓу забите, особено за луѓе на кои конецот им е тежок за користење. Сепак, кај тесните контакти меѓу забите и понатаму го препорачувам конецот кој механички поминува по површината на забот. Затоа изборот на помагало би го приспособила на пациентот. Најважно е меѓузабното чистење навистина да се прави редовно и правилно“, детално објаснува.
Александровска вели дека електричната четка не мора да биде најнова или најскапа за да биде корисна и дека нејзината главна предност е во тоа што на дел од корисниците им помага полесно да развијат правилна и конзистентна рутина.
„Предноста на електричната четка е што им помага на многу луѓе потемелно и поконзистентно да ги исчеткаат забите. Главата кај електричните четки сама ги изведува движењата, а тајмерот и сензорот за притисок помагаат да се четка доволно долго и без пресилно притискање. Истражувањата покажуваат дека електричните четки, во просек, отстрануваат повеќе плак и го намалуваат воспалението на непцата во споредба со обичните четки“, вели таа.
Не постои една четка која е најдобра за сите
Препораката ја дава индивидуално. Како што појаснува, некој може одлично да ја одржува хигиената со обична четка, додека кај друг електричната технологија може да направи значајна разлика.
„Ако пациентот има одлична хигиена со обична четка, нема потреба да ја менува само затоа што се појавила понова технологија. Електрична четка особено препорачувам кога гледам дека и покрај редовното четкање останува плак или пациентот тешко ја совладува техниката“, истакнува таа.
Александровска резимира дека без оглед на тоа дали четката има камера, сензори и ВИ или е многу поедноставен модел, критериумот останува практичен.
„Добрата четка е онаа со која пациентот може темелно, нежно и редовно да ги исчисти сите површини на забите. Ако и покрај тоа постојано останува плак, стоматологот може да помогне во изборот на четка и да ја покаже правилната техника“, завршува таа.